Пето собрание на Лекарската комора на Македонија
ИЗБОРИТЕ НА 18 МАЈ, НОВОТО СОБРАНИЕ НА ПРВИ ЈУНИ
ЗА ИЗБОРНИТЕ АКТИВНОСТИ ВО ОПШТИНСКИТЕ ОДБОРИ НА ЛЕКАРСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА
Треба веднаш да се изврши ажурирање на списоците на сите доктори на подрачјето на општинските одбори (вработени во јавното и приватното здравтсво, невработените и пензионерите). Оние доктори кои не се членови на Комората, за да можат да учествуваат во изборите потребно е да го регулираат членството во Комората.
По еден примерок од списоците треба да се достави до Републичката изборна комисија на улица “Народен фронт” број 21, 1000 Скопје (доколку тоа не е сторено досега).
Собирот на докторите од општински одбор треба да се одржи веднаш по добивањето на Програмата за изборните активности, а најдоцна до 4 мај 2004 година.
На собирот се избираат:
Општинска изборна комисија, составена од три члена: претседател, секретар и еден член, со мандат од четири години и,
кандидати за членови во општинскиот одбор и Собранието на Лекарската комора на Македонија.
За секој предложен кандидат треба да се изготви образложение а собирот да се изјасни со јавно гласање, односно со кревање рака. Ке се смета прифатен оној кандидат кој ќе добие мнозинство гласови од присутните членови на собирот.
Треба да се утврди кандидатска листа од најмалку 5 а најмногу 7 кандидати за членови во одборот. Секој кандидат на кандидатската листа треба да даде писмена изјава дека ја прифаќа кандидатурата.
Кандидатската листа содржи: означување на одборот за кој се врши изборот, изборната единица, име презиме на секој член со назначување на организиацијата во која е вработен.
Треба да се утврди втора кандидатска листа од најмалку еден, а најмногу три кандидати за член во Собранието. Оваа листа ја утврдуваат оние одбори кои имаат повеќе од 150 членови на Комората.
Кандидатските листи заедно со изјавите за прифаќање на кандидатурата треба да се достават до општинската изборна комисија до 5 мај 2004 година.
Општинската изборан комисија формира избирачки одбор во оние изборни единици каде има повеќе од едно избирачко место.
Избирачкиот одбор се формира за секое избирачко место најдоцна три дена пред одржување на изборите односно до 15 мај 2004година. Избирачкиот одбор го сочинуваат: претседател и два члена.
Избирачкиот одбор раководи непосредно со гласањето на изборите, обезбедува правилност и тајност на гласањето, го утврдува резултатот од гласањето на избирачкото место и поднесува извештај до општинската изборна комисија. Општинската изборна комисија, веднаш по добивањето на кандидатската листа ја проверува листата и констатира дали е правилно пополнета и дали е доставена во определениот рок. Доколку во кандидатската листа се направени некои пропусти, ќе се повика нивниот подносител веднаш, а најдоцна во рок од три дена да се отстранат неправилностите. Доколку подносителот на кандидатската листа не ги отстрани неправилностите во предвидениот рок, општинската изборна комисија ќе состави нова кандидатска листа.
Општинската изборна комисија ги доставува кандидатските листи до Републичката изборна комисија до 08 мај 2004 година за да може Комисијата врз основа на добиените списоци да ги подготви гласачките ливчиња и да ви ги достави најдоцна до 15 мај 2004 година.
Гласањето за избор на членови се врши на избирачки места. Секое избирачко место има реден број. Општинската изборна комисија најдоцна по три дена, односно до 15 мај 2004 година ќе објави кои избирачки места се определени, со назначување од кои работни организации односно работни единици докторите ќе гласаат на определено избирачко место. За секое избирачко место се определува и посебна просторија.
Општинската изборна комисија е должна навремено да го подготви материјалот за гласање, потребниот број кутии за гласање, гласачките ливчиња, извод од избирачкиот список за избирачкото место, образец на записник за работа и друг материјал потребен за спроведување на гласањето.
По завршувањето на гласањето на 18 мај 2004 година Општинската изборна комисија, односно избирачкиот одбор ги утврдува резултатите од гласањето и изготвува записник. Записникот заедно со целиот изборен материјал Комисијата го доставува до Републичката изборна комисија, најдоцна 3 дена по спроведените избори односоно до 21 мај 2004 година.