Д-р Алексеј Дума: Не успеа маргинализацијата на Комората
ПРИОРИТЕТНА ЗАДАЧА ПРИБЛИЖУВАЊЕТО ДО ЕВРОПСКИТЕ РЕШЕНИЈА
Тоа впрочем е тренд присутен во цела Европа. И таму е присутна минимализацијата на трудот на докторите и се потешко се плаќа професиналната работа. Овие прашања беа една од централните теми на последниот симпозиум на коморите од источна и централна Европа што во мај оваа година се одржа во Романија. Недвојбено е констатирано дека во здравствениот сегмент, во докторската фела, се поголем пробив прави фармацевската мафија и фармацевтските куќи со производство со висока технологија. Таа го зголемува трошокот на лекувањето на пациентите но не го подобрува очекуваниот резултат. Главно се создава поголем трошок и поефикасно поставување на дијагноза. Тоа ништо битно не влијае на зголемувањето на процентот на излекуваните пациенти колку што иснесува разликата во ценатата. Парите се земаат од џепот на докторите и преминуваат во индустриите со висока технологија. Тие пак во мултинационални компании, делуваат директно врз моќта на секоја држава поединечно, рушејќи ги системите на државност со тенденција на воведување на глобализација и во здравствените сегменти. Тоа е причина за одлуките на докторите се помалку да остануваат во здравствениот сегмент. Во Европа тоа е масовна појава. Кога станува збор за излезните решенија од ваквата ситуација јас сум песимист дека ќе можат да се најдат.
Во изминатиот период главните задачи и активности беа во разгледување на барањата на докторите од државата за упис во регистерот на Лекарската комора. Имено што се случува? Јасно е наведено во Законот за здравствена заштита, што на минатогодишното собрание го презедовме како обврска- колегите што ќе се стекнат со лиценца до донесувањето на Законот за здравствена заштита да се сметаат дека имаат лиценца за работа и го задржуваат правото за самостојно вршење на професијата- работење во здравствениот сегмент. Тоа значи дека не треба да дозволиме да се стават под сомнение способноста и доброто работење на докторите и нивниот третман кон пациентите.
Се обидуваме да изнајдеме решение за подобрување на финансискиот статус на Комората како неопходно потребно за нормално функционирање. Тоа го бараме преку спонзорства, меѓународни асоцијации и организации, барајќи место и во средствата што ќе ги додели Светската банка преку новиот кредит наменет за здравството.
Паралелено со тоа, во рамките на овие активности до Владата на Република Македонија е поднесено барање за зголемување на акцизата за алхохолот и цигарите за еден отсто. Според некои проценки тоа би изнесували годишно по околу 300 милиони денари. Тие пари би биле насочени кон програмите на континуирана медицинска едукација. Тоа би било логично зошто сите сме едногласни дека самостојно не сме во состојба доволно да се едуцираме, особено со ваква висина на платите.
Вие се сеќавате дека имаше една одлука на Владата со која таа се обиде да ја спроведе едукацијата со тоа што ќе одбиваат по два отсто од средствата што приватните доктори ги добиваа од догорите со Фондот за здравствено осигурување како капитација. Во време кога се подготвуваше оваа одлука Комората беше категорична дека не треба да се дозволи да постои двојство кај докторите односно само една група, во случајов приватните доктори да издвојуваат за едукација.
Иницијативата за воведување на акцизата за цигарите и алкохолот беше прифатена. Доби позитивна рецензија од Фондот за здравствено осигурување, од Министерството за здравство и други релевантни институции од кои побаравме мислење. Останува да се чуе мислењето од министерот за финансии. Неговиот став, според најавите може да биде негативен. Тој ќе излезе со образложение дека на таков начин ќе се загрози стандардот на граѓаните. Мислам дека има многу логичен и едноставен одговор. Стандардот на граѓаните е загрозен од зголемување на данокот на лековите. Со нашето барање сметката ќе ја плаќаат ризичните групи кои со заболувањата што ги предизвикуваат алкохолот и цигарите во Фондот за здравствено осигурување со скапото лекување. Освен тоа со оваа иницијатива Лекарската комора активно се вклучува во напорите на Светската здравствена организација за борба против алкохолизмот и пушењето. Сметаме дека овој фонд не треба да го контролираат постојните структури, како што се Министерството за здравство или Фондот за здравствено осигурување. Сметаме дека треба да се формира комитет за следење на промените во здравствениот сегмент како институција составена од членови на Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување, Македонското лекарско друштво и Лекарската комора. Единствено таква институција може да располага со парите за едукација на докторите во сите форми и содржини според акредитацијата што ќе биде добиена од Лекарската комора. Останатиот дел од парите би се користеле како почеток на создавање фонд за стимулирање на добрата лекарска практика. Значи ние и натаму остануваме надвор од барањата за зголемување на платата на докторите, но затоа пак, интензивно влегуваме во борбата за стандардизирање на критериуми врз основа на кои ќе може подобро да се заработува.
Во меѓувреме успеавме да добиеме наш претставник во Управниот одбор во Фондот за здравствено осигурување. Тој во моментов мошне успешно ги брани ставовите на Комората во ова тело. Имавме среќа претседател на Управниот одбор да биде професор по економија кој има големо искуство во меѓународната комуникација. Оттука беше полесно да се договараме за многу работи. Како резултат на тие активности добивме наш член во Комисијата за формирање на договорите за капитационо плаќање кон здравствените институции. Како што е познато во минатото немавме никакво влијание при подготвувањето на договорите.
Започнати се активности за зачленување и во две меѓународни организации, професионални организации на докторите од Европа и докторите од Индоазиската група во која влегуваат САД, Австралија, но и добар дел од земјите на Балканот.
Паралелно со сите овие активности активно работевме на решенијата од измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита. Вие добро знаете дека имаше обиди да се маргинализира сето ова, да се стави во мирување, да нема измени и да се вратат состојбите кога административната власт во здравството имаше апсолутна власт без можност за влијание при донесувањето на одлуките и без можност за реакција по решенијата. На наше задоволство Европската унија изврши голем притисок да се направат промени во Законт за здравствена заштита за имплементација на одредбите на Охридскиот договор за локална самоуправа. Така се случи нешто што влече корени од времето кога се донесуваше Законот за локална самоуправа. Господинот Бруно Гомез беше присутен кога беше донесен Законот за локална самоуправа. Без дозвола и согласнот на домаќинот, побара да го доставиме нашето писмо до Министерството за локална самуправа искажувајќи го нашето гледање за организирање на здравствениот систем во локална самоуправа. Нашиот став беше јасен. При измените на Законот за здравствена заштита нема да дозволиме измени само во делот кој ја тангира локалната самуправа.
Она што беше уште позначајно е фактот што за прв пат Лекарската комора, Македонското лекарско друштво, Медицинскиот факултет и Синдикатот за здравство застанаа единствени околу клучните прашања на реформите. Имавме само неколку кратки состаноци бидејќи немаше потреба многу да разговараме. Притоа немаше навлегување во ингеренциите што се договорени или наметнување и земање туѓи ингеренции. Токму затоа сите овие четири институции пред Комисијата за здравство ќе излезат со единствени амандмани ако Законот не ги содржи елементите за кои се залагаме.
Пред органите и телата на комората во наредниот период претстојат голем број обврски и задачи.
Со евентуалното усвојување на измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита Комората е обврзана да преземе низа активности. Треба да се направи нов текст на Статутот врз основа на измените на Законот. Потоа претстои изготвување на нови правилници кои треба да произлезат од измените кои ќе ја гарантираат објективноста на работењето. Нам ни е олеснета работата бидејќи драфт-документи веќе постојат во Комората кои беа изработени многу одамна. Тие сега треба само да се усогласат со измените дополнувањата на Закот за здравствена заштита. Сите овие документи треба да ги усвои Собранието на Комората. Тие пак потоа треба да бидат одобрени од министерот за здравство бидејќи тие произлегуваат од предложените измени и дополнувања на Законот за здравствена заштита, од овластувањата што на Комората ги пренесува министерот.
Претстојат задачи и во врска со Стратегијата за развој на здравството во Република Македонија. Тој документ во Академијата на науките се работеше по налог на тогашниот министер за здравство. Сметам дека оваа верзија треба да претрпи повеќе измени што бара многу внимателно разгледување. Не би требало да се сложиме Стратегијата да се верификува многу брзо. Ние ќе треба да се залагаме Стратегијата дефинитивно да биде завршена некаде кон крајот на октомври.
Ни претстојат задачи во врска со двата проекта со Фондацијата Сорос. Тоа се пари кои помагаат при извршување на задачите на Комората.
Во идниот период треба да продолжат активностите за отварање на Комората кон меѓународните медицински асоцијации. Тоа е неопходно бидејќи таму треба да се искористи понудената поддршка од медицинските асоцијации од Германија и Австрија чие влијание во Европската унија во областа на здравството е несомнено голема.
Во активностите посебно треба да свртиме внимание на подобрување на просторните услови на Комората кои ни се неопходни во услови во кои многукратно ни се зголемува ангажманот што ќе произлезе од измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита.
Во врска со измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита, многупати досега беше оценето, дека тој е еден од базичните услови Европската унија со симпатии да гледа на Македонија. Во основа решенијата во него се компатибилен со оние во Европа. Тоа е еден од условите за контактите со колегите во странство. Вториот елемент, исто така значаен, е можноста за зголемен трансфер на работната сила во двете насоки. Новините што се воведуваат, деловите за акредитацијата, релиценцирањето, континуираната едукација, акредитацијата на институции и луѓе ние стануваме компатибилни со Европа. Тука е и Школата за јавно здравство. На ваков начин и дипломата на нашиот наставен систем ќе биде компатибилна со онаа во Европа што во основа е наша трајна определба.