ВЛАДИМИР БОРОЗАНОВ:
ИЗВЕШТАЈ ЗА РАБОТАТА ЗА ПЕРИОДОТ 2009 И 2010 ГОДИНА
Во изминатиот период одржани се 19 седници на Извршниот одбор каде се разгледани 114 точки ставени на дневен ред. Во нашите активности беа вклучени голем број членови и експерти. Сите работни тела на Комората беа широко отворени за соработка, кооперативни во разгледување на сите предлози и подготвени за аргументирана расправа за секој одделен проблем. Во тој контекст биле остварени и повеќе директни средби со министерот за здравството на Република Македонија, со директорите на Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија и со компетентни функционери на овие институции. Сложеноста на проблематиката условуваше овие разговори не секогаш да бидат заклучени согласно нашиве предлози и барања. Впрочем, како и во секој преговарачки контекст, и нашите настојувања неизбежно морале да бидат усогласувани со постоечката законска регулатива, во рамките на која статусот на ЛКМ сè уште не е прецизно одреден: во постоечкиот Закон за здравствена заштита не е дефинирана улогата на комората; не е законски регулирано функционирањето на трилатералната комисија (координативното тело) која би функционирало при Министерството за здравство; во Законот за здравственото осигурување не е внесена измената според која ФЗО би бил обврзан од ЛКМ да бара мислење за суштествени/стратешки одлуки што ги носи. Потребата од законски овие промени била согледана, а потоа и ветена од страна на министерот. За жал, овие ветувања сè уште не се ефектуирани.
Сето ова придонесе нашите заложби, разговори и преговори многупати да бидат заклучувани со разумен компромис. Некогаш, за жал, нашите комнуникации со здравствените власти биле безмалку еднонасочни – од нас кон нив, при што учество на нашите претставници било сведувано само на искажување на ставовите на ЛКМ. Во еден миг, дури, дојде и до целосно прекинување на комуникациите меѓу ЛКМ, Министерството за здравство и ФЗО, односно до замрзнување на односите помеѓу овие три важни партиципиенти во спроведувањето на реформите во македонското здравство.
Со министерот за здравство беа остварени неколку средби на кои беше истакната улогата на Комората во креирањето на законската регулатива (донесување на Закон за докторска дејност) и подзаконската регулатива во здравството, која дирекно ја засега докторската фела, со цел поквалитетна здравствена заштита во интерес на пациентите.
1. АКТИВНОСТИТЕ ПО ОДНОС НА ФЗО
Во текот на преговорите со Фондот за здравствено осигурување, насочени кон примарната здравствена заштита, постигнавме неколку круцијални договори.
Во јануари 2009 година успеавме да ја покачиме вредноста на капитацијата на 50 денари. За жал, овој договор важеше до 1 април 2010 година, кога стапија на сила анти- кризните мерки на Владата на Република Македонија. Мерките ги зафатија и овој сегмент. Реагирајќи на ваквата рестриктивна одлука, ЛКМ ги искористи сите можности: ја инициравме и ја реализиравме средбата со премиерот и со други членови на Владата, на која претседателот и двајцата потпретседатели на ЛКМ аргументирано го предочиле нашето незадоволство од донесените анти- кризни мерки. Беше постигнат договор здравствените власти да извршат анализа за постигнатите ефекти и можностите состојбите да се поправат. Оттогаш до денес, ЛКМ упорно инсистира овој заклучок да се спроведе. За жал, никаков извештај за ова не сме добиле по официјален пат. Меѓутоа, неодамна премиерот јавно го искажа ставот дека се создадени услови за враќањето на вредноста на бодот во примарната здравствена заштита на поранешниот износ. Ова го потврди и ФЗО, истакнувајќи дека корекцијата на вредноста ќе се применува од март оваа година.
Во текот на истиот период, двапати успеавме да договориме намалување на казните нормирани во договорите склучени со ФЗО, намалување на контролите и значајно подобрување на нивниот квалитет, како и учество на нашите претставници при нивното изрекување.
