ПО ПОВОД 7 АПРИЛ-СВЕТСКИОТ ДЕН НА ЗДРАВЈЕТО
ВЕЧЕР НА ПРЕКРАСНО ДОЖИВУВАЊЕ
Лекарската комора на Македонија, на 6 април, по девети пат ја одржа традиционалната манифестација со која беше одбележан 7 април-Светскиот ден на здравјето. Место “Докторите низ уметноста” годинава проф. д-р Миодраг Врчаковски се претстави како сценарист и режисер на сценско-музичката претстава “Ах тие доктори”. Присутните, во речиси преполната Универзална сала, долго ќе се сеќаваат на таа априлска вечер во која беа заборавени сите секојдневни грижи. Долгите аплаузи и гласната смеа беа најдобра потврда дека претставата беше полн погодок.
Низ искучително успешна пародија, со хумористичен текст, убави музички нумери и сонгови, за состојбите во здравството, во измислената земја Макаронија, авторот д-р Врчаковски го отслика она што ни се случувало и ни се случува во здравството.
Сепак речиси е невозможно да се пренесе сето она што публиката го виде на штиците на Универзалната сала. Тоа требаше да се види, или ако милувате, требаше на тој настан да се присуствува.
Пред присутните се претставија врвните актери и пеачи Благоја Чоревски, Димче Мешковски, Владимир Ангеловски- Дади, Драган Спасовски-Дац, Славица Ковачевиќ-Јовановска, Бубо Каров, Тања и Лидија Кочовски, Роберт Билбиловски, Раде Врчаковски, Зоран Марковски и групата “Ребис”.