НЕ ПРИФАЌАМЕ ИМПРОВИЗАЦИИ ВО ПРИВАТИЗАЦИЈАТА
Во изминатиот период најголем приоритет доби завршувањето на започнатите активности околу промените во здравствениот систем. Се договоривме терминот реформи да не го прифаќаме. Зборуваме за промени што ќе бидат континуирани кои притоа ќе бараат решавање на неколку основни работи. Тоа значи да се обидеме да го сочуваме квалитетот на нивото на здравствената заштита со натамошна надоградба, да се обидеме полека да се доближуваме до критериумите врз кои функционираат здравствените системи во развиениот свет, во Европа. Притоа да се обидеме во контекст на сето тоа да ги ставиме критериумите на валоризирање на професионалиот труд согласно на оние што веќе ги прифатил развиениот свет.
Во меѓувреме инициравме формирање на експертска група преку Министерството за здравство во која партиципираа Лекарската комора, претставници на Министерството за здравство, Медицинскиот факултет и Стоматолошката комора. Таа требаше да работи на дефинирањето на содржините што би требало да бидат почеток на градењето на промените во здравствениот систем. За време на работата имавме осебно голема помош од господинот Алан Ро, советник на BIS HELT CARE, човекот којшто долго време работи во Европската унија, во Комисијата за здравство како заменик претседател. Тој цело време интензивно работеше со нас. Притоа успеавме да изработиме текст на предлог-закон за здравсвтевна заштита. Со законот кој, всушност, помина на Комисијата за здравство но не и во Собранието на Република Македонија требаше да се направи обид да се доближиме до постојните критериуми за функционирање на здравствениот систем заедно со елементи за валоризација на професионалниот труд. Со континуирана едукација би се гарантирала квалитетна здравствена заштита што не може да се гледа надвор од интересот на пациентите. Дефинитивно треба да ни биде јасно дека нашиот статус и нашето функционирање може да го гледаме само низ интересот на пациентите, инаку би станале стерилни, што пак претпоставува да се занимаваме сами со себе. Големите бранувања се појавија во времете кога се обидувавме да ги дефинираме состојбите што би не доближиле до европските системи на функционирање со акредитацијата, реакредитацијата, редефинирањето на сегашниот стручен испит и редефинирањето на стажот. Сметавме дека е многу лошо да градиме систем којшто тешко ќе може да го прифатат докторите, да направиме проблеми и во така лошиот социјален и економски статус на колегите, со што би се загрозила егзистенцијата на нивните семејства. По долги дискусии се договоривме да се обидеме да направиме шаблон, сите колеги во моментот да ги задоволат условите за добивање на лиценцата за работа. Тоа би значело секој што ја добил лиценцата, до времето на донесувањето на Законот за здравствена заштита автоматски таа да му се признае. Вториот дел кој е многу битен и за кој се водеше многу сметка, беше како и на каков начин со ваков социјален статус докторот да инвестираат во својата едукација. Поради тоа требаше да се изнајдат механизми кои што ќе не внесат во овој систем, но нема да го загрозат професионалното функционирање на докторот. По обемна дискусија на крајот прифативме критериумите да бидат доста лабави.
Другиот битен елемент за којшто долго се расправавме е слободата на ова тело, кое ги донесе дефинитивните подзаконски акти со тоа што тие ќе ја регулираат оваа материја. Се согласивме дека треба да ги прифатиме европските трендови, но во тие критериуми мора да бидат вградени спецификите на ова подрачје, економската моќ, социјалниот статус итн. Собранието на ЛКМ ќе треба да го даде своето дефинитивно мислење за подзаконските акти за лиценцирањето и релиценцирањето, за лиценцирањето на странци, за акредитацијата и реакредитацијата.
Во тие разговори се наметна и прашањето за приватизација во сегментот на здравството. Еден од претходните министри, кога текстот на законот веќе беше готов го смени својот став и во собраниска постапка лиферуваше документ којшто никој од нас го немаше видено. Тоа беше направено под влијание на еден од моќниците од Фондот за здравствено осигурување под голема пресија да се направи нешто слично како во стопанските фирми.
Во дискусиите што понатаму се развија експертската група на Европската унија дефинитивно го прифати ставот дека не е можно сега да зборува за приватизација во сегментот на здравството. Приватизацијата на здравството е сериозен проблем. Здравството сепак не е "Железарница" или Металски завод "Тито". Власта наоѓаше палијативни решенија со единствена цел да се тампонира проблемот. Државата доби капацитети кои не работат и поголема група на социјално загрозени работници. Кога нешто слично би се случило во здравството, ако тоа доживее крах како голем и значаен систем, столб којшто ги смирува социјалните тензии во државата, го решава мирот не е можно проблемот да се решава со некакви волунтаристички и полузаконски решенија. Заради тоа, ја прифативме сугестијата од претставниците на Европската унија дека приватизацијата е можно да се реализира само со посебна законска регулатива. Во изготвувањето на законот за приватизација на здравствениот систем треба да учествуваат сите институции кои се инволвирани во здравствениот систем, а најмалку Министерството за здравство како претставник на административната власт. ЛКМ останува животно заинтересирана за начинот на стимулирање на професионалната работа како и за сопственоста во сегментот на здравството цврсто одбивајќи употреба на елементи на присила и уцени. Бидејќи е јасно дека во здравството докторот е институција само за себе, а не објектите и инфраструктура и се она што може да овозможи тој да функционира професионално. Заради тоа, но и заради искуството што досега го имавме во системите за приватизација во другите сегменти на општеството сметавме дека е одлично решение да работиме на изготвување на законот за приватизација и во сегментот на здравството, но во услови на демократско и транспарентно работење.
Ќе го понесеме товарот на одговорност за подзаконските акти за издавањето, продолжувањето на лиценцата, критериумите за издавање и продолжување на лиценцата, за добивање акредитација, луѓе кои што треба да продолжат со едукација на колегите кои се на стажирање. Логично е притоа да се каже дека Медицинскиот факултет е способен да едуцира колеги во тек на стажирање. Но, не гледам причина зошто стажирањето да не се направи и во другите медицински центри во државата. На таков начин ќе стимулираме вклучување на што поголем број колеги да бидат едукатори, што би значело да инвестираат во сопственото знаење, и тоа знаење да го пренесуваат на колегите во местото каде што живеат. Заради тоа, ние ќе мора да го понесеме тој товар и да изнајдеме некаква средина, која што, сепак ќе ги стимулира процесите на сопственото надоградување.
Мислам дека е фер подзаконските акти да бидат изготвени како предлог во моментот кога може да кажеме дека законот е готов. Ниеден од тие документи не би обврзувал тие да бидат подготвени како дравт, а да бидат усвоени тогаш кога Собранието на ЛКМ ќе одлучи за тоа. Од нашата сила и од статусот којшто треба да го имаме во општеството зависи колку министерот ќе биде храбар да им противречи на одлуките што ќе ги донесе Собранието на ЛКМ.
Постојат одредени активности коишто континуирано одат кон рушење на угледот и моќта на ЛКМ. Комората сме сите ние