ИЗВЕШТАЈ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ПРОФ. Д-Р ВЛАДИМИР БОРОЗАНОВ
Во изминатиот период Извршниот одбор одржа 10 седници, при што беа разгледани повеќе од 50 прашања. Дел од нив беа резултат од тековните активности, дел наметнати од тековните состојби, а се делокруг на интересирање на Лекарската комора.
Во овој период се одржа 78 состаноци на комисиите, поткомисиите и работните групи. Во нивната работа учествуваа над 100 доктори.
Во периодот меѓу две седници на Собранието раководството на Комората оствари повеќе средби со министерот за здравство и директорите на Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија.
Во неколкуте средби со министерот за здравство од наша страна беше укажано на местото и улогата на Лекарската комора при креирањето на законската регулатива. Во прв ред тука се Законот за докторска дејност и подзаконската регулатива во здравството. Имајќи предвид дека станува збор за регулатива за поквалитетна здравствена заштита, а го тангира докторскиот еснаф, побаравме поактивно вклучување на докторите и на Комората како нивна асоцијација. Некои иницијативи беа веднаш прифатени, а за дел ни беше речено дека дополнително ќе се разговара.
Со активно вклучување во работата на проектната единица при Министерството за здравство во тек е имплементација на клиничките упатства, Проектот за фамилијарна медицина и Проектот за плаќање по учинок. Беше покажана добра волја да се вратат дел од ингеренциите на Лекарската комора, односно таканаречена трилатерална комисија во функција на активности поврзани со измените во Законот за здравствена заштита.
Особено интензивни беа активностите остварени со претставници од Фондот за здравствено осигурување. Во периот од јуни 2008 година до јануари 2009 година работна група на Комората составена од доктори од примарна здравствена заштита од повеќе градови во Републиката одржаа дванаесет состаноци. Притоа беа водени преговори околу подобрување на текстот на Договорот за начинот на плаќање на здравствените услуги во примарна здравствена заштита за 2009 година. Комората настапи со став за зголемување на висината на капитациониот бод, за намалување на рокот за исплата на капитацијата, за скалесто бодирање за препишување на лекови на рецепт, зависно од висината на пречекорувањето на износот на реализираните рецепти во однос на планираниот и воведување стимулација за лекарите кои рационално ќе препишуваат лекови. Во овие разговори се преговараше за измени на целите на матичните доктори, за воведување нова група лекови според генерика, кои матичниот лекар ги препишува по препорака на лекар- специјалист, кои нема да се пресметуваат во целите за рационално препишување рецепти (за дијагнозите Ф20, Г20И, Г40). Претставниците на Комората се залагаа за изедначување на критериумите за вршење инспекција на контролорите од подрачните служби на Фондот, особено кога се во прашање приватните здравствени установи.
По долготрајни, неизвесни и напорни преговори, со максимално ангажирање на нашите претставници, Фондот за здравствено осигурување на Македонија усвои повеќе новини во примарната здравствена заштита.
Матичните лекари добија зголемување на вредноста на бодот од 45 на 50 денари, прво зголемување по 8 години.
Исто така, зголемена е квотата за издавање рецепти на 550 денари по капитационен поен. Во оваа квота не се опфатени препаратите за хорнично болните осигуреници кои, всушност, и најмногу го оптоваруваат буџетот на матичните лекари.
Воведен е рецепт за хронично болните осигуреници кој ќе има важност од 90 дена, со тоа што на него ќе биде означен датум за секој месец.
Зпочна да функционира скалестата стимулација на матичните лекари при препишувањето рецепти која има за цел рационално препишување лекови кои се на товар на Фондот за здравствено осигурување.
Комората успеа да наметне воведување на опомената како дел од казнената политика, двостепените договорни казни и раскинувањето на договорот. Новина се и промените на висината на договорните казни.
Фондот го прифати залагањето на Комората за намалување на рокот за исплата на капитацијата од 90 на 60 дена за 2009 година.
