ПРОБЛЕМИ ВО БОЛНИЧКАТА И ТЕРЦИЕРНАТА ЗДРАВСТВЕНА ЗАШТИТА И ПРИОРИТИ ЗА НИВНО РЕШАВАЊЕ
Во овој момент во болничката и терциерната здравствена заштита во Република Македонија се среќаваат бројни проблеми за кои како доктори сме свесни, а од друга страна се повеќе се незадоволни и корисниците на услугите - пациентите. Како најакутни таксативно би ги издвоиле следните недостатоци во болничка и терциерна здравствена заштита:
- Дискрепанција меѓу обезбедените средства и барањата за исполнување на софистицирани услуги. Здравствениот пакет во најголемиот број болници, а особено во универзитетските клиники, е значително “поскап” од буџетот што го добива таа јавна здравствена установа. Во таква состојба на реална неможност за пружање на навремена и квалитетна здравствена услуга, за виновници се прогласуваат здравствените работници;
- предимензионираност и неискористеност на капацитетите;
- застареност на опремата и недостаток од апаратура;
- неадекватна дистрибуција на персоналот и бројот на болнички постели;
- превработеност, пред се со немедицински персонал;
- супстандардни услови за работа и сместување;
- депресирани цени на услугите;
- “тесни” грла во одредени сегменти, пред се во хирургијата;
- недостаток од врвни здравствени услуги (кадаверична трансплантација на органи и ткива, кардиохирургија и слично);
- непланска продукција на нови кадри (новоотворени медицински факултети);
- одлив на стручни кадри кон приватниот сектор;
- недостаток од увид во човечките ресурси (здравствена мапа на Република Македонија со посебен акцент врз кадарот);
Ова се само дел од проблемите во болничката и терциерна здравствена заштита во Република Македонија.
Лекарската комора го поздравува донесувањето Стратегија за развој на здравството до 2020 година, во февруари 2007 година. Во неа, иако е за период до 2020 година, не се споменува дека Клиничкиот центар ќе биде укинат, ниту дека ќе се формираат нови Клинички центри низ Републиката. Исто така не се споменува формирање нови државни или приватни факултети од медицинските гранки. Само во 2008 година се формирани 6 или седум нови факултети од медицинските гранки!!! Ако вака се почитува ,',стратегијата,', што ќе биде во следните 11 години и која е нејзината цел?
Системот на ДСГ, чија пилот примена во болничката и терциерна здравствена заштита е во тек, не е приспособен на условите во македонското здравство, досега работата се одвива нетранспарентно, не се прифаќаат забелешките од болниците и терцијарните ЈЗУ (пред се цените на услугите). Во однос на програмата ДСГ, Лекарската комора на Македонија, а и пошироката здравствена јавност не се информирани кои се придобивките од имплементацијата на овој систем и колку тој чини. Лекарите во болничката и терциерната здравствена заштита имаат големи забелешки на цените на здравствени услуги кои се имплементирани во ДСГ системот. Сакаме да го поставиме прашањето за тоа колку со вака депресирани цени на здравствените услуги овој систем е применлив во Република Македонија? Какви последици по болничката и терциерната здравствена заштита, како и по корисниците на здравствени услуги ќе предизвика примената на овој систем? Ако платите се одредуваат однадвор со одлука на Владата, подеднакво за сите државни установи, јавни претпријатија, образовни и здравствени установи, за вработувањата исто така одлучуваат министерствата за здравство и финансии, за што тогаш служат ДСГ? Ако вработените не се заштитени со Колективен договор, како ќе се реформира и рационализира терцијарното здравство? Лекарската комора во моментов и во иднина не гледа можност за примена на овој систем во смисла на финансирање на болниците. За потсетување, системот на плаќање според моделот на капитација во примарното здравство беше воведен во 2001 година, но не можеше да почне да функционира во јавното здравство, се до моментот на приватизиација на установите по пат на концесија, пет години подоцна. Да можеше, концесионерството не ќе беше неопходно. Во меѓувреме овој модел беше само индикатор за обемот на работа на лекарите. Така и ДСГ ќе бидат само индикатор кој колкав обем на работа извршува, донекаде и со каков квалитет, без притоа моделот да биде применлив во праксата. Како дополнителен товар, ФЗОМ предлага правилници со драконски парични казни за болниците и вработените и за грешки од чисто формален и несуштински карактер.
