РЕЧ НА ПРОФ. ДР ВЛАДИМИР БОРОЗАНОВ
ГО ЗНАЕМЕ МЕСТОТО ШТО НИ ПРИПАЃА
Точно пред една година, токму од ова место, реков дека долги години настојуваме како еснаф да си го обезбедиме заслуженото место во општеството, како неодминлив фактор кој подеднакво лекува, но и ќе учествува во промените на здравствениот систем и ќе учествува во одлучувањето за својот дигнитет. Само така ќе имаме успешна асоцијација, достојна да претставува фактор кој има критична маса и компетентност рамноправно да одлучува за судбината на здравствениот систем, за лекувањето на пациентите како професионална обврска и за своето место во заедницата.
Една година потоа. Што може да се каже?
Факт е дека бевме интензивно вклучени во многу активности организирани од здравствените власти, но резултатите не беа во саканиот и реален обем и не со доволен слух за нашите ставови и потреби. Од друга страна, докторите и другите здравствени работници молкум и врз нивните плеќи да го носат и натаму товарот на социјалниот мир во државата.
Дефинитивно, особено последниве неколку месеци беа неверојатно бурни за Лекарската комора на Македонија. Тие зовреа со решението да се намали вредноста на капитациониот бод за докторите од примарна здравствена заштита и намалување на примањата на оние што работат во јавното здравство. Место да расте меѓусебната доверба, далеку од јавноста се кроеше судбината на докторите. За решенијата разбравме од медиумите, иако имавме индиции дека нешто се подготвува.
Не можевме и не смеевме да прифатиме ваков начин на комуникација. Се одлучивме да ги повлечеме нашите членови од сите органи, тела, комисии и работни групи кои функционираат во Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување. Со еден збор, ги блокиравме активностите во кои бевме масовно вклучени.
Баравме итна средба со претседателот на Владата на Република Македонија и неговите соработници. На средбата го искажавме нашиот став дека со намалување на капитацијата за десет проценти се испраќа лоша порака, токму во сегментот на здравството во кој навистина реформите почнаа да функционираат, за разлика од другите сегменти особено во јавното здравство. Предупредивме дека многу мал е влогот за надминување на финансиските проблеми со кои се соочува Фондот за здравствено осигурување да се жртвуваат докторите. Исто така, укажавме енергично и на сериозни проблеми во другите сектори. Побаравме враќање на првобитната состојба, како и на стапката за придонеси за здравственото осигурување. Бевме убедувани дека тоа е почеток на намалување на примањата и на другите делови од државната администрација, со оглед на вкупната економска ситуација во земјата. Најновите изјави тоа го негираат. На тој начин се потврди нашата констатација дека докторите повторно ќе бидат монета за поткусурување.
Добивме ветување дека намалувањето на капитацијата и примањата на вработените во јавното здравство ќе има ограничено дејство и дека ќе се преиспитува по шест месеци.
Министерството за здравство беше подготвено на отстапки за да почне да функционираат активностите што беа блокирани со повлекувањето на членовите на Лекарската комора. И сега прави напори некои состојби да се подобрат, но далеку сме од посакуваната динамика и покрај нашето разбирање.
Премиерот и министерот за здравство прифатија три клучни работи што во иднина ќе спречат вакви упади во системот. Беше договорено во рамките на Министерството за здравство да се формира, таканаречен, координативен совет во кој со Министерството ќе се усогласуваат битни прашања. Во областа на здравственото осигурување беше договорено одлуките во Фондот за здравствено осигурување да се донесуваат по задолжителна консултација со Комората. Во овој пакет влезе и законот за докторска дејност чиј текст веќе е подготвен.
Во првите два случаја координативниот совет и задолжителната консултација итно да се преточат во законски норми, во двата закона, Законот за здравствена заштита и Законот за здравствено осигурување.
Иако ветувањето беше сериозно, во моментов можам да речам дека тој процес доцни. Засега во процедура, според информации од Министерството за здравство, е амандманот на Законот за здравствена заштита за формирање координативен совет. Да се надеваме дека ќе бидат затворени и другите прашања и нема да дојде до повторно прекинување на соработката во сите области. Ние сосема коректно, и покрај сe, ја повративме комуникацијата и докрај не сме ја изгубиле довербата во здравствените власти.
