РАСПРАВА ЗА ПРАШАЊА ОД ПРИМАРНАТА ЗДРАВСТВЕНА ЗАШТИТА
Во организација на Лекарската комора на Македонија на 9 октомври во Скопје се одржа трибина во врска со неколку актуелни прашања од областа на примарната здравствена заштита. На состанокот присуствуваа претставници од Министерството за здравство, Заводот за здравствена заштита, Фондот за здравствено осигурување, Републички завод за заштита на мајки и деца, Институтот за медицина на друд и претставници на здруженијата при Македонско лекарско друштво од гинекологија, општа медицина, педијатрија и кардиологија.
На состанокот се расправаше по три теми, превентивната здравствена заштита на матичните лекари, евентуална промена на бодовите по возрасни категории и критериумите за дијагностичките постапки.
Во богатата дискусија во која учествуваа сите присутни се отворија многу прашања за кои во наредниот период ќе треба да се расправа и да се преземат соодветни мерки за надминување на проблемите со кои се соочуваат докторите при извршување на работата.
На почетокот се расправаше за превентивните активности на матичните доктори, кои произлегуваат од членот 23 од Правилникот за содржината и начинот на остварување на правата и обврските од задолжителното здравствено осигурување. Општо беше прифатено дека превентивата дефинитивно останува кај матичните лекар. Во дискусијата беа презентирани некои технички проблеми во врска со остварување на целите. Беше потенцирано дека постои таканаречено преклопување при извршувањето на одредени цели, значи ги спроведуваат повеќе субјекти на иста популација, со што непотребно се трошат пари. На крајот се заклучи да се преиспитаат сите отворени и спорни прашања и врз таа основа да се изгради стратегија за натамошно одвивање на превентивните активности.
Во врска со бодовите од Правилникот за начинот за плаќање на здравствените услуги во примарната здравствена заштита на состанокот се отвори расправа во врска со евентуалното нивна реалокација. Беше потенцирано дека од 2001 година кога беше донесена на одлуката за распределбата на бодовите се променија многу работи и дека постои потреба да се расправа која би требало да покаже дали може да се изврши некаква промена со некаква прераспределба. Од Фондот за здравствено осигурување беше речено дека со Буџетот е утврдена вкупната сума за примарната здравствена заштита и секаква промена би значело преземање од една и давање на друга потребните податоци од Заводот за здравствена заштита. Врз основа на овие податоци здруженијата, беше договорено, треба да подготват свои согледувања. Во втората фаза сите заедно со Фондот треба да се отвори дијалог за евентуална промена на бројот на бодовите за одредени категории.
По Критериумите за дијагностичките постапки и оцена на привремената спреченост за работа поради болест и повреди или потреба за нега на болен член на потесното семејство ставовите на докторите беа многу конкретни. На почетокот јасно беше укажано инспекторите на Фондот за здравствено осигурување не треба да навлегуваат во делот на правата на докторите при утврдување на боледувањата до 21 ден за кои Фондот не плаќа. Беше речено дека основно право на докторот е да оцени колку време е потребно за одреден случај, ценејќи ги притоа критериумите. Притоа беше укажано на апсурдни ситуации кога докторот треба да напише дијагноза а притоа треба да се направи, на пример, снимање на ехо- апарат тоа се закажува по 3-6 месеци. Беше речено дека прашањето за контролата на боледувањата над 21 ден е сосема друга работа. Во дискусијата јасно беше укажано сите злоупотреби треба да се санкционираат, но откако тие ќе се констатираат. Во тој контекст во прашање беше ставена компетентноста на екипите што ја вршат контролата во здравствените организации, особено искуството на докторите. Присутните на состанокот се договорија претставници на Лекарската комора, Фондот и Институтот за медицина на трудот да формираат тело кое ќе расправа за консеквентноста на критериумите и нивната примена.