МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО, ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВЕНО ОСИГУРУВАЊЕ И ЛЕКАРСКАТА КОМОРА ФОРМИРАА ТРИЛАТЕРАЛНА КОМИСИЈА
КОНТИНУИРАНО РЕШАВАЊЕ НА ПРОБЛЕМИТЕ
Договорено е Трилатералната комисија да ја сочинуваат пет членови:
• двајца претставници од Министерството за здравство
• двајца претставници од Лекарската комора
• еден претставник од Фондот за здравствено осигурување
Во функција на работата на Трилатералната комисија, односно на двајцата претставници од Лекарската комора на Република Македонија на седницата на Извршниот одбор на Лекарската комора на Република Македонија на 14 февруари 2007 година формираше поширока Комисија во функција на подготовки за учество и преговори во трилатералната комисија. Оваа комисија треба интензивно да работи на прибирање и градење ставови по конкретни проблеми. Ставовите, предлозите и мислењата Комисијата треба да ги доставува до двајцата членови на трилатералната комисија.
Комисијата ќе работи континуирано и нема да има постојан состав. Во нејзината работа ќе учествуваат и други учесници во зависност од проблематиката за која ќе се расправа. Таа е должна да работи во координација со Извршниот одбор на Комората и да реферира за своите активностите.
РАБОТИЛНИЦА НА ГРУПАТА ЗА ПЗЗ
ПРИФАТЕНИ ПОВЕЌЕ ЗАКЛУЧОЦИ
Групата за примарна здравствена заштита како дел од Комисијата за учество и преговори со трилатералната комисија, на 3 и 4 март во Струга одржа работилница на која учествуваа околу 40 доктори. На работилницата присуствуваа доктори од Скопје, Гостивар, Велес, Куманово, Охрид, Штип и Битола.
Координаторот на групата за ПЗЗ, д-р Стоје Стојмановски ги инфомираше присутните за формирањето на Комисијата како една од страните за учество и преговори во таканречената трилатералната комисија.
Учесниците на работилницата беа поделени во четири групи кои имаа задача :
• да ги дефинираат проблемите за кои треба да се преговара;
• да се понудат решенија за отврорените проблеми и
• да го потенцираат бенефитот од понуденото решение за пациентите, како корисници и за докторите како даватели на здравствените услуги.
По завршувањето на работата на работилницата беа донесени повеќе заклучоци:
1. Понуденото решение за континуирана здравствена заштита (во текот на 24 часа) во овој момент не е можно како унифицирано решение за целата територија на Република Македонија (на пример, во Валандово работат пет доктори на медицина, кои не се во состојба да организираат континуирана здравствена заштита). Потребна е измена на Правилникот за начинот на плаќање на здравствените услуги во примарна здравствена заштита во член 9, став 1,точка 2 ;
2. Вредноста на капитационит бод е ниска и не овозможува нормално функционирање на ПЗУ. Сметаме дека е погрешно пресметана, и претставува мало процентуално зафакање од буџетот на Фондот наменет за ПЗЗ. Исто така определаната висина на бодот не е усогласувана со порастот на животните трошоци и со инфлаторните движења во изминативе години. Ова треба да биде предмет на понатамошни преговарања во Трилатералната комисија.
3. Целите што треба да се постигнат во однос на резултатите од извршената работа од страна на избраниот лекар, врз основа на членот 4 став 1 точка 3 од Правилникот за начинот на плаќање на здравствените услуги во примарната здравствена заштита, да се сметаат за реализирани во 2007 година, како што е претходно договорено во преговорите помеѓу Лекарската комора и Фондот за здравствено осигурување. Во наредниот период сметаме дека треба да подлежат на ревизија. Предлагаме измени на горенаведениот правилник во тој дел. Сметаме дека целите ќе дадат поголем ефект доколку истите бидат стимулација за извршената работа а не казна.
