СРЕДБА ВО ВЛАДАТА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Средбата во Владата ја отвори премиерот и притоа му даде збор на претседателот на Лекарската комора проф. д-р Владимир Борозанов. Тој во своето излагање нагласи дека ЛКМ ја поддржа определбата на Владата за реформа на здравствениот сегмент и ја поздрави определбата за техничко доекипирање на здравството со апаратура и друга опрема вредна 60 милиони евра. Проф. д-р Борозанов го искажа задоволството од продлабочената соработка во изминатиов период меѓу ЛКМ, Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување. Таа одеше по нагорна линија, рече тој, се до донесување на одлуката за намалување на капитација за која дознавме од медиумите. Претседателот нагласи дека оваа мерка доведе до големо незадоволство во еснафот кое ескалира. Притоа тој рече дека оваа мерка влијае на социоекономски статус на докторите што се рефлектира на квалитетот на здравствената заштита и води кон незадоволство на пациентите. Во продолжение на излагањето тој го истакна и незадоволство на лекарите и на другите нивоа на здравствена заштита. Ја спомена и стратегијата за здравство која според Лекарската комора е подзаборавена. Исто така тој укажа и на голема миграција на доктори и врвни стручњаци од јавниот во приватниот сектор, што во услови на социјална држава мора да инсистираме на силен јавен сектор, кој ќе биде технички и кадровски моќен.
Во продолжение д-р Стоје Стојмановски ги образложи аргументите против намалување на капитацијата. Тој рече дека висина утврдена во 2000 година требало да биде само куратива, а е вклучена и превентивата. Сметана на 2.000.000 жители, рече д-р Стојмановски, во Фондот за здравствено осигурување има 1.630.000 осигуреници така што фалат 370.000 осигурани граѓани.
Процентуално зафаќање од буџетот на Фондот за здравствено осигурување е намалено од 13,6 на 8,9% на 8%, додека порастот на животни трошоци од 2000 година кумулативно изнесува околу 17%. Притоа, рече д-р Стојмановски, во услови на пораст на просечна плата од 10.000 на 15.000 денари, зголемување на платите во здравство изнесува околу 13,6% само од 2008 во 2009 година.
Д-р Стојмановски информираше дека просечно примањата по тим се околу 92.250 денари, или просечно има запишано по 1070 пациенти. Дури 846 тима се наоѓаат под оваа граница. Тој притоа укажа дека со намалување на капитациониот бод ќе донесе заштеда од 1,3 мил евра во оваа биџетска година на Фондот за здравствено осигурување.
Идриз Орана ја истакна подршката од Здружението на лекари албанци да не се намалува капитацијата и ја истакна досегашната соработка.
Откако бевме внимателно ислушани ни беше предочено дека финансиската состојба е лоша и дека засега не постои никаква можност за враќање назад. Пресметките ги прифатија во целост и побараа Владата да ги добие во писмена форма. Побараа да се вратиме во телата и комисиите за да продолжи соработката и реформските процеси. Воедно министерот за здравство од премиерот доби налог заедно со вицепремиерот да се направат измените за озаконување на соработката.
Во вториот дел нагласи дека е потребно поголема координација меѓу институциите и еснафската асоцијација со јасно определени законски ингеренции. Враќање на некои позиции од 2000 година во Закон за здравствено осигурување и нови решенија во закон за доктори и трипартитно договарање.
Исто така беше разгледан и целиот сет мерки каде што д-р Стојмановски укажа на нелогичностите и временските термини дека тоа е неизводливо.
Јасно беше предочено дека незадоволството е големо и дека тоа ќе има импликации и во трансформација на консултативно специјалистичката дејност бидејќи докторите специјалисти сега гледаат со недоверба.