Во тек е интензивна активност, досега се одржани три состаноци, на работната група за специјалистичко- консултативна здравствена заштита од со претставниците од Фондот за здравствено осигурување за начинот на трансформацијата на специјалстичко- консулативната здравствена заштита како и определување на моделот за начинот на плаќањето на дадените здавствени услуги. Преговорите се во поодмината фаза и во тек е подготовка на ценовници за специјалистичките услуги кои ги даваат во амбулантите за секоја специјалност одделно.
Работната група за болничка здравствена заштита во изминатиот период расправаше за проблемите кои се појавуваат од воведувањето на таканаречениот систем на ДГС, односно класификација на здравствените услуги и начинот на плаќање. Во Комората преовлада мислењето дека ДГС е неприменлива за повеќето здравствени установи од терцијарната здравствена заштита. Примената на системот на ДСГ направи дистинкција по комплексност на здравствени услуги, што може да покаже многу слабости со тоа што здравствените установи и докторите ќе ги избегнуваат комплицираните случаи, обидувајќи се притоа да ги намалат трошоците на работењето. Од друга страна, тоа носи опасност од занемарување на квалитетот на здравствените услуги. Притоа заклучено е дека е потребна дополнителна едукација на докторите кои ќе работат на внесување на податоците во програмата за ДСГ. Исто така, треба да се напомене дека референтните цени за сервисирање на услугите во јавните здравствени установи се шест до осум пати повисоки од цените на услугите во приватните здравствени установи.
Во изминатиот период активностите на органите и телата на Комората, главно, беа насочени и кон активното учество при изготвувањето на дефинитивната верзија на Законот за медицинска евиденција и во работата на работилницата за воведување на телемедицината во Република Македонија.
Во работата на Комората беа реализирани и дел од тековните обврски како што се разгледување на барањата од докторите за упис во регистарот на докторите, издавање лиценци за работа, за што беа подготвени годишни и периодични извештаи за движењето на состојбите во оваа област.
Исто така, беа разгледани 181 барање за одобрување и категоризација на формите на стручното усовршување поднесени од страна на организатори на стручни активности и тие беа акредитирани.
Комората мошне успешно и на општо задоволство реализираше и пет испитни сесии (со околу 300 кандидати) за полагање стручен испит на докторите на медицина кои факултетот го завршиле во Република Македонија, како и нострификација на стручниот испит на докторите на медицина кои стручниот испит го положиле во странство.
Во овој период традиционално е доделена наградата „Св. Наум Охридски. за особени оставрувања во областа на медицината во 2007 година.
Финансиското работење се одвиваше во рамките на позитивните законски прописи, актите на Комората и одлуките на Извршниот одбор и Комисијата за економско -социјални прашања.
Врз осонова на одлуката на Собранието, Извршниот одбор веќе подолго време интензивно се занимаваше со просторниот проблем за нормално одвивање на работата на Лекарската комора и нејзината стручна служба. Во моментов Комората работи во простории кои не одговараат за обемот на активностите што се одвиваат речиси секојдневно. Исто така, Комората во два наврата го одлага присилното иселување од просторот со решение на Министерството на одбрана во чија сопственост е просторот. Последното беше датирано со 31 декември 2008 година. Извршниот одбор, овластен од Собранието за решавање на просторниот проблем, распиша јавен оглас за купување постор. За оваа цел Извршниот одбор формираше комисија и заедно со претседателот успеа да дојде до решение кое ќе биде квалитетно и долгорочно. Преостануваат уште некои формалности кои треба да го формализираат решавањето на проблемот.
Во рамките на меѓународната активност, во Скопје беше остварена средба на претставници на Лекарската комора на Македонија со претставници на Лекарската комора на Албанија. Во делегацијата од Албанија беа претставници на Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување. На средбата се разговараше за начинот на работа и организација на Комората, при што беше договорено интензивирање на соработката. Претставници на Комората во мај 2008 во Норвешка учествуваа во работата на асоцијацијата ПЊГ (Асоцијација на млади доктори- специјализанти).
