Изборно собрание на Лекарската комора на Македонија
ПРЕД ОДГОВОРНИ И СЛОЖЕНИ ЗАДАЧИ
ГОЛЕМ ИСПИТ ЗА КОМОРАТА
Во кусото обраќање, веднаш по изборот, претседателот на Лекарската комора на Македонија, проф. д-р Алексеј Дума напомена дека изборот во органите и телата на Комората не треба да се прифати како привилегија, туку како обврска да се работи во името на членовите на асоцијацијата.
Говорејќи за задачите, проф. д-р Дума подвлече дека во наредниот период пред Комората претстојат две крупни задачи. Во прв план е имплементацијата на измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита, поточно реализација на јавните овластувања што ги доби Лекарската комора. Тука, рече тој, не смее да има импровизации зашто на тој начин многу брзо ќе го прокоцкаме она за што се залагавме повеќе од 12 години. Втора, исто така крупна работа е утврдувањето на цената на здравствените услуги. И тука Комората е на клучен испит, рече д-р Дума, напоменувајќи дека во тие рамки го гледа и трудот на докторот.
Во продолжение претседателот зборуваше за извонредните односи што во минатото беа изградени со Министерството за здравство, Македонското лекарско друштво, Медицинскиот факултет и Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита. Притоа тој ја апострофираше потребата да продолжи оваа соработка зашто сите овие институции, секоја на свој начин носат дел од одговорноста за здравството во целина.
Проф. д-р Дума зборуваше и за потребата од отворање фронт против здравствената мафија во државата. Притоа тој напомена дека евентуален неуспех ќе значи и натаму здравството да го следат афери кои ќе ги полнат страниците на печатот и емисиите на електронските медиуми.
Говорејќи за потребата за подобро место на докторот во општеството, своето обраќање тој го заврши со прашањето што треба да се подразбира под здравствена установа. Погрешно е, рече тој, да се толкува дека тоа се просториите и опремата што е во нив. Без докторите тие се само инфраструктура која не значи ништо. Токму затоа, според Дума, докторот мора да биде прифатен и вреднуван како институција без кого не можеме да зборуваме за здравство кое го бара своето место под сонце во рамките на Европската унија.
- Вашиот избор, им се обрати на крајот д-р Дума на членовите на Собранието, ќе мора да го прифатите свесни за големото задолжение кое ќе ви го нарушување вашиот мир и ќе одзема многу од вашето слободно време. Затоа, секој што не е подготвен да одговори на обврските, чесно е да се повлече и да го ослободи местото за оној што сака навистина да работи, го заврши своето обраќање, веднаш по изборот за нов претседател на Лекарската комора на Македонија во наредните четири години.