РЕАКЦИЈА НА ЛЕКАРСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА
Извршниот одбор на Лекарската комора на Македонија на својата 24-та седница одржана на 01.11.2006 година расправаше за актуелните проблеми во здравството и ги донесе следниве ставови:
1. Лекарската комора на Македонија стои на ставот дека без претходно донесен Закон за доктори не го прифаќа донесувањето на Законот за заштита на пациентите, бидејќи без претходно регулирање на статусот (професионален и социјален) на докторите во општеството неможе да се добие соодветен одговор во заштитата на правата на пациентите.
2. Во врска со дополнителната работа на докторите, Комората констатира дека исклучувањето на дополнителната работа надвор од матичната здравствена установа ја лимитира професионалната слобода на докторите и е во спротивност со ставот дека добриот доктор треба да може да си го “продаде” своето знаење. Како ќе се регулира работата на овие институции е работа на менаџерите, докторот мора да биде слободен. Не се прифаќа ставот дека на таков начин докторите ќе се богатат.
3. Докторите и покрај секојдневната ангажираност и работа се донесени под минимумот на социјална егзистенција и под минимумот на професионална моќ не по сопствена вина, зошто државата дозволила “белата мафија” чии жртви се и докторите и пациентите, да го контролира здравствениот систем и здравствениот денар и тоа е проблем на власта, а не на докторите и пациентите. Комората смета дека е потребно да постои демократски и транспарентен начин на формирање на цените на здравствените услуги односно интелектуалниот труд на докторите.
4. Комората во целост ги подржува активностите на синдикатот во однос на платите и примената на Колективниот договор.
5. Комората бара доследна примена на Одлуката на Управниот одбор на Фондот на здравствено осигурување за воведување на референтни цени на лековите и примена на истата на истата постапка за реагистрација на реагенсите. Исто така, се бара континуирана активност за контрола на квалитетот на лековите и реагенсите во согласност со ставовите од земјите на Европската унија .
Сметаме дека е потребно да се актуелизираат и продолжат активностите дефинирани во основниот проект за трансформација на здравствениот систем донесен 1996 година од страна на Владата на Република Македонија, а поддржан од Министерство за здравство, Светска банка, Синдикатот за здравство, Македонско лекарско друштво, Медицински факултет и коморите (Лекарска, Стоматолошка и Фармацевтска). Тој проект е донесен како резултат на физибилити студија подготвена во соработка на Run Corporation како консултантска куќа ангажирана од Светска банка, а реализацијата на проектот се одвиваше со средства од Светска банка за што парламентот донесе закон за задолжување.
Кога се суди за етичноста на докторите и нивните обврски во контекст за добра лекарска пракса мора да се има на ум нивниот објективно еродиран, социјален и професионален статус кој произлегува од досегашниот однос на државата кон професијата доктор, наметнувајќи му континуирани обврски без создавање реални критериуми за соодветна награда и востпоставување услови за обавување на професијата.
Досега докторите на лична штета и на штета на своите семејства го решаваа социјалниот мир во државата вложувајќи го сето свое знаење и време во обавување на својата професија во интерес на пациентите без соодветна валоризација на својот труд.
Согласно Луксебуршката декларација за сигурност на пациентите сметаме дека неопходно е да се осигураат работни услови за сите здравствени работници кои ќе придонесат за сигурноста на пациентите.
Извршен одбор
на Лекарска комора на Македонија