4. Во однос на пресметувањето на вредноста на поенот во зависност од бројот на остварени поени, го прифаќаме методот за стимулација и воедно предлагаме:
• Помладите доктори кои имаат до 1.000 поени да не бидат обврзани да формираат тим;
• Докторите кои имаат од 2.500 до 3.500 поени да може да вработат втор доктор но да не мора да примаат уште една сестра;
• Докторите кои имаат над 3.500 поени да се обврзат да примат комплетен втор тим;
5. Работната група инсистира на ажурирање на евиденцијата во ФЗО. Неопходно е да се направи база на податоци за сите пациенти по матичен доктор и да се овозможи пристап на докторите до базата на ФЗО, за да имаат континуиран увид каде е прикрепен пациентот и дали е воопшто осигуран. Евиденцијата во базата да се води по матичен број а не по здравствен број.
6. Се предлага да се воведе партиципација за преглед во ПЗЗ, со цел да се подобри квалитетот на здравствената услуга. На тој начин ќе се намали бројот на непотребни прегледи на пациенти кои секојднево се во амбуланта и повеќе пати. Висината на партиципацијата ќе биде предмет на договарање со Министерството за здравство и ФЗО. Исто така предлог е 50% од наплатениот износ да биде уплатуван на сметката на ФЗО.
7. Во врска со пакетот на здравствените услуги неопходна е ревизија на основниот бесплатен пакет на услуги (таканаречен социјален пакет) во ПЗЗ. Притоа мора да се води сметка не само за видот на услугите туку и за обемот и фрекфенцијата на истата. Сметаме дека основниот пакет треба да е усогласен со опремата и средствата што се предвидени со Правилникот за поблиските просторни услови, опремата и кадрите за основање и работење на здравствените организации. Секоја друга услуга која пациентот ќе ја добие врз основа на лично барање или во договор со матичниот лекар, а ќе биде извршена во матичната ПЗУ, треба да биде наплатена од пациентот како услуга надвор од основниот пакет на здравствени услуги.
8. При исплатата се бара почитување на член 7 и член 8 од Правилникот за начинот на плаќањето на здравствените услуги во примарна здравствена заштита. Притоа, за членот 7 се предлага како основа за дефинирање на статусот на стопански недоволно развиени подрачја да се користи Одлуката за утврдување на стопански недоволно развиени подрачја во РМ во периодот од 2003 до 2007 година (“Службен веник на Република Македонија” бр. 28/2003). Во врска со членот 8 да се почитува Правилникот за начинот на плаќањето на здравствените услуги во примарна здравствена заштита донесен од ФЗО во јуни 2001 година.
9. Во врска со дефинирањето на сопственоста и состојбата на објектите кои се издават под закуп, бараме за оние објекти кои не се сопственост на министерството за здравство, да им се овозможи на докторите земање под закуп на тие ординации под исти услови кои важат за другите закупопримачи каде е регулирана сопственоста на објектите.
10. Во врска со ампуларната терапија се бара да се ревидира и намали листата за ампуларна терапија од ПЗЗ која се дава на терет на капитацијата ( на пример за ампули Tetabulin, Haldol, Enalapril). Да се ревидира на упатствата за работење во ПЗЗ, на нивно ажурирање и примена.
11. Министерството за здравство и ФЗО да излезат со апел за задолжителен избор на матичен доктор за секој граѓанин на Република Македонија најдоцна до 30.09.2007година. За оние кои нема да се изјаснат до определениот рок, Фондот по претходно утврдени критериуми да им определи матичен доктор и од 01.01.2008 година. Ургентно и неопходно да се воведе електронска картичка.
12. Инсистираме на унифицирање на работата на сите подрачни единици на ФЗО.
13. Инто оформување на катедра за ПЗЗ и создавање на услови за специјализација за докторите од областа на примарната здравствена заштита.
14. Информирање на докторите од ПЗЗ за работењето на трилатералната комисија да биде транспарентно со редовно ажурирање на WEB страната на Лекарската комора.
15. Во врска со промената на избраниот матичен доктор, го прифаќаме правото на секој пациент за слободен избор на лекар, но бараме да се додефинира постапката за промена. Во таа постапка задолжително треба да биде вклучен и избраниот лекар. Доколку пациентот направи одјава директно во Фондот, да се обврзе стручната служба на ФЗО да го извести матичниот лекар за извршената промена во рок од 48 часа.
16. Ургентно или најдоцна до 12.03. 2007 година да се издадат дозволите за работа од страна на Министерството за здравство, да се потпишат договорите за работа со ФЗО и да се исплатат авансите за новите закупци, со цел да престане наплатата за извршените прегледи.
