ВТОР ДЕЛ ОД ПРОЕКТОТ АФИРМАЦИЈА НА ЛИЦЕНЦИРАЊЕТО НА ДОКТОРИТЕ
Во просториите на Лекарската комора на Република Македонија деновиве се одржа промоција на четири изданија во рамките на проектот “Афирмација на процесот на акредитација на докторите во Република Македонија”.
Проектот кој го финансира Институтот отворено општество Македонија има цел да ги информира докторите за новините кои се однесуваат на лиценцирањето и акредитацијата. За таа цел беа подготвени и овие четири брошури со кои всушност почна реализацијата на проектот. Тимот кој работи на проектот ќе одржи повеќе средби, работилници, состаноци и други форми на кои ќе бидат презентирани новостите што ќе ги донесе системот на лиценцирање. Меѓу другите се предвидува и средби во Македонско лекарско друштво, на Медицинскиот факултет, во Министерството за здравство и во општинските организации на Лекарската комора.
Почетокот на овие средби ќе биде на 27 октомври со работилницата што ќе се одржи со новинарите кои треба да помогнат во афирмирање на овој процес и меѓу населението. Проектот ја носи пораката дека доктор со лиценца е чекор напред во примена на добрата докторска практика, па оттука и пораката што треба да произлезе дека доктор со лиценца значи и поголема сигурност за секој пациент.