ШЕЕСЕТ ГОДИНИ ОД ОДРЖУВАЊЕТО НА ПРВИОТ ЧАС НА МЕДИЦИНСКИОТ ФАКУЛТЕТ ВО СКОПЈЕ
СО ГОРДОСТ НА МИНАТОТО, СО ВИЗИЈА ЗА ИДНИНАТА
Во почетокот на ноември годинава се навршуваат шест децении од одржувањето на првиот час на Медицинскиот факултет во Скопје. Тоа е доволен период кој отвора широки можности да се проговори за неговата мисија сиве овие години.
Формиран во далечната 1947 година по предлог на тогашната влада на Народна Република Македонија, како четврт по ред Медицински факултет во тогашна Југославија, по медицинските факултети во Белград, Загреб и Љубљана, а само по Филозофскиот факултет во Скопје, претставува настан од посебно значење за медицинската наука, здравството и здравствената заштита во Република Македонија и пошироко.
Во времето на формирањето на Медицинскиот факултет Република Македонија се наоѓа во тешка економска и лоша здравствена состојба на населението. Здравсвената заштита во тоа време ја обезбедувале само 120 лекари и исто толку медицински кадар со средно образование на 1.200.000 жители. Фактот дека Медицинскиот факултет се отвори како втор факултет во Народна Република Македонија покажува колку голема била грижата на новата држава за заштита на здравјето на населението.
Тоа е периодот кога доаѓа до израз, пред с¢, едукативната и здравствената дејност, период кога постојните и набрзо новоформираните кадри со својата стручност, но и големиот ентузијазам, за кратко време ја променуваат лошата здравствена состојба во Народна Република Македонија.
Тоа е периодот кога со одлука на владата тогашните клиники (во рамките на постојната земска болница) се ставаат во функција, односно стануваат составен дел на Медицинскиот факултет.
Заложбата и ентузијазмот на тогашниот здравствен и наставен кадар, кој од ден на ден растеше, придонесе Медицинскиот факултет во Скопје постепено, но сигурно да прерасне во она што значи високообразовна институција од овој вид. Кон здравствената и едукативната дејност постепено, но сигурно, наставно-образовната, а со текот на времето и научната дејност стануваат рамноправни партнери. И не само тоа. Тие три дејности со текот на времето стануваат неделиви во своето функционирање и истовремено и гаранција за одржливоста и препознатливоста на установа од овој тип.
Медицинскиот факултет во Скопје во рамките на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”, како впрочем и другите медицински факултети во регионот и пошироко, својата функција, а истовремено и своето постоење го остварува и понатаму преку трите основни дејности: наставната, научната и високостручната здравствена дејност. Тоа се дејности кои се заемно поврзани и испреплетени во своето реализирање и воедно тесно поврзани во она што значи напредок, чекор напред во реализацијата на секоја новина поодделно кај секоја од нив, но сепак во склад и како гаранција за дефинитивниот успех на оваа високообразовна институција. Медицинскиот факултет оваа сложена и наедно многу одговорна задача, чија основна цел е создавање на високостручни кадри, нивно доусовршување и усогласување со најновите препораки и светски достигнувања, во моментот ја остварува и реализира преку: 233 наставници (125 редовни професори, 71 вонреден професор, 36 доценти); 37 научни работници, 13 насловни наставници, 215 помлади асистенти и асистенти, но и со несебичната помош на сиот здравствен персонал на клиниките при Универзитетскиот клинички центар.
Организационата структура на Медицинскиот факултет ја сочинуваат 12 институти и 3 наставни бази во претклиничкиот дел и 25 клиники, 3 институти и 7 наставни бази кои учествуваат активно во наставно-научната клиничка дејност.
Наставно-образовната, научната и здравствената дејност Медицинскиот факултет ја координира преку 33 катедри.
Сите тие земаат активно учество во реализацијата на студиските програми на Медицинскиот факултет, акредитирани и во склад со најновите препораки од областа на високото образование.
