Со скромна свеченост на 17 декември беше одбележана десет годишнината од излегувањето на “Билтен”, сега "Vox medici", гласило на Лекарската комора на Македонија. На собирот присуствуваа поголем број активисти, досегашните членови на Уредувачкиот одбор, претставници на фармацевтските куќи кои соработуваат со списанието, соработници и колеги од македонските медиуми кои пишуваат за здравството.
На собирот говореа претседателот на Лекарската комора на Македонија д-р Алексеј Дума и главниот и одговорен уредник д-р Спасе Јовковски.
Во обраќањето до присутните д-р Дума ги истакна почетоците на излегувањето на “Билтенот” на Комората, истакнувајќи го притоа ентузијазмот со кој тој се подготвуваше. Покажувајќи го првиот и последниот број на “Билтенот” и “Vox medici” тој рече дека гласилото ја исполнило својата мисија да биде активен информатор за се она што се работи во органите и телата на Лекарската комора.
Д-р Спасе Јовковски потенцирше дека од некогашното “шапилографско” издание денес гласилото на Лекарската комора на Македонија со содржини и графичкото обликување може рамноправно да им парира на многу ревијални изданија во државата. Со тираж од 6.000 примероци, недостижен за многу на македонскиот медиумски простор, тој станува се пореспектабилен. За тоа говори, како што рече д-р Јовковски” се поголемиот интерес на докторите да соработуваат со списанието.