ПРОФ. Д-Р ВЛАДИМИР БОРОЗАНОВ НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ЛКМ
Со мнозинство гласови, во вториот круг, членовите на новото свикување на Собранието го избраа д-р Владимир Борозанов за нов претседател на Лекарската комора на Република Македонија професор на Медицинскиот факултет и доктор во Институтот за кардиологија.
Од Кандидационата комисија беа евидентирани четворица кандидати. По првиот круг отпадна двајца. Во вториот влегоа д-р Владимир Борозанов и д-р Стоје Стојмановски. Д-р Борозанов ја доби довербата на 35 а д-р Стојмановски на 28 членови на Собранието.
Претходно Собранието го верификуваше мандатот на 63 члена. Според заклучокот на Верификационата комисија прегласување ќе се изврши на избирачкото место 40 во Општинскиот одбор Кисела Вода и избирачкото место број 8 во Општинскиот одбор во Гостивар. Треба да се спомене дека на седницата на Собранието присуствуваа сите избрани членови.
Нов претседавач на Собранието е д-р Живко Даскаловски од Битола кој ја доби довербата на мнозинството од присутните.
По изборот на претседател членовите на Собранието се договорија седницата да продолжи во понеделник 14 април во 11 часот. Се очекува Собранието да избере двајца потпретседатели, нов извршен одбор и другите органи и тела кои за својата работа одговараат пред него.
ВЛАДИМИР БОРОЗАНОВ:
БЛАГОДАРНОСТА ЗА ИСКАЖАНАТА ДОВЕРБА
д-р Владимир Борозанов |
Благодарам на сите што гласавте, достоинствено и дисциплинирано, така како што ни доликува. Вашите мислења и ставови во вакви ситуација претставуваат поголема сила, а не разединување. Ќе се потрудам да исполнам барем дел од програмите, според мојата моќ, а се разбира заедно со вас, што ги презентиравме четворицата кандидати за претседател.
Уште еднаш многу ви благодарам за довербата што ми ја укажавте, сите вие членови на Собранието на Лекарската комора на Република Македонија. Уште еднаш повторувам, сите ние докажавме дека сепак докторската професија, односно докторскиот еснаф знае на достоинствен начин да ги решава своите работи.
По краткото излагање, што всушност беше заблагодарување за изборот, новиот претседател проф. д-р Владимир Борозанов ја прочита и ја потпиша свечената изјава со која се обврзува функцијата претседател на Лекарската комора на Македонија да ја извршува совесно, одговорно и дека ќе ги почитува законите, Статутот на Комората, Кодексот на медицинската деонтологија, актите на Собранието и одлуките на неговите органи. Притоа Борозанов во изјавата потенцираше дека ќе се грижи за заштита и унапредување на стручноста и интегритетот на докторската професија.
д-р Живко Даскаловски, нов претседавач на собранието |
РЕЧ НА ПРОФЕСОР Д-Р АЛЕКСЕЈ ДУМА
д-р Алексеј Дума |
Настаните што претходеа на ова Собрание асоцираа на замешување на одредени политички интереси во еснафот па дури и на некои бизнис лобија. Меѓутоа, по експозеата на четворицата кандидати сметам дека и ова Собрание ќе си ја изврши задачата во согласност со медицинската деонтологија. Почувствував големо задоволство кога ги слушав излагањата на четворицата кандидати.
Кога се формираше Комората беше навистина тешко. Првите две години коморското работење асоцираше на продолжена рака на државата. Навистина беше тешко да ја пробиеме идејата и да го дефинираме постоењето и функционирањето на еснафот.
Успеавме да создадеме институција што е потентна, институција за која денес се кршат копја се лобира, заинтересирани се политичките структури и партиите.
И на крајот пристигна големото задоволство. Денес тоа што го зборуваа колегите беа долгорочните и стратешки цели на Лекарската комора. Ќе бидам многу задоволен ако успеат да го реализираат она што не успеавме ние.
Беше многу тешко да се борите со ветерните мелници кои зад себе ги имаа државните институции. Блокадите и отпорите беа страшни. Ова морам да го споменам. Буквално сите досегашните министри за здравство првите шест месеци беа многу кооперативни. Без исклучок. Во моментот кога ќе ја сфатеа моќта на фотелјата на која седат и огромното задоволство на практицирањето на власта, не само што престануваа да комуницираат, туку и ги бојкотираа активностите на Лекарската комора. Последната работа која ја завршивме беше сопирањето на законот за заштита на пациентите се ветувањето дека неговото донесување ќе биде паралелно со законот за доктори.
Останав чист во однос на партиите. Не сум член на ниту една политичка партија, на ниедно бизнис лоби. Моето учење е дека парите не се тие што треба да ме водат. Образот е тој што ме води.
Драги господа кандидати за претседател, се нафаќате на многу тешка работа. Кај сите од вас го гледам ентузијазмот и желбата да продолжите да создадете нешто. Не заборавајте никогаш, една од причините заради која не ме сакаше ниту една власт, е разликата на луѓето во однос на практицирањето на власта. Некој седнува на столчето сметајќи дека тоа столче треба да му служи. Од него не бива ништо освен предавство и продавање на идејата. Ретки се тие што седнуваат во столчето, за да му служат. Еден од министрите бескрајно ми се налути и ги прекина сите инвестиции кон Институтот кога му кажав дека преводот на зборот министер не е ништо друго туку слуга.
Господа кандидати, не барам за возврат ништо. Единствено културно и цивилизациско етичко однесување. Борбата за колегите ќе биде тешка. Ќе бидете блокирани, минирани со петта колона, ќе ви се вметнуваат играчи како кукавички јајца, се со една цел да се докаже дека власта ја практицира некој друг. Сета вина за тие блокади ќе ви биде префрлена вам. Мора да издржите. А, ќе издржите ако образот ви е чист. Колегите ќе ве напаѓаат, заради тоа што не ќе можете да одговорите на барањата што се оправдани, на наводите на програмите коишто ги напишавте. Морам да признаам дека сте ги напишале многу искрено, со многу чесен приод. Дури во чесноста и искреноста гледам наивност. Но, тоа е добро бидејќи едно од одличјата на лекарската професија е токму наивноста. Еден од колегите рече дека не може да ги разбере докторите во однос на социјалното постоење, тие, ќе рече, сакаат да се дружат со несреќата на луѓето.
Секогаш ќе имате проблеми, зошто нашата фела постојано е предмет на продуцирани и наметнувани афери. Причина за тоа е фактот што ние сме единствените кои влегуваме во спалните соби на моќниците кои сметаат дека ја добиле државата. Ние сме единствените што им ги знаеме сите слаби точки. Ќе ја споменам реченицата што им ја кажувам на моите студенти- докторите се повеќе од обични смртници. Тие мора да бидат паметни и препотентни, при што интелигенцијата и рационалноста се тие што треба да не учат да бидеме препотентни онолку колку сме моќни во нашето професионално егзистирање.
Сакам да ви посакам успех, без разлика кој ќе биде новиот претседател. Му пожелувам да успее да оствари што повеќе. Ве молам да не бидете строги судии во времето кога ќе доаѓаат разочарувања. Меѓу колегите гледам и агресивни луѓе коишто сакаат добронамерно, апсолутно bona fide, да внесат брзи промени. Тие не се реализираат преку ноќ. Тоа се остварува со тешка работа.
Ви препорачувам да не се делите по ниеден основ, бидете компактни и не дозволувајте некој друг да ви кажува како да мислите и што е добро. Докторите и онака по дефиниција се најрационалните луѓе од чисто професионална деформација. Докторот мора веднаш да донесе одлука за судбината на својот пациент и по правило да биде правилна, а тоа е во 99,999 отсто случаи, бидејќи пациентите најчесто се задоволни. Во оваа прилика ќе го споменам професорот Вулнет Старова со неговата позната изјава дека докторите се единствените судии без поротници. Токму заради тоа верувајте им на вашите инстинкти, но борете се по секоја цена, денешното разидување врз основа на гласањето, конфронтациите и сето она што е присутно со желба да успее “нашиот” кандидат, да заврши со излегување од оваа сала. Ние сите сме исти. Припаѓаме на една религија, на една вера, на една партија-на белите мантили. Ние немаме друг избор.
Ви посакувам се најдобро, успех во работата и би сакал да се гордеам со она што ќе се случува во иднина. Должен сум да ви се извинам за сето она што не успеав да го направам. Должен сум да ја побарам вашата прошка за да бидам чист пред себе. Јас сум чист. Се вложив сиот и направив се, не помислувајќи во ниеден момент да влегувам во какви било пазари за некаква моќ, за некакви возврати.