Медицинскиот факултет во Скопје може со гордост да потенцира дека 1 октомври 2007 година го означи како почеток на третата генерација на студенти по општа медицина усогласени по ЕКТС и Болоњските препораки. По завршување на шестгодишните студии кои се компатибилни и во склад со медицинските факултети во Европа, кандидатот се здобива со диплома доктор по медицина.
На 1 октомври 2007 година почнуваат и додипломските тригодишни стручни студии, усогласени и акредитирани по ЕКТС според следниве студиски програми: за дипломирани медицински сестри-техничари, за дипломиран радиолог-технолог, за дипломиран логопед и дипломиран физиотерапевт.
Во овој 60- годишен период од пазувите на Медицинскиот факултет се излезени 9.386 дипломирани доктори по медицина и 350 радиолошки технолози, голем дел од нив се докажани и респектабилни стручњаци секој во својата област, кои доследно го претставуваат Медицинскиот факултет во земјата и пошироко.
Улогата на Медицинскиот факултет како високообразовна институција секако дека не завршува со овие студии. Тука се последипломските студии и тоа научните последипломски студии по чие завршување и одбрана на магистерски труд, студентите се здобиваат со диплома магистер по медицински науки.
Во овој период магистерските студии од различни области на медицината ги завршија 315 студенти и се здобија со звање магистер по медицински науки, а моментално има 160 активни-студенти.
Медицинскиот факултет во 2003 година ги воведува и последипломските студии по јавно здравство како предвесник на Школата за јавно здравство (5 магистри и 110 магистратури кои се во тек).
На Медицинскиот факултет се изведуваат и последиплосмки стручни студии, односно специјализации и супспецијализации од разни области во медицината. Од 1992 година од моментот кога тие се во надлежност на Медицинскиот факултет, 2.380 го положија успешно специјалистичкиот испит (во тек се 700 специјализации).
Во овој 60- годишен период со титулата доктор по медицински науки се стекнаа 463 кандидати, 93 се во тек. Исто така, на Медицинскиот факултет во тек и во согласност со најновите препораки е воведувањето на најсовремени тригодишни докторски студии. Медицинскиот факултет претставува респектабилна институција од сферата на високото образование не само за себе, за Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”, но и за Република Македонија и пошироко.
Бројни наставни, научни и стручни соработници на Медицинскиот факултет денес престојуваат во многу научни, наставни и здравствени центри, установи и организации ширум Европа и светот. Тие се постојано присутни со свои научни трудови на бројни домашни и меѓународни научни собири од доменот на медицината, со што искуствата од европската и светска медицина ги пренесуваат во својата средина и истовремено го презентираат развојот на нашата медицинска наука во светот. Се зголемува бројот на почесни, визитинг - професори и доктори на наука од странство кои учествуваат во наставната и апликативната работа на факултетот.
Паралелно со ова расте и се развива научната мисла на факултетот преку бројни научни трудови објавувани во домашни и во странски научни списанија.
Медицинскиот факултет од 1947 година с¢ до 1996 година во континуитет функционираше како единство на наставно-научната и здравствената дејност преку институтите и клиниките, во разни форми на здружување, во зависност од актуелните законски прописи.
Меѓутоа, во април 1996 година Собранието на Република Македонија во донесе закон со кој го укина законот како lex specialis од 1971 година, со кој беше регулирано единството на факултетот и донесе одлука за основање Универзитетски клинички центар како Јавна здравствена установа конституиран според Законот за здравствена заштита надвор од пазувите на Медицинскиот факултет, ставајќи го Универзитетскиот клиничкиот центар во позиција на наставна база на факултетот.
Со оваа одлука се создадоа многу тешкотии во функционирањето на оваа врвна високообразовна институција, особено изразено поради одземеното влијание на делот во кој се извршува две третини од неговата образовна, научноистражувачка работа, и тешкотии во спроведувањето на врвната здравствена дејност.
