ДЕКЛАРАЦИЈА НА ЛЕКАРСКАТА КОМОРА
Предложената Декларација членовите на Собранието едногласно ја прифатија.
Оваа декларација беше испратена до претседателот на Собранието, пртседателот на Владата, министерот за здравство, претседателот и членовите на Комисијата за здравство, до сите пратенички групи и до Канцеларијата на Светската банка во Скопје. Во продолжение ви го пренесуваме интегралниот текст на декларацијата.
Д Е К Л А Р А Ц И Ј А
Здравствената дејност е од посебен интерес за Република Македонија. Целта на здравствена дејност е заштита на здравјето на поединците, семејството и целокупното население.
Во повеќе демократски земји и во земјите во транзиција здравството е дејност од посебен интерес на државата. Во сите овие земји постои законска регулатива со која се регулира оваа дејност. Во Словенија законот за доктори е донесен во 2000 година, а во Хрватска ист таков закон е донесен во 2003 година.
Подигањето на кредибилитетот на здравствената дејност и борбата против се почестите афери во здравството подразбираат ваков чекор и ваков однос за посебно институционализирање на здравството.
Лекарската комора на Македонија смета дека е неопходно да се подготви закон за доктори во кој би се утврдило местото, улогата и функцијата на докторската дејност и докторите. Комора во изминатиот период повеќе пати подготвуваше и предлагаше посебен закон за доктори.
Поистоветувањето на докторите со државни службеници претпоставува дерогирање на усвоените измени и дополнувања на Законот за здравствена заштита донесен во март 2004 година со кои се предвидуваат специфични услови за обавување на здравствената дејност (капитационо плаќање и системот на лиценцирање и акредитација).
Од овие причини Лекарската комора на Македонија смета дека здравството како дејност треба да се иземе од предлог законот за јавни установи.
Утврдувајќи дека здравствената дејност е од посебен општествен интерес налага многу внимателно да се подготви и да се предложи соодветен модел на трансформација во здравството.
Лекарската комора на Македонија е подготвена да даде своја стручна помош при подготвувањето на законската регулатива која би ги регулирала статусот на докторите, докторската дејност и нејзината трансформација.