МИЛЧО ТРЕНКОСКИ ДОБИТНИК НА НАГРАДАТА “СВ. НАУМ ОХРИДСКИ”
Врз основа на одлуката на Комисијата за доделување на наградата “Св. Наум Охридски” добитник на највисокото признание на Лекарската комора на Македонија за 2006 година е примариус д-р Милчо Тренковски.
Комисијата ги разгледа трите предлога што пристигнаа во предвидениот рок од општинските одбори на Лекарската комора на Македонија. По посетата на сите кандидати и установите во кои тие работат беше донесена едногласна одлука наградата да му припадне на примариус д-р Тренкоски.
Д-р Милчо Тренкоски е роден на 10 јуни 1948 година во селото Локвица. Медицински факултет завршил во Скопје. Целиот досегашен работен век го поминал во Македонски Брод. Се вработува на 24 јануари 1977 година во Здравствениот дом во Македонски Брод како лекар од општа практика во време кога за целиот регион од 12.500 жители се грижеа само двајца лекари.
По седум години во Медицинскиот центар во Прилеп и Клиничкиот центар во Скопје специјализира школска медицина. Специјалистичкиот испит го положил 1986 година. Оттогаш работи во новоснованиот школски диспанзер како специјалист и негов раководител.
Во школскиот диспанзер работи на заштита на здравјето на болните и здрави деца од школска возраст. Тоа го прави преку редовни систематски прегледи, вакцинации и слично. Резултати на оваа негова работа заедно со тим доктори од други специјалности е раното откривање на деформитетите на рбетниот столб и екстремитетите, корекциони аномалии на видот, анемиите, меѓу другото и најдијагностицираниот крипторхизам, ортодонски аномалии и слично.
Учествува во 24 часовна здравствена заштита на населението од подрачјето што го покрива Здравствениот дом. Често тоа било пеш по непроодни патеки во зимски услови, а понекогаш потпомогнат и со хеликоптер за пружање прва помош во планините околу Македонски Брод.
Од 1989 година д-р Тренкоски е автор и коавтор на повеќе од 20 стручни трудови.
Со усно излагање “Детето и школото во општината Македонски Брод”, 1990 година, настапува на Вториот конгрес на лекарите по школска и универзитетска медицина на некогашна Југославија во Суботица. Со свој постер настапува и на Првиот пулмо-алерголошки конгрес со меѓународно учество 1993 година во Охрид.
Примариус д-р Милчо. М. Тренкоски е познат и признат лекар меѓу населението и примерен колега.
Д-р Тренкоски во времето на основањето на Лекарската комора бил првиот претседател на Општинскиот одбор, давајќи максимален придонес за етаблирањето на еснафската организација. Бил и претседател на активот на МЛД, повереник на синдикалната организација.
Д-р Тренкоски ја добива наградата оправдувајќи го интересот на Лекарската комора преточен во Правилникот во кој се бара особено истакнување при совесното лекување и одговорно извршување на лекарската професија, остварувајќи притоа особено добри резултати при лекувањето на пациентите, стекнувајќи се притоа со доверба и популарност меѓу нив остварувајќи притоа добра соработка и однос со своите колеги.