Во однос на буџетското растоварување на болничката и терциерната здравствена заштита во Република Македонија предлагаме акцент да се стави врз бројот на немедицински работници во здравството. Какви предности и какви недостатоци донесе дезинтеграцијата на Клиничкиот центар во Скопје? За колку е зголемен бројот на немедицински работници по дезинтеграцијата на Клиничкиот центар- Скопје? Лекарската комора инсистира на медицинската мапа, посебно во делот на администрацијата. Да се ,',открие,', низ бројки колку здравството, а пред се лекарите како носители на дејноста, дел од средствата што тие ги заслужиле и заработиле се одлеваат за социјалниот мир на државата.
На Република Македонија во однос на бројот на здравствени работници и е потребна стратегија за потребите од медицински персонал во наредните 25 години. Ова треба да го одреди бројот на запишани студенти по медицина во наредните години. Свесни сме дека донесување и применување на медицинската мапа е болен реформски зафат, но без него не се можни вистински позитивни промени. Таа е услов за стратешко планирање на потребите.
Кога станува збор за финансирањето на болничката и терциерната здравствена заштита сметаме дека со сегашниот буџет на ФЗО Република Македонија не може да оствари ефикасна и квалитетна здравствена заштита. Откога постои Фондот, за прв пат приходите во 2009 година во однос на 2008 година стагнираа, па дури и се намалија. До 2008 година имаше континуиран раст на приходите. Според податоците на Фондот, во јануари 2010 година собраните средства изнесуваат нешто над 1,1 милијарда денари, а во истиот месец 2009 година изнесувале над 1,5 милијарди денари. За жал не знаеме дали овој тренд се одржал, но е знак за аларм. Овој пад е резултат на економската криза и во тие услови одлуката на Владата за постепено намалување на придонесот за здравствено осигурување од 9,2% на бруто платата на 6% доведува до катаклизмични прогнози за судбината на здравствениот систем!!! Со воведување на системот на здравствено осигурување за сите државјани на Република Македонија, се наметнува императивот за воведување на дополнително здравствено осигурување. Со него, по примерот на Словенија, би се регулирала и дополнителната дејност на лекарите, односно нејзиното финансирање. Значи сите државјани со чинот на раѓање да го добијат основниот пакет, сите вработени и пензионери, кои одвојуваат придонеси и членовите на нивните фамилии да добијат поширок пакет, а со дополнителното здравствено осигурување да се добие можност за добивање на поквалитетни здравствени услуги како во земјите од ЕУ, во приватните и јавните болници.
Со навлегувањето на приватниот капитал во овој сегмент на здравствена заштита сведоци сме на нелојална конкуренција, одлив на квалитетни кадри и “тивко” згаснување на бројни здравствени капацитети. Врвните терциерни здравствени установи, доколку го финасираат стручното усовршување на своите лекари, треба со нив да потпишат договор во кои тие би биле обврзани да работаат одреден период во здравствената установа или да ги вратат дел од средствата потрошени за нивно стручно усовршување. Што се однесува до приватните болници, по одлуката на Уставниот суд, со која се укина одредбата од Законот за здравствено осигурување со која осигуреникот има право да се лекува само во здравствена установа која има договор со Фондот, пациентите два месеци имаа право не да ги рефундираат средствата според ценовник на Фондот доколку се лекуваат во приватна болница. Притоа Фондот нема никакво право на контрола во приватните болница доколку со неа нема договор. Прашањето е што ќе се случи ако јавните здравствени установи почнат да обезбедуваат и наплаќаат само надстандард, 3-4 пати над цената на Фондот, без притоа да обезбедат услуга по цена на Фондот? Според Уставот и законите, јавните и приватните здравствени установи имаат еднакви права и должности.