Заради подобрување на комуникацијата/соработката помеѓу докторите и ФЗО, успеавме да делегираме по еден претставник на ЛКМ во неговите подрачни единици.
ЛКМ го следеше процесот на воведување на електронска здравствена картичка и систем за воведување на интегрален информатички здравствен систем.
Нашите заложби за одобрување на опремувањето на ординациите во ПЗЗ начелно се прифатени, ама сè уште не се ефектуирани.
По однос на специјализацијата на семејна медицина, како проект на Владата, наши сугестии беа прифатени во значителен број: намалена е цената на доедукација, прифатен е предлогот за отворање на нови едукативни центри и за акредитација на здравствените институции, преку кои проектот треба да се доближи кон матичните доктори.
Во секундарната здравствена заштита учествуваме во утврдување на пакетите на здравствените услуги во специјалистичко-консултативната дејност. За жал, и покрај ветувањата, спроведената едукација и преземената обврска ФЗО редовно да не информира за нивната имплементација, првите корекции беа направени дури во ноември 2010. ЛКМ не е задоволна од резултатите постигнати на овој план, макар што треба да се констатира дека извесни подобрувања на договорите се забележуваат кон самиот крај на 2010.
Во терциерната/болничката здравствена заштита, ЛКМ имаше мало влијание, што објективно се должи на организациониот модел на македонското здравство. Големи напори се вложени во подобрувањето на системот за наградување во специјалистичко-консултативнта и болничката секундарна и терциерна здравствена заштита. Била изготвена анализа на состојбите во терциерното здравство и предлози за подобрување на овој сегмент на здравствената заштита. Анализата и предлозите биле презентирани до здравствените власти и до Владата на Република Македонија, ама не доживеале имплементација.
Во меѓувреме актуелен стана проектот за наградување на докторите според учинок. ЛКМ по ова прашање зазеде енергичен став: овој проект подразбира подолго време за подготовки и имплементација. За да се спроведе консеквентно, треба претходно да се утврдат прецизни критериуми и мерила, да се обезбедат додатни средства за финансирање на стручната работа на лекарите наместо – како што започна да се спроведува – вреднувањето на лекарскиот труд да се прави така што од фиксниот буџет, дефинитивно несоодветен кон потребите, на едните да им се одзема за на другите да им се даде. Бизарноста на ваквата постапка можеби најдобро се согледува по однос на здравстената администрација, која овој концепт воопшто не ја засега.
2. ЗАКОН ЗА ЗДРАВСТВЕНА ЗАШТИТА
Во 2009 година Извршниот одбор на ЛКМ го разгледа Предлог - законот за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита и ги даде своите забелешки по однос на воведување санкции за примање и давање поткуп, веќе регулирани со другите закони.
Во текот на 2010 година Извршниот одбор на ЛКМ повеќекратно го разгледуваше работниот текст на работниот текст на нов Законот за здравствена заштита, а подготвен од Министерството за здравство. Разбирајќи ја сериозно потребата за нашето партиципирање во процесот на донесувањето на новит закон, ЛКМ спроведе бројни консултации во рамките на фелата и со здравтствените власти. Овие консултации резултираа со бројни општи и посебни забелешки насочени кон: а) статусот на ЛКМ, б) обединување на функцијата на јавното и приватното здравство в) озаконување на мрежата на здравствени установи и здравствена дејност г) дефинирање на функциите на здравствените установи и нивното управување/раководење д) одредување на статусот на здравствените работници и соработници е) доменот на концесијата и надзор.
Сите наши забелешки биле уредно доставувани до предлагачот. Како што знаеме, текстот на Законот сеуште не е доведен до финалната верзија, така што не можеме да процениме како забелешките на ЛКМ се вреднувани и во кој обем се прифатени.
По долгогодишните настојувања, ЛКМ успешно ги заврши подготовките за донесување закон за докторска дејност: заедно со правниците од Министерство за здравство, членовите на комората учествуваа во пишувањето на сите верзии на текстот на законот, вклучително и на завршната. Текстот е предаден до Министерството за здравство. Неофицијално дознаваме дека процедурата за неговото усвојување е штотуку покрената.
ЛКМ имаше активна и значајна улога и во процесот на подготвувањето на Законот за признавање на професионалните квалификации, како еден од повеќето закони со кои нашата законска регулатива се усогласува со регулативата на Европската унија. Како и во случајот со Законот за докторската дејност, бројните претставници на ЛКМ со своето знаење и искуство значително помогнаа во изнаоѓање на соодветни решенија. Треба да се нагласи и активната соработка со Министерството за здравство, кое подготовките на овој закон ги имплементира во еден од проектите на Министрството за образование и наука.
3. КОМИТЕТ ЗА УНАПРЕДУВАЊЕ НА ЗДРАВСТВОТО
Преку неколкумина свои еминентни претставници, ЛКМ активно учествуваше во работата на Комитетот за унапредување на здравството, формиран при Министерството за здравство. Задачите на овој комитет се насочени кон согледување на состојбата во здравството на Република Македонија, предлагање насоки за нивното подобрување, следење на реформите во областа на здравството и постигање на консензус со сите заинтересирани страни во Република Македонија, вклучувајќи ги и развојните партнери, особено Светската здравствена организација и Агенцијата за меѓународен развој на САД.
За жал, мораме да констатираме дека, наспроти заложбите на многумина наши колеги, активностите на овој комитет замреле. Овој проект, кој можеше да има важно место во здравствената политика, не е реализиран.
4. МЕЃУНАРОДНА СОРАБОТКА
1. ЗЕВА
Помеѓу 30 септември и 2 октомври 2010 Лекарската комора на Република Македонија беше домаќин на претставниците на симпозиумот на лекарските комори на централна и источна Европа, кој се одржа во Скопје. На стручниот собир на оваа престижна асоцијација, една најреспектабилните во Европа и светот, беа поканети 26 држави. Собирот може да се оцени како исклучително успешен
Во ноември 2010, на годишниот состанок на Европскиот форум на докторски асоцијации (ЕФМА), одржан во Сан Петербург, ЛКМ беше примена полноправното членство на оваа еминентна асоцијација.
4. ПАТУВАЊА
Преставници на ЛКМ Комората присуствуваа на 13 конгрес на докторите по општа медицина во Црна Гора (мај 2009 година), на годишното собрание на Германската комора (мај 2009 година), на семинарот “Лекарска грешка” (декември 2009), организиран од Регионалната лекарска комора на Војводина и на Годишното собрание на Германската комора (мај 2010) во Дрезден.
Почитувани колеги!
Убеден сум дека ќе се согласите оти фактите наведени во ова искажување ја потврдуваат сериозната ангажираност на нашите членови во одговорното реализирање на програмите на ЛКМ. Сакам да нагласам дека таа ангажираност се одвиваше во релативно сложени услови, многупати во тензични околности. Требаше многу трпение и умешност ваквите околности да се надминат во полза на реафирмирање на Комората како институција, особено имајќи го предвид фактот дека нејзиниот нормативен статус во новите општествени услови е битно изменет.
Во мигот сме исправени пред обврската да го спроведеме процесот на релиценцирање, низ кој мораме да поминеме сериозно и одговорно. Како што знаете, овластувањето за спроведување на релиценцирањето нам ни е пренесено со одлука на Министерството за здравство, односно на законодавецот – Собранието на Република Македонија. Мораме да ги мобилизираме сите капацитети – не само како институција туку и како нејзините членови-поединци – за да ја покажеме зрелоста која ЛКМ ќе ја потврди како инстанца без која процесот на реформирањето на македонското здравство не може да се реализира. По завршувањето, задолжително ќе го анализираме целиот овој процес, темелно ќе расправаме за него и одговорно ќе ги процениме неговите предности и недостатоци.
Досега вложивме големи напори за да го олесниме процесот на релиценцирањето, кој е од витален интерес за секој лекар во оваа земја. Очекуваме и натаму да ја користите отвореноста на ЛКМ кон сите субјекти во општесвото, да ги негувате коректни и колегијални односи, да не дозволувате раслојување во еснафот, меѓусебно да се поддржувате и активно да партиципирате во сите наши активности.