Она што може да се извлече како заклучок од целата таа ситуација која кулминираше кон крајот на април, Комората може да влијае врз местото и улогата на докторот, но и дека треба да биде и поцврста при изнаоѓање консензус, а тоа да го сфатат и здравствените власти, за да не се доведуваме во радикални ситуации.
Треба да се одбележи и фактот што Комисијата за здравство на Собранието на Република Македонија во последно време редовно не повикува на седниците каде што имаме можност да ги презентираме нашите ставови.
Во оваа прилика ќе повторам нешто што не треба да го изгубиме од вид, а тоа е природниот триаголник: пациент, доктор и здравствени власти. Сите треба да прифатиме дека таа врска со ништо не смее да биде прекината.
Иако не треба да се маргинализираат сите овие настани, треба да се истакне дека Лекарската комора сепак успеа да се надмине и да организира активно учество во многу активности во областа на здравството. Уште повеќе, нашите членови се покажаа како клучни личности во одредени сегменти на активностите. Темпото на активностите, за жал, честопати неоправдано забрзано бараше и ангажирање на голем број доктори кои имаат познавања од одредена област и не секогаш можевме да понудиме поголем квалитет, а често не беа ни прифаќани. На Комората со ваков обем на активности се наметнува потреба од поголем број активисти и поголемо ангажирање на членовите. Треба да се форсира покривање на потребата од ангажирање квалификуван кадар во стручната служба што ќе биде логистичка поддршка на носителите на нашите активисти.
Сепак, денес кога ја одбележуваме 18 годишнината од возобновувањето на Комората во 1992 година, а во декември минатата година 80 години од формирањето комора на територијата на денешна Македонија, вредно е да се обележат и неколку значајни работи.
Дефинитивно Лекарската комора доби пристојни услови за развивање на своите активности. Новите простории, сопственост на Комората, се одлична база за раздвижување на членството за реализирање на поставените и преземените задачи.
Од 30 септември до 2 октомври Лекарската комора е домаќин на годинешниот собир на лекарските комори на земјите од Централна и Западна Европа. Тоа е големо признание и одговорност, но и обврска да ги исполниме очекувањата на гостите што ќе допатуваат во Скопје.
Исполнет е и дел од барањата на членовите на општинските раководства за почести средби на кои ќе се расправа за отворени прашања. Направени се повеќе успешни посети и тие наскоро ќе продолжат поинтензивно, иако тоа треба да го признаеме, очекувавме поголем интерес во некои средини. Но, тука нема да застанеме. Директните средби и дијалогот дефинитивно се вистинскиот начин да се воспостави и да се развива координацијата на активностите кадешто ќе се чујат вистинските проблеми.
Во оваа прилика вредно е да се спомне обврската што нe очекува на почетокот во идната година. На 15 март 2011 година завршува првиот период на релиценцирање. За Комората тоа ќе биде голем испит. Поради обемот на работа, а да се надминат сите недоразбирања, веќе се започнати првичните подготовки и прилика е да апелирам уште еднаш и одборите по општините и секој член да си ги завршат навреме обврските, а ние како и секогаш сме подготвени за совет и помош.
Честитајќи ви го 5 Јуни празникот на Лекарската комора да си посакаме многу поуспешен период, а јас од свое и од името на Извршниот одбор да ви посакам добро здравје и успех на професионален план.
ОБРАЌАЊЕ НА Д-Р БУЈАР ОСМАНИ, МИНИСТЕР ЗА ЗДРАВСТВО
ВО МИНИСТЕРСТВОТО ИМАТЕ ВИСТИНСКИ ПАРТНЕР
Дозволете ми најнапред да ви го честитам Денот на возобновувањето на Лекарската комора на Македонија и да ви посакам, пред сe добро здравје, а се разбира и уште многу работни успеси во развојот и унапредувањето на статусот на докторите и на сите здравствени работници во Република Македонија.
