КОМОРАТА ГО ОДБЕЛЕЖА СВЕТСКИОТ ДЕН НА ЗДРАВЈЕТО
На одбележувањето на Светскиот ден на здравјето меѓу другите присуствуваа и Љупчо Јордановски, претседател на Собранието на Република Македонија, Минчо Јорданов потпретседател на Владата, Владо Димов, министер за здравство, Никола Пановски, директор на Фондот за здравствено осигурување, Јован Тофоски, претседател на МЛД и Ѓорги Оровчанец, претседател на Комисијата за здравство на Собранието на Македонија.
На свеченоста на присутните неколку стотини доктори од целата држава им се обрати д-р Алексеј Дума, претседател на Лекарската комора на Република Македонија и Владо Димов, министер за здравство.
Во пригодната реч д-р Алексеј Дума, меѓу другото истакна дека ваквите дружења се прилика повеќе за миг да заборавиме на многуте обврски и големата одговорност што ја имаат докторите при извршувањето на секојдневните обврски.
Д-р Владо Димов, обраќајќи им се на присутните со честитки по повод празникот напомена дека во моментот се одвиваат многу значајни реформи кои треба да придонесат за подобрување на вкупните состојби во оваа сфера.
Пред присутните беа презентирани песни од големиот поет академик Анте Поповски во изведба на Софија Гогова Врчаковска. Во продолжение беше изведена пригодна музичка програма.
Посетителите имаа можност за време на неколкучасовното дружење да ги погледаат и делата на д-р Гаврило Кафеџиски кои беа изложени токму поради оваа прилика.