XVII СИМПОЗИУМ НА КОМОРИТЕ НА ЦЕНТРАЛНА И ИСТОЧНА ЕВРОПА
МАКЕДОНИЈА И ЛКМ ПО ВТОР ПАТ ДОМАЌИНИ
Од 30 септември до 2 октомври Лекарската комора на Република Македонија ќе биде домаќин на претставниците на лекарските комори на централна и источна Европа. Средбата ќе се одржи во Скопје во хотелот „Холидеј Ин”.
На состанокот на оваа престижна асоцијација, една најреспектабилните во Европа и светот, се поканети 26 држави од Стариот континент. Освен неколкуте откажувања се очекува во Скопје да пристигнат делегации на над 20 држави.
Инаку, Лекарската комора на Република Македонија по втор пат е домаќин на симпозиумот кој го доби името ЗЕВА. Тоа се случи во јуни 2002 година. Тогаш во ЗЕВА членуваа медицинските асоцијации на 11 земји. Во Скопје, на 9 симпозиум присуствуваа делегациите на седум држави и Македонија како домаќин. Во главниот град на Македонија допатуваа делегациите на Германија, Хрватска, Полска, Чешка, Австрија, Романија и Албанија. Учеството го откажаа Унгарија и Словачка. Од оправдани причини на состанокот во Скопје не присуствуваше претседателот на Лекарската комора на Словенија. Во таа прилика како гости на Лекарската комора на Република Македонија во Скопје допатуваа делегација на Бугарскиот лекарски сојуз.
Учесниците на Симпозиумот 2002 година во Скопје |
Од работниот дел на Симпозиумот |
Денес ова движење го сочинуваат 25 држави. На состанокот, минатата година во Белград беше одлучено, Лекарската комора на Република Македонија да биде домаќин на овогодишниот состанок на ЗЕВА. Во рамките на подготовките за состанокот беа одржани повеќе средби и договори околу работата и темите за годинешното свикување. Особено значајна беше соработката со Лекарската комора на Германија.
По договорите и консултациите беа утврдени ориентациони теми на кои ќе се расправа на состанокот во Скопје. Првата тема е Триаголникот доктор-пациент-здравствена установа. Тоа актуелна тема која почива врз хумани, социјални и економски услови и можности. Односите меѓу трите клучни фактори на здравствениот систем што функционираат исклучиво врз политиките на власта, во лицето на Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување како сервис на рационално користење на средствата на граѓаните.
Втората тема е Докторот меѓу објективните и реалните можности како резултат на организационите, правните и технолошки предизвици. Давање здравствена заштита е условена од објективните услови и ограничените можности на потрошувачката на државата врз основа на бруто националниот доход - пер капита. Колку е можно да се обезбедат услови за квалитетна заштита во ситуација на ограничување на здравствената потрошувачка, како светски тренд.
Следната тема е Нови форми на континуирана медицинска едукација како дел од професионална медицинска наобразба. Континуираната медицинска едукација е единствен начин да се одржува чекорот со современите трендови во здравството во светот и нивната примена во ограничен здравствен систем. Како да се обезбеди континуирана професионална едукација како интерес на здравствените власти и фондовите како услови за рационално и квалитетно трошење на здравствениот денар.
Ќе се расправа и за Односите со Фондот за здравствено осигурување-нивоата на здравствена заштита, начинот на договарање на здравствените услуги и интелектуалниот труд и можностите на општеството. Активната улога на учесниците во здравствениот систем во правец на утврдувањето на максималниот минимум на здравственото обезбедување. Каде е местото на стожерот на здравствениот систем носителот на дејноста, на докторот и вреднувањето на неговиот интелектуален труд спроти граѓаните кои го создаваат здравствениот капитал што е во функција на одржливост здравствениот систем, со солидарна компонента.
Петтата тема е Медицинско-етичките аспекти во контекст на докторското соочување со проблемите, непотполната и неусогласена законска регулатива и можноста државата да обезбеди квалитетно јавно здравство. Во овој контекст се поставува прашањето каде е суштината на проблемот на задоволување на потребите и можностите. Дали постои лимит со кој ќе се дефинира тој однос на создавање држава на здрави граѓани и делот од нејзиното национално богатство што треба да се издвојува со цел да се обезбеди стратегија врз која ќе се темелат здравјето на граѓаните и здравствените перспективи на државата.