Можеби на некого ќе му прозвучи како веќе слушната фраза, но јас како министер за здравство, цврсто верувам дека Лекарската комора на Македонија е еден од нашите постојани партнери за дијалог и соработка и која, заедно со останатите еснафски здруженија и асоцијации, преставува респектабилен репрезент на легитимините интереси на лекарите и останатиот медицински персонал, како основни столбови на кои се потпира и од кои зависи функционирањето на здравствениот систем.
Препознавајќи ја, и целосно почитувајќи ја оваа значајна улога на Лекарката комора, уште од првиот ден на функцијата министер за здравство, максимално се залагам таа да биде вклучена во сите одлуки и решенија кои имаат клучно значење за развојот на здравствениот систем и улогата и статусот на лекарите и останатиот медицински персонал.
Досегашното искуство во таа соработка меѓу Комората и Министерството покажува дека и кога сме имале и различни ставови, не сме се разликувале во тоа што треба да ни биде крајната цел. Ваквата соработка заслужува да биде наречена со вистинската одредница која најпрецизно ја опишува, а тоа е - партнерство. Бидејќи во вистинските партнерства постојано се вложува, и тоа од обете страни, јас во мое име и во името на Министерството за здравство можам да ветам дека ние и понатаму ќе вложуваме во одржување на највисокото ниво на соработка и партнерство со Комората и останатите стручни асоцијации и здруженија. Истовремено сум сигурен, а нема ниедна причина да верувам во спротивното, и Лекарската комора, со еднаква енергија и посветеност како досега, ќе продолжи и во иднина продуктивно да соработува со Министерството за здравство и останатите партнери, при креирањето на просперитетот на здравствениот систем и на сите оние што го сочинуваат.
Убеден сум дека сите вие многу добро ги познавате состојбите во здравството во Република Македонија, а сигурен сум дека и голем дел од вас им се јасни и причините за таквите состојби. Затоа немам намера да ве заморувам со тоа што ќе ви ги набројувам предизвиците со кои се соочуваме секојдневно. Она за што сакам да зборувам се решенијата и како да дојдеме до нив.
Голем дел од состојбите во здравството ќе се решат со заокружување на почнатите проекти за модернизација, преку набавка на опрема и реконструкција, доградба и изградба на болниците и здравствените домови, проекти што долги години беа одложувани, но ние собравме сили за да ги реализираме, и покрај тоа што сме исправени пред сериозни предизвици наметнати од последиците на големата финансиската криза.
Министерството за здравство и Владата се цврсто решени да ги реализираат овие почнати проекти, но она што ни претстои и за кое е неопходна разбирање и соработка и од Лекарската комора, е неопходноста од натамошни суштински промени во функционирањето на здравствениот систем што ќе значат решенија на неколку клучни предизвици, како што се: обезбедување на долгорочно одржливи финансиски извори за покривање на се поголемите здравствени потреби на граѓаните и стимулирање и наградување на квалитетот кај лекарите и медицинскиот персонал.
Немам намера да тврдам дека Министерството за здравство и јас како негов прв човек го знаеме најдоброто решение за овие предизвици, но сметам дека можеме да изготвиме квалитетни предлози кои ќе бидат добра основа како низ меѓусебна соработка ќе дојдеме до најширок можен консензус и до вистинските апликативни решенија. За да бидам уште поконкретен, Министерството за здравство, веќе интензивно работи на нацрт верзија на нов закон за здравствена заштита кој ќе содржи предлог решенија за многу тековни и идни предизвици во здравството. Многу брзо овој нацрт текст ќе го споделиме со Лекарската Комора и сите останати наши партнери, по што ќе побараме, низ процес на размена на мислења, идеи и предлози, начин како да дојдеме до најдобрите решенија низ најширок можен консензус. Второто решение е законот за докторска дејност каде веќе изработивме нацрт - текст кој е доставен до Комората и каде јасно кажавме дека ќе ги прифатиме сите мислења кои треба да придонесат кон унапредување на статусот на лекарите и на создавање соодветни услови за негување и форсирање на квалитетот.
Јас сум убеден дека до решенија за овие предизвици може да се дојде само преку меѓусебна соработка и разбирање. Со оваа порака би сакал уште една да Ви го честитам Денот на Комората и да Ве уверам дека во мене и во Министерството за здравство имате вистински партнер на кој можете да сметате.