Од овие причини Лекарската комора на Република Македонија сака да укаже на одредени круцијални проблеми во овој сегмент на здравствена заштита, како и да понуди соодветно стручно мислење и соработка со надлежните инстутуции при решавањето на овие проблеми. Ги предлагаме следните чекори:
- стандардизација и акредитација на болничката и терциерната здравствена заштита, пред се, во доменот на пружање на одредени здравствени услуги;
- стандардизација и акредитација на биохемиските, микробиолошките, хематолошките и патохистолошките лаборатории во рамките на болничката и терциерната здравствена заштита;
- стандардизација на медицинската документација на целата држава;
- софтверско умрежување на болничката и терциерната здравствена заштита;
- регионализација на болничката и терциерната здравствена заштита според медицинската мапа на Република Македонија;
- доопремување со кадри и опрема според објективните потреби, што во одредени региони ќе значи и рационализација на кадарот, опремата и болничките постели кои во овој момент се неискористени;
- трансфер на едуцирани кадри (визитинг доктори периодично во одредени регионални болници);
- точно прецизирани и дефинирани критериуми за влегување на приватен капитал во болничката и терциерната здравствена заштита ( јавно приватно партнерство);
- стандардизација на програмите за медицински студии, акредитација на образовните институции (новооформените медицински факултети во Штип и Тетово);
- подобар трансфер на знаења и вештини (оформување на еден вид медицинска академија );
- воведување дополнително здравствено осигурување
Лекарите, пред се, оние од терциерното здравство и нивните специјалистички и супспецијалистички здруженија треба да се ангажираат и да докажат дека создавањето долгови и обврски во врвното здравство не мора да значи ,',крадење и богатење,', туку напротив, може да значи квалитетно здравство. Сегашниот тренд, нема долгови = одличен менаџер, долгови = крадец, може да биде погубен како за пациентите, така и за лекарите. Производот, пред се, па потоа трошоците. Нашиот производ е здрав човек, грубо кажано. Да се гледа само финасискиот исход, без притоа да не интересира ,',производот,', е погубно за секој продукт, посебно ако тоа е човечкото здравје. За поздравување е што добар дел од долговите на болниците се расчистија 2008 година, но заради намалените приходи во ФЗО и неисполнување на финансирање на програмите кои се финансираат од Буџетот, 2009 и посебно 2010година, долговите рапидно растат.
Иницијативата Министерството за здравство на Република Македонија за реформи во здравството преку основање на Комитет за унапредување на здравственииот систем на Република Македонија ја поздравивме, што се огледа од нашата активна улога со предлози и решенија, сметаме дека е од голема полза.
Заклучоци
- Лекарската комора смета дека на Република Македонија и е потребна ефикасна, рационална и функционална болничка и терциерна здравствена заштита која ќе биде во согласност со потребите на населението и можностите на државата.
- Лекарската комора смета дека на Република Македонија и е потребна технолошки и кадровски добро опремена болничка и терциерна здравствена заштита која ќе биде гарант за обезбедување на квалитетни услуги на населението, конкурентна на пазарот на услуги од областа на врвното здравство.
- Лекарската комора инсистира на доследна примена на Стратегијата за развој на здравството до 2020 година, на доследна примена и на надградување на Упатствата за практицирање на медицина заснована на докази (усвоени во мај 2006 година и заборавени!!! Добро би било Министерството за здравство да ги стави на веб страницата, ги има на ФЗО), на донесување на медицинска мапа и редефиниран пакет на здравствени услуги во согласност со финансиските можности на државата.
- Лекарската комора бара транспарентно објаснување на начинот на кои ДСГ се применуваат во болничката здравствена заштита и кои се позитивните и негативни последици од нивната примена.
Како ургентни барања, а воедно и совет до Владата, Лекарската комора инсистира веднаш да се стави во мирување одлуката за намалување на придонесите од лични примања за здравство за некои подобри времиња, па процентот кој сега е 7,3% да се врати на 9,2%. Исто така, да почне иницијатива за здружување на клиниките во универзитетски клинички центар, како што е секаде во светот и како што доликува на една независна држава. Со тој потег ќе се ослободат значителни финансиски средства за краток временски период и ќе се повлечат меѓусебните тужбени барања.