СОСТАНОКОТ НА ТРИЛАТЕРАЛНАТА КОМИСИЈА
РАЗГЛЕДАНИ ПОВЕЌЕ АКТУЕЛНИ ПРАШАЊА
На почетокот на состанокот беше констатирано дека Министерството за здравство се уште не го подготвило документот за приватизација на секундарната дејност.
Претставници на Министерството за здравство информираа дека веќе е промовирана предлог-мапата на здравствени установи. За прв пат во Македонија за 8 региони има околу 200 индикатори за целосно поврзување со здравството.
Претставник на ФЗО, Лазар Трајчев информираше за воведувањето на новиот софтвер од Фондот врз чија основа се врши исплата на ПЗУ од примарна здравствена заштита само за пациенти кои ги имаат платено придонесите и имаат сини картони. Исплатата е намалена и за лицата кои никаде не се пријавени. За здравствените домови и општите болници се одбива износот на рефундираните средства, за што постои Одлука на УО на ФЗО. Значи секоја рефундација која Фондот ќе ја направи за потрошен материјал и лекови кои установата требала да ги има, се одбиваат од износот на вкупната сума која се исплаќа. Здравствените установи се информирани со тоа што тоа постои како посебна клаузула во договорите.
Од Комората е иницирано покачување на висината на бодот што би почнало да важи од 2008 година. Предлогот, беше речено, е резултат на официјалните извештаи на ФЗО од последните 10 години и податоците од Државниот завод за статистика.
Претставниците на ФЗО информираа дека е донесена Одлука за утврдување на цените на дежурствата, остварена приправност и породување во породилиштата на здравствените домови. Таа е објавени и на Веб-страницата на Фондот. Врз основа на Одлуката ќе почне исплата на ангажираните служби.
Од Лекарската комора повторно е актуелизирано прашањето за обврската на матичните доктори за континуирана здравствена заштита во градовите со над 20.000 жители. Предложено е во 2008 година обврската за организирање на дежурства да биде обврска на здравствените домови.
На состанокот стана збор за исполнување на целите на систематските прегледи и вакцинацијата. Побарано е објаснување од претставниците на Фондот како да контактираат превентивните тимови со матичните доктори. Констатирано е дека се води паралелна евиденцијата. Притоа е иницирана промена на Правилникот во делот за исполнување на целите.
На иницијатива на претставниците на ЛКМ, отворена е расправа за почитување на равноправен однос меѓу специјалистите стоматолози и специјалистите доктори на медицина. Причина е Одлуката на Управниот одбор на ФЗО за зголемување на лимитите за специјалистите стоматолози od 85.000,00 na 100.000,00 denari. Ставот на Комората е да се почитува равноправноста помеѓу двете специјалности. Договорено е да се направи анализа врз основа на извештајот за првите три месеца од 2007 година за бројот на извршени услуги на специјалисти кои имаат склучено договор со ФЗО, за да се види колкав процент од нив го надминуваат лимитот од 80.000 денари.
Од Министерството за здравство е побарано да се подготви списокот на дегенеративни заболувања, со утврдување на реалните потреби за рехабилитација, со што ФЗО очекува намалување на трошоците по овој основ.
Претставниците на Министерството за здравство побараа на еден од состаноците на Трилатералната комисија да се расправа и за работата на Комисијата за етички и правни прашања на Лекарската комора, која има законска обврска да ги санкционира докторите кај кои се утврдени неправилности во работењето од страна на инспекциските органи на Министерството за здравство. Министерството очекува повратни информации врз основа на прекршочни пријави до Комората.