17. За докторите на медицина кои без барање се прераспределени на друго работно место, а се закупци на ординации во кои работат помалку од шест месеци, што е спротивно на одредбите на Законот за здравстена заштита член 200-л став 2, според “кој докторите на медицина треба да се распоредени на работни места најмалку шест месеци пред влегувањето во сила на Законот”, со кој се врши издавање на ординациите во ПЗЗ под закуп, се предлага грејс период од една година во кој ќе се исплаќа надоместок како аванс, на начин кој беше применет во процесот на приватизација кај докторите по стоматологија. За тоа време на докторот ќе му се овозможи да прикрепи доволен број на пациенти.
18. За итни случаи за пациенти кои се јавуваат на преглед кај доктор кој не е нивен матичен лекар, инсистираме целата услуга да се фактурира како екстра услуга на товар на Фондот (пружената услуга и потрошениот материјал).
19. Прифатено е мислењето од Здружението на специјалисти по клиничка биохемија, даден како прилог број 1.
20. Дополнително ќе бидат доставени барањата од докторите на медицина специјалисти по гинекологија и педијатрија, откако претходно бидат разгледани од групата за ПЗЗ.
По дефинирањето на заклучоците, членовите на работилницата одлучија да се побара средба со министерот за здравство на која овие заклучоци ќе бидат доставени и образложени.
ГРУПА ЗА СПЕЦИЈАЛИСТИЧКО-КОНСУЛТАТИВНА ЗДРАВСТВЕНА ЗАШТИТА
ЗА ПОЧЕТОК ЧЕТИРИ ТЕМИ ЗА РАСПРАВА
Групата за специјалистичко-консултативна здравствена заштита, во функција на Трилатералната комисија одржа состанок на 13 март 2007 година. Врз основа на повеќечасовната дискусија Групата на Трилатералната комисија предлага разговорите да започнат со следните теми:
1. Зголемување на цените на здравствените услуги. При формирањето на цените да се има предвид реалната вредноста на опремата, нејзиното сервисирање и потрошниот материјал што се користи при давањето на определената здравствена услуга. Исто така да се земат предвид депресијацијата на денарот и кумулираната инфлација од 1996 година, кога за последен пат се направени корекции на цените на здравствените услуги.
2. Фондот за здравствено осигурување да склучува договори со сите заинтересирани здравствени институции и тоа на период подолг од една година, како што тоа досега се прави. Неопходно е да се погледнат примерите како тоа го прават другите земји како на пример Австралија, каде се склучуваат договори на 5 години, Австрија на 8 години се склучува првиот договор а потоа се бесконечни, Германија каде се прават бесконечни договори. Еднаш се склучува договорот, а во договорот се наведени причините што можат да бидат мотив за негово раскинување.(Во овие земји се преговара исклучиво само за висината на здравствените услуги).
3. Во делот на утврдување на надоместокот за вршење на здравствените услуги, да се инсистира на целосна примена на Правилникот за критериумите за склучување договори и за начинот на плаќање на здравствените услуги со здравствените установи кои вршат специјалистичко-консултативна и болничка здравствена заштита (“Службен весник на Република Македонија” број 18/2003), особено членот 4 став 2 точка 2 каде надоместокот се утврдува врз основа на “трошоците на здравствената установа, видот и обемот на здравствените услуги на осигурените лица остварени во последните три години” и членот 11 во кој е дефиниран начинот на остварување на структурата на надоместоците.
4. Средствата кои се наплатуваат од учеството на осигуреното лице со лични средства при користењето на здравствените услуги (партиципација), врз основа на членот 32 од Законот за здравствено осигурување, да бидат средства кои остануваат во здравствената установа како нејзин приход. Досегашното законско решение од Закон за здравствено осигурување донесен во 2001 година вели дека партиципацијата е извор на приход на ФЗО, и здравствените установи го уплаќаат на сметка на ФЗО. Секаде во светот па и во препораките на врвните стручњаци по здравствен менаџмент, партиципацијата за здравствените услуги е облик на контрола со кој се остварува:
* намалување на број на посети (непотребни) од страна на пациенти кон докторите и
* дополнителен приход на докторите, кој можат да го користат за материјално-техничко опремување на докторски ординации и за стручно усовршување.