Д-Р НАДА СИМОВСКА НОСИТЕЛ НА НАГРАДАТА “СВ. НАУМ ОХРИДСКИ”
За време на одржувањето на редовното Годишно собрание во Прилеп на 27 јуни одлуката ја соопшти д-р Тихо Матевски, претседател на Комисијата за доделување на наградата “Св. Наум Охридски” а признанието на д-р Симовска и го врачи претседателот на ЛКМ, д-р Алексеј Дума.
До Комисијата пристигнаа седум предлози поднесени од Општинските одбори на Лекарската комора на Македонија.
Комисијата одлучи носител на наградата “Св. Наум Охридски” да биде примариус д-р Нада Симовска. Според образложението на Комисијата ваквата одлука ја базирала врз основа на контакти во Здравствениот дом во Пехчево и од богатата документација приложена со кандидатурата.
Посебно се истакнати нејзината стручност, успешност при извршување на работата, ентузијазмот, упорност да го подобри нивото на здравствената култура на населението, несебичност да помогне во секоја ситуација и бескрајната хуманост.
Д-р Симовска го организира и сегашниот диспанзер за доенчиња и мали деца во кој се спроведува превентивна и примарна здравствена заштита. Со своето залагање таа придонесе да се развие патронажната служба и Советувалиштето кое со успех работи во рамките на Диспанзерот. Имунизацијата благодарејќи и на нејзиното залагање се спроведува без исклучоци. Во породилиштето д-р Симовска работи и како неонатолог.
Како член на повеќе невладини организации д-р Симовска активно учествувала во многу активности.