Во Лекарската комора
ДВА ПРОЕКТИ СО ФОНДАЦИЈАТА СОРОС
ДВА ПРОЕКТИ СО ФОНДАЦИЈАТА СОРОС
Во моментов во Лекарската комора на Македонија паралелно течат два проекта кои ги финансира фондацијата Сорос. Првиот “Дизајнирање на Регистар на доктори како дел од воведување систем на акредитација во здравствениот систем на Република Македонија” се приведува кон крајот. Вториот проект “Промоција на системот за акредитација на докторите во Република Македонија” влегува во средишницата.
Тимот од првиот проект очекува тој да финишира кон крајот на овој месец или најдоцна во првата половина на идниот. Тоа значи дека првата верзија на регистарот ќе биде готова за имплементирање и за пробно користење. Ветувањата на програмерите се дека сите побарувања ќе бидат имплементирани и дека регистарот ќе претставува современ и софистициран збир на податоци релевантни за Лекарската комора при остварувањето на јавните овластувања што ги доби комората со Законот за измени и дополнувања на Законот за здравствена заштита.
Вториот проект влегува во мошне суптилна фаза. Во подготовка се четири брошури кои сегментарно ќе ја обработуваат функцијата и улогата на Министерството за здравство, Лекарската комора на Македонија, Македонското лекараско друштво и Медицинскиот факултет. По излегувањето од печат се очекува, веќе во септември, со претставници од сите овие асоцијации и институции да се одржат работилници на кои поконкретно ќе бидат презентирани детали кои ќе треба да бидат во примена во практиката. Исто така се предвидува слична работилница и со новинарите од печатените и електронските медиуми кои ќе бидат информирани за промените што ги донесува Законот кога е во прашање лиценцирањето и функциите на одделни сегменти.