ДОКТОРИТЕ НИЗ УМЕТНОСТА-ОСМИ ПАТ
Продолжи традицијата Лекарската комора на Македонија да го одбележува 7. април- Светскиот ден на здравјето со манифестацијата “Докторите низ уметноста”.
И оваа година, овој пат во Универзалната сала, докторите од сите специјалности и супспецијалности покажаа и докажаа дека покрај докторската професија во нив “лежи” и по некој уметник.
Вечерта беше отворена со стихови на големиот македонски поет и доктор Анте Поповски кој повеќе не е меѓу живите. Инаку и оваа година настапија доктори кои музицираа или пееја. Настапија и неколку професионалци кои исполнуваа дела на доктори.
И овој пат, иако за многу кратко време секогаш подготвената “екипа” проф. д-р Миодраг Врчаковски, д-р Тодор Бојаџев, д-р Гордана Маја, д-р Владимир Плавевски и д-р Драги Гечев ја организираше традиционалната манифестација.
Оваа година на публиката во Универзалната сала, која не беше малубројна, на видео бим, зад изведувачите, им беа презентирани и уметничките дела на дваесеттина доктори кои во слободното време се занимаваат со сликарство и уметничка фотографија.