ВТОРА СЕДНИЦА НА СОБРАНИЕТО НА ЛЕКАРСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА
ИНФОРМИРАЊЕ НА ПОВИСОКО НИВО
По првата точка од дневниот ред беше д-р Коле Неделковски, во отсуство на претседателот на Верификационата комисија побара верификација на мандатот на д-р Драгица Витанова од Општинскиот одбор на ЛКМ Кисела Вода. Врз основа дополнителните избори во Општинскиот одбор Кисела Вода мандатот на д-р Витанова, Собранието едногласно го верификуваше.
Веднаш потоа д-р Владимир Борозанов, претседателот на Лекарската комора поднесе извештај за работата на органите и телата во периодот од мај 2008 до февруари 2009 година.
Излагањето на претседателот беше мотив да се развие богата дискусија во која учествуваа повеќе членови на Собранието. Д-р Стоје Стојманов, д-р Бекир Адеми, д-р Радмила Ончева, д-р Влатко Симоновски, д-р Софија Галбова Вчкова, Д-р Бранислав Кнежевиќ, д-р Сашо Стојчев, Д-р Роза Наумовска, д-р Никола Панчевски, Д-р Елица Станишљевиќ, д-р Томе Трајковски, д-р Јордан Наумов и д-р Петар Бачовски се осврнаа на работата на органите и телата на Комората и извештајот на претседателот. Во дискусијата се истакна дека за работата на Извршниот одбор, органите и телата треба да бидат информирани членовите на Комората. Притоа, беше речено, треба да се искористат сите можности што се на располагање. Се побара претседателите на оштинските одбори да ги добиваат информации за активностите со цел тие да ги информираат членовите на Комората. Информации за она што се работи во Комората треба да има и на ВЕБ-страницата и во „Воџ Медици„.
Исто така, во дискусијата се инсистираше Комората за се што се случува во здравството да има свој став со кој ќе излегува во јавноста. Мнозина се сложија дека во комисиите навистина се работело, но за тоа требало да се информира Собранието со посебни извештаи. Во дискусијата преовлада ставот дека Комората играше значајна улога при преговорите со Фондот за здравствено осигурување. Членовите на Собранието се заложија, исто така, што побргу да се донесат измените на Статутот на Лекарската комора.
На крајот од дискусијата претседателот на ЛКМ, д-р Борозанов рече дека голем број од дискутантите за многу прашања беа во право. Притоа тој истакна дека ова раководство со сите мани направи многу особено во примарната здравствена заштита. Ни недостасува информирањето, рече д-р Борозанов. Треба да се направат измени во Статутот, продолжи тој. Но, проблем беше темпото. Од дискусијата очигледно активностите треба да се забрзаат, рече д-р Борозанов.
Врз основа на дискусијата претседавачот на Собранието д-р Живко Даскаловски предложи со усвојувањето на извештајот да се прифатат и три заклучока. Првиот сите претседатели на општинските одбори да ги добиваат записниците од Извршниот одбор по електронска пошта. Вториот заклучок е до крајот на март сите комисии да подготват извештаи за работата. Третиот заклучок е да се подобри вкупното информирање, да се подигнат на повисоко ниво односите со јавноста и за секое прашање што ги тангира докторите Комората да има свој став.
Во врска со заклучоците д-р Душко Јовановски предложи уште еден, а тоа е ангажирање на Комората за подобрувањето на материјалната состојба и статус на докторите.
Членовите на Собранието со два гласа против и 4 воздржани го усвоија извештајот и заклучоците.
По четвртата точка од дневниот ред беа усвоени измените и дополнувањата на Правилникот за издавање, продолжување, обновување и одземање на лиценца. Со измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита, направена е промена во однос на издавањето на лиценцата за работа на докторите на медицина кои до 15.3.2004 година запишале Медицински факултет , а стручниот испит ќе го положат до 31.12.2010 година ќе им се издава лиценца за работа со рок на важноста од седум години. Рокот на важноста на лиценцата на докторот на медицина ќе започне да тече од денот на положување на стручниот испит.
Членовите на Собранието едногласно ги прифатија измените и дополнувањата на Правилникот.
На следната, петта точка од дневниот ред беа измените и дополнувањата на Правилникот за облиците, критериумите и распоредувањето на облиците и бодовите на стручното усовршување за обновување на лиценцата за работа на здравствените работници со високо образование од областа на медицината. Членовите на Собранието ги усвоија измените и дополнувањата. Во образложението д-р Љубица Гергиевска-Исмаил истакна дека измените и дополнувањата, колку што се резултат на измените на законската регулатива, толку се и резултат на искуството стекнато во изминатиот период. Притоа рече дека Комисијата за стручни прашања имала високо ниво на усогласеност. Само три дилеми, како што рече, беа оставени да се расчистат на Извршниот одбор. Членовите на Собранието прифатија врз основа на учество на стручни состаноци само за докторите на медицина кои се слушатели не се ограничуваат бодовите а за предавачите остануваат 42. Беше прифатен и предлогот со звањето примариус место 10 во иднина да се добиваат по 20 бодови. Меѓу поважните измени во Правилникот е можноста место од еден во друг период на лиценцирање да можат да се префрлаат најмногу 10 бодови сега ќе може да се префрлаат од година во година ако докторот се стекнал со повеќе од 20 бодови. Со правилникот е уредено и прашањето за признавање на поените на докторите по медицина кои имаа основна лиценца, а со измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита од 2004 година што се смета како лиценца за работа со влегување во сила на измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита од 2008 година, за првиот период на лиценцирање им се признаваат по 20 бодови за секоја година помината важност на лиценцата за работа до 15 март 2009 година.
На седницата на Собранието беше разгледан и Предлог-правилникот за утврдување на висината на трошоците за издавање и продолжување и одземање на лиценца. Комората беше должна да предложи нов правилник врз основа на измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита. Со одлука на Уставниот суд од 16 јануари 2008 година беше укинат членот 153 л, став 1 од Законот за здравствена заштита со кого се утврдуваше висината на трошоците за издавање, продолжување и обновување на лиценца. Одлуката беше донесена бидејќи законодавецот пропуштил во Законот да утврди критериуми, односно рамка врз основа на која коморите би ги определиле трошоците за издавање на лиценца. Собранието на република Македонија со измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита ги утврди критериумите и рамката. На Собранието му беше предложен Предлог-правилникот. По текстот се разви дискусија со која неколку членови на Собранието приговараа на висината на цената за продолжување на лиценцата која изнесува 8.400 денари. Притоа беше предложена многу пониска цена. Од стручната служба на Комората беа образложени критериумите врз основа на кои е утврдена цената. Со седум гласа против Собранието го усвои текстот на Правилникот без предложената измена.
Трите правилници чии текстови беа усвоени на Собранието треба да ги потпише министерот за здравство по што тие ќе станата подзаконски акти и по објавувањето во “Службен весник” ќе стапат на сила.
По шестата точка д-р Сашо Стојчев поднесе извештај за постапката за обезбедување деловен простор за Комората. Притоа тој напомена дека Собранието веќе има донесено одлука за купување на простор. Врз основа на таа одлука Извршниот одбор формираше комисија, рече д-р Стојчев. По обемна и транспарентна постапка комисијата на Извршниот одбор му предложи да се купи просторот на ИК Банка во центарот на Скопје.
На крајот од седницата со кусо излагање пред членовите на Собранието се обрати д-р Никола Панчевски, претседател на Надзорниот одбор. Тој ги образложи документите за финансиското работење и плановите за идната година. Притоа тој напомена дека општа е констатацијата дека во Комората домаќински се работело со почитување на законските прописи од оваа сфера. Членовите на Собранието без дискусија едногласно го прифатија Извештајот на Надзорниот одбор за материјално-финансиското работење на ЛКМ за 2008 година, Предлог-одлуката за усвојување на годишната пресметка на ЛКМ за 2008 година, со извештај за финансиското работење и Предлог-одлуката за усвојување на финансискиот план на ЛКМ за 2009 година.