НА 11 ЈУНИ ОДБЕЛЕЖАН ЈУБИЛЕЈОТ НА ЛЕКАРСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА
ГОДИНИ НА ПОСТОЈАНО ДОКАЖУВАЊЕ
На 11 јуни во Клубот на пратениците во Скопје на свечен начин беше обележана 15. годишнината на Лекарската комора на Македонија. На свеченоста покрај другите присуствуваа деканот на Медицинскиот факултет проф. д-р Магдалена Жантева Наумоска и претседателот на Македонското лекарско друштво проф. д-р Јован Тофоски.
Во подолгиот, инспиративен, на моменти и емотивен говор претседателот на Лекарската комора на Македонија проф. д-р Алексеј Дума говореше за се она што се случува во здравството и за сите напори што ги прави Комората за надминување на состојбите.
Проф. д-р Алексеј Дума зборуваше за проблемите со кои се соочуваат докторите. Тој притоа рече дека докторите се се повеќе цел на неосновани напади, во последно време дури и физички, со што се урива дигнитетот на докторите и на целата докторска популација. Она што загрижува е фактот што докторите се мета на критика во медиумите и од органите во здравството кога е во прашање лекувањето на пациентите. Кога треба да се застане во нивна одбрана на нивниот физички интегритет и дигнитет тие од сите се заборавени.
Исто така тој го истакна и ставот дека нелогично е да се донесува закон за пациенти, а притоа да не се прифати подготвување на закон за заштита на правата на докторите.
Одбележувањето на возобновувањето на Комората, кое се случи на 5 јуни 1992 година, која патем речено ги има своите почетоци во далечната 1929 година, проф. д-р Дума ги истакна новите овластувања и работата на нив во Комората. Притоа, тој рече, Комората сериозно ги свати своите обврски поврзани со водењето на регистарот на доктори, издавањето на новите лиценци и спроведувањето на стручните испити за докторите.
Пред Комората, рече проф. д-р Алексеј Дума, има многу задачи. Треба премногу работа за да се исполнат преземените обврски од јавните овластувања. Реализацијата на задачите на Комората, според него, уште повеќе ќе добијат на тежина, со поголема можност за нивно реализирање, со формирањето на фронтот која го сочинуваат сите релевантни фактори во здравството.
Во продолжение на свеченоста претседателот на Комисијата за доделување на наградата, Светлана Нешоска Николоска го соопшти името на лауреатот на годинешното признание, наградата “Св. Наум Охридски”. Признанието на д-р Милчо Тренчоски му го врачи претседателот на Комората, проф. д-р Алексеј Дума.