СРЕДБА НА ДЕЛЕГАЦИЈА НА КОМОРИТЕ НА АЛБАНИЈА И МАКЕДОНИЈА
На 6 февруари во посета на Лекарската комора на Република Македонија престојуваа претставници на Лекарската комора на Албанија, Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување. Делегацијата ја сочинуваа д-р Дин Абазај, претседател Лекарска комора на Република Албанија, д-р Самира Синомери, заменик министер на здравство на Република Албанија, д-р Шаќир Краста, секретар на Лекарска комора, д-р Сивана Нови, шеф на болничко лекување, д-р Александар Хаџи, шеф на политика за развој и д-р Ермира Верли, човечки ресурси од Фондот за здравствено осигурување на Албанија. Гостите од Албанија ги прими проф. д-р Владимир Борозанов, претседателот на Лекарската комора на Македонија заедно со д-р Стоје Стојмановски, потпретседател и Љубица Георгиевска- Исмаил, претседател на Комисијата за стручни прашања.
Во подолгиот разговор гостите од Албанија се интересираа за функционирањето на Лекарската комора на Република Македонија, организационата поставеност и начин на работата како и за јавните овластувања што ги има Комората. Посебен интерес беше искажан за полагањето на стручниот испит, лиценцирањето и релиценцирањето како и спроведувањето на континуираната медицинска едукација. Во рамките на разговорите беа разгледани и други прашања, меѓу другото и соработката на коморите и министерствата како органи на власта.