Од тековните активности на Комората треба да се истакне средбата со Дирекцијата за заштита на лични податоци, при што се разговарше за обемот на контролата и обработката на податоците на медицинското досие на пациент- лични податоци од страна на Фондот за здравствено осигурување.
Во информативната дејност се прават чекори за отворање на страниците на гласилото на Комората “Vox Medici” за изнесување мислења и ставови на докторите, со можност Уредувачкиот одбор за одделни проблеми да консултира компетентни личности за области кои се од интерес на докторите. Веб-страницата на Комората функционира со веќе вообичаено темпо. Гласилото на Комората ги отвори и страниците за стручни, научни, едукативни и ревијални трудови на докторите.
Задачи на Комората во наредниот период
Во наредниот период постои исклучително широк дијапазон на ангажирање на Собранието, Извршниот одбор и органите и телата на Комората. Таксативно, тие се сет активности, продолжување на веќе започнатите и отворање нови кои ќе бидат наметнати од постојните состојби.
1. Организирање регионални состаноци со членството во општинските организации на Комората со цел детектирање, актуализирање и решавање на проблемите со кои се соочуваат во текот на нивното работење
2. Активно вклучување при донесувањето на Стратегијата за унапредување на итните медициски служби во Република Македонија од 2009 до 2017 година. Тоа ќе значи активно учество при разгледувањето на предлогот на текстот, учество со забелешки, предлози и мислења кои треба да произлезат од базата.
3. Отворање берза за вработување со создавање регистар на слободни работни места и на доктори кои бараат работа.
4. Продолжување на активностите за измени и дополнувања на Статутот на Комората.
5. Интензивирање на активностите за донесување на законот за докторска дејност, имајќи предвид дека Лекарската комора на Македонија прва го почна овој процес, а сега е меѓу ретките кои немаат ваков закон. Да споменам вакви закони егзистираат во Словенија, Хрватска, Бугарија и слично.
6. Да се испитаат сите можности, заедно со осигурителните компании воведување осигурување од лекарска грешка.
7. Продолжување на соработката со Министерот за здравство, Фондот за здравствено осигурување за реализација на започнатите реформи во сите сегменти на здравството. Во тој контекст ни претстои сериозна работа на овие структури да им се наметнеме како партнери кои имаат заедничка цел.
8. Реализирање и проширување на соработката со организации и други асоцијации кои се во функција на компетентно остварување на задачите на Комората. Тука во прв ред мислам на управата на Медицинскиот факултет, Македонското лекарско друштво и Синдикатот за здравство.
9. Обезбедување повисоко ниво на информирање. Притоа, треба да се направи стратегија за одвивање на двонасочно информирање, со што ќе се обезбеди брзо детектирање на проблемите и можност за нивно надминување. Притоа треба да се користат сите постојни можности со натамошна нивна надградба.
10. Активирање на општинските одбори како движечка сила на целокупната организација на Комората. Ќе мора да се подобри комуникацијата со членовите. До секој член на Комората треба да допре политиката на сопствената асоцијација, со директни обраќања до телата или непосредно преку општинските одбори
11. Продлабочување на веќе воспоставените односи на соработка со сродните меѓународни асоцијации и другите асоцијации во земјата и странство. Ова ќе обезбеди размена на искуства при трагањето по најдобри решенија.
Сите овие приоритети, како активностите на Комората, бараат активен однос на секој член на Лекарската комора. Тоа не ја исклучува одговорноста на ова Собрание, Извршниот одбор, органите и телата туку, напротив, тоа ќе придонесе ангажирањето и активностите да бидат подигнати на повисоко ниво. На тој начин најдобро ќе ја градиме моќта на Комората и ќе го задржиме дигнитетот на докторот.