ТРЕТА СЕДНИЦА НА СОБРАНИЕТО НА ЛЕКАРСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА
НОВА СЕДНИЦА ЗА ДВЕ НЕДЕЛИ
На почетокот д-р Живко Даскаловски, претседател на Собранието на Лекарската комора констатираше дека присуствуваат 44 членови на Собранието и дека тоа може полноважно да работи.
Пред да го предложи дневниот ред членовите на Собранието со неколку забелешки го усвоија записникот од претходната седница. Забелешките се однесуваа за испуштање на делови од дискусијата на некои членови на Собранието.
Веднаш потоа претседателот го предложи дневниот ред што го добија сите членови на Собранието. Претседателот најави измена на дневниот ред со тоа што најнапред треба да се верификуваат мандатите на двајца нови членови на Собранието од општинската организација на Гостивар. Д-р Радмила Ончева предложи на Собранието да се расправа за проектот на Владата и Министерството за здравство за наградување според придонесот во работата кој почна да се применува најпрвин во пет, а потоа и во 12 здравствени установи.
Членовите на Собранието едногласно го прифатија дневниот ред.
Од името на Верификационата комисија д-р Коле Неделковски предложи да се верификуваат мандатите на д-р Мухарем Салиу, како претседател на Општинската организација и Илберт Адеми за нови членови на Собранието. Едногласно беше прифатен предлогот и им беа верификувани мандатите на претставниците од Општинската организација на Гостивар.
Откако претседателот на Собранието објасни дека извештаите на органите и телата на Лекарската комора се поделени и за нив не треба образложение, предложи за нив и за извештајот на претседателот на Лекарската комора да се расправа заедно. Предлогот беше едногласно прифатен.
Претседателот на Собранието му даде збор на проф. д-р Владимир Борозанов. (Излагањето на претседателот го пренесуваме во целост).
По уводното излагање се разви богата дискусија во која учествуваа петнаесетина членови на Собранието. Во дискусијата беше забележано дека е недопуштено за две години да не се состане Собранието. Според статутот Собранието треба да се состанува најмалку еднаш во текот на годината. Исто така дискутантите забележаа дека не е реализиран заклучокот на Собранието, заради подобар увид во работата на Извршниот одбор, записниците од седниците да ги добиваат сите претседатели на општинските одбори и да се објавуваат во “Vox Medici” и на Веб страницата на Комората. Исто така, беше забележано од дискутантите дека не е реализиран уште еден заклучок, секоја година претседателите на комисиите да поднесуваат извештај за работата. Една од забелешки беше тека не е почитувана одлуката на Собранието во рок од три месеци да се донесат измени дополнувања на Статутот на Лекарската комора.
Откако заврши дискусијата по извештаите на Комисијата за етичко- правни прашања, за следење на реформите во здравството, за стручни прашања и за приватно здравство, како и излагањето на претседателот, беа едногласно усвоени. Беше заклучено сите заклучоци да почнат да се спроведуваат, а потпретседателот на Извршниот одбор, д-р Стоје Стојмановски да формира тим за измени и дополнување на статутот на Лекарската комора.
Во расправата по третата точка, околу наградувањето според резултатите од работата, членовите на Собранието не се согласија да продолжи примената на проектот додека докторите не бидат детално запознаени со целиот проект. Исто така беше побарано да не се намалуваат платите на сметка на тоа да се наградуваат оние што најмногу работат, да се подготват критериуми врз основа на кои ќе се врши наградувањето. Дискутантите заложија наградувањето да се однесува и на раководните структури, но и на сите вработени во здравствените установи и слично.
Членовите на Собранието го усвоија Извештајот на Надзорниот одбор за материјално-финансиското работење за 2009 година, Одлуката за усвојување на годишната пресметка за 2009 година, со извештајот за финансиското работење и Одлуката за усвојување на финансискиот план за 2010 година.
По шестата точка Собранието го усвои предлогот, да им го продолжи мандатот на досегашниот состав на Комисијата за доделување на награда за постигнувања во областа на здравството “Св. Наум Охридски”, бидејќи претходниот им престана во март минатата година. Претседател на Комисијата е проф. д-р Илија Џонов, а членови д-р Лидија Панчевска-Андоновска, д-р Ѓеорги Петков, д-р Вангел Трајчулески и д-р Беким Татеши.
На крајот од седницата беше договорено во рок од две недели да се одржи нова седница на Собранието на кое би се разгледале актуелните прашања во врска со новиот закон за здравствена заштита, примената на проектот за наградување според резултатите од работата, примената на Законот за јавни службеници, законот за доктори и слично. Во овој контекст беше одлучено дека по елаборирањето на сите овие прашања Собранието треба да донесе заклучок какви чекори ќе преземе доколку здравствените власти немаат слух за барањата на Лекарската комора на Република Македонија.