ЛЕКАРСКАТА КОМОРА И ОФИЦИЈАЛНО ЧЛЕНКА НА ЕФМА
На последното заседание на ЕФМА од 14 до 18 април во Дубровник Лекарската комора на Македонија и официјално стана членка на оваа престижна организација.
Членови на Европскиот форум на медицински асоцијации заедно со Лекарската комора на Македонија станаа и докторските асоцијации на Албанија, на Кипар и на Русија.
На заседанието во Дубровник се расправаше по неколку теми. Продолжува акцијата за борбата против пушењето која ЕФМА ја води заедно со Светската здравствена организација. Втората тема која побуди големо внимание меѓу присутните беше односот на докторот и пациентот и реперкусиите при лекарската грешка. На заседанието станало збор и за селењето на докторите во фармацевтската индустрија при што беше констатирано дека овој тренд е резултат на недоволно наградување на докторскиот труд.
Голем број земји, посебно оние што се наоѓаат во транзиционен период, говореа и за реформите во здравствените системи и проблемите со кои притоа се соочуваат.
Според договорот следната пленарна седница на ЕФМА е закажана за 11 и 12 март 2005 година во Осло.