РАСПИШАН КОНКУРСОТ ЗА НАГРАДАТА “СВ. НАУМ ОХРИДСКИ”
Минатогодишен носител на лауреатот беше д-р Климентија Матоски од Струга.
ЛЕКАРСКА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА
Комисија за доделување на наградата ,',Свети Наум Охридски”
Р А С П И Ш У В А
К О Н К У Р С
за доделување на наградата “Свети Наум Охридски “
за особени постигнувања во областа на здравството во 2002 година
Наградата”Свети Наум Охридски”се доделува во знак на признание за особени остварувања во областа на здравството, на поединец- доктор на медицина.
Наградата е парична и се доделува еднаш годишно на доктор кој во претходната година особено се истакнал со совесно и одговорно извршување на докторската професија, кој остварил особено добри резултати во лекувањето на пациентите и се стекнал со доверба и популарност кај нив, кој остварил добра соработка и однос со своите колеги, не истакнувајќи ги при тоа своите амбиции и квалитети и не злоупотребувајќи го своето влијание кон пациентите за да се здобие со материјална корист, односно доследно се придржувал кон принципите на медицинската етика и Кодексот на медицинската деонтологија.
Конкурсот трае еден месец од денот на објавувањето.
Иницијатива за доделување на наградата можат да поднесат општинските одбори на Комората.
Иницијатива за наградата треба да биде поднесена писмено, да биде образложена и да содржи лични податоци и адреса на живеење на предложените кандидати, податоци за остварените резултати во смисла на критериумите за доделување на наградата и потребна документација.
Образложената иницијатива за доделување на наградата треба да биде поднесена најдоцна до 15.02.2003 година на адреса: Лекарска комора на Македонија, ул.” Народен фронт”бр.21-Скопје- Комисија за доделување на наградата “ Свети Наум Охридски “.
Некомплетираните иницијативи и иницијативите доставени по определениот рок, нема да бидат разгледувани.