ВТОРА СЕДНИЦА НА СОБРАНИЕТО НА ЛЕКАРСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА
ЈАВНИТЕ ОВЛАСТУВАЊА ПОДЗАКОНСКИ АКТИ
На 30 март оваа година Собранието на Лекарската комора на Македонија ја одржа својата втора седница. Таа беше посветена на усвојувањето на правилниците што беа подготвени во Лекарската комора. Сите овие правилници, со потписот на министерот за здравство и објавувањето во “Службен весник на Рапублика Македонија” ќе станат подзаконски акти. Врз основа на овие подзаконски акти Лекарската комора ги презема јавните овластувања што и ги пренесе министерот врз основа на измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита. На тој начин во Лекарската комора ќе се полагаат стручните испити, ќе се издаваат, продолжуваат, обновуваат и одземаат лиценците за работа на докторите.
Собранието на Лекарската комора со многу мали измени усвои: Правилник за критериумите што треба да ги исполнуваат здравствените установи и здравствените работници под чиј надзор се спроведува приправничкиот стаж; Правилник за стручниот испит на докторите на медицина и издавање на основна лиценца; Правилник за начинот на издавање, продолжување, обновување и одземање на лиценца за работа; Правилник за облиците, критериумите и постапката за распоредување на облиците и бодирање на стручното усовршување за обновување на лиценцата за работа на здравствените работници со високо образование од областа на медицината; Правилник за формата, содржината и начинот на водењето на регистарот на докторите на медицина; Правилник за програмата за дополнителна обука и проверка на стручните знаења и способности на докторите на медицина за стекнување со лиценца за работа и Правилник за висината на трошоците за издавање, продолжување и обновување на лиценцата.
Собранието го прифати предлогот на Извршниот одбор во врска со забелешките на текстот на законот за јавни установи. Притоа беше усвоена Декларација со која се бара здравството да добие третман на дејност од посебен општествен интерес.
На крајот од работата пред членовите на Собранието беше поднесен извештајот на Надзорниот одбор за материјално-финансиското работење на Лекарската комора на Македонија за 2004 година. Речиси без дискусија, едногласно, беше прифатен извештајот на Надзорниот одбор.
Собранието потоа ја усвои Одлуката за годишната пресметка на Лекарската комора на Македонија за 2004 година со извештај за финансиското работење. Собранието едногласно ја усвои и Одлуката за финансискиот план за 2005 година.