Силниот наплив на политичкото влијание кај стручњаците, кадри на Медицинскиот факултет секако даваше свој “придонес” во оваа насока.
На прагот на 60-от јубилеј на постоење, Медицинскиот факултет се соочува со нов предизвик како да се обезбеди непречено функционирање во услови на создавање посебни правни субјекти на клиниките и во услови на пребрзани реформски зафати, без притоа да се води сметка за хармонизација и усогласеност на Законот за високото образование и Законот за здравствена заштита.
Медицинскиот факултет даде свое видување, изготви предлог- проект за организирање на Факултетот согласно со Законот за високо образование и Законот за здравствена заштита (заснован врз искуствата на другите медицински факултети). Овој предлог на седницата на Наставнонаучниот совет одржана на 8 февруари 2007 година беше усвоен со акламација. Во натамошна постапка проектот е усвоен од Ректорската управа и Универзитетскиот сенат при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”. Во Предлог-законот за високо образование што го изготви Министерството за образование и наука, има посебни одредби за Медицинскиот и Стоматолошкиот факултет со кои се нудат решенија за решавање на статусот на овие факултети. Овој закон се наоѓа во собраниска процедура.
Нудење на каква било друга концепција за разрешување на статусот на Медицинскиот факултет ќе претставува разнебитување и нарушување во вршењето на основната дејност на факултетот.
На Универзитетскиот клинички центар, односно на неговите клиники треба да се гледа како на дел од Медицинскиот факултет, како на негови лаборатории во кои и со чија помош паралелно со давање врвна и максимално стручна здравствена заштита ќе се произведуваат и истовремено едуцираат нови стручни кадри. Тоа е, всушност, профитот што се очекува од овие установи, не амнестирајќи ги во тоа тие да работат чесно, организирано и крајно отчетно и одговорно. Но, притоа со огромно залагање за тоа да постои функционално поврзување помеѓу одделните сегменти и, пред с¢, со и во функција на Медицинскиот Факултет, што ќе биде гаранција не само за негово опстојување туку и голем напредок за што се залагаме сите ние, а во интерес на идните генерации на доктори, како во процесот на обезбедување на најсовремена и истовремено врвна здравствена заштита на населението во Република Македонија.
Во текот на своето 60- годишно постоење, Медицинскиот факултет во Скопје беше основач и матичен факултет на Стоматолошкиот и Фармацевтскиот, а истовремено обезбедуваше и с¢ уште обезбедува интердисциплинарна настава од својот домен на повеќе факултети. Долгогодишната плодна работа на факултетот е крунисана со значајни научни и наставни постигања на полето на медицината. За ова говорат и бројни меѓународни и домашни највисоки признанија и благодарници.
Медицинскиот факултет во изминатите 60 години непречено тесно соработува и го дава својот придонес со лекарските асоцијации и здруженија преку континуираниот процес на едукација, преку разни форми на континуирано образование, тренинг курсеви, семинари, конгреси, стручни усовршувања од различна форма и карактер. Зема активно учество при воведувањето и реализацијата на одредени новини во здраствениот систем. Активно учествува и дава голем придонес на стручен план во повеќе стручни комисии во Лекарската комора и во Македонското лекарско друштво.
Одбележувајќи ја 60- годишнината од почетокот на работата на Медицинскиот факултет (1947-2007) оваа значајна македонска високообразовна институција со гордост се сеќава на минатото, истовремено покажувајќи ги достигањата на полето на наставата, науката и размената на искуствата и примената на најврвните достигања во медицината.
Медицинскиот факултет денес е рамноправен член на европското и на светското семејство на овој вид институции.
Богатата традиција, изградените вредности преку долгиот пат во изминатиот период се сигурна гаранција на опстојувањето на сите предизвици, како и компетентно имплементирањето на медицината во 21 век.
Нека ни е честит 60- годишниот јубилеј.
(текстот е пренесен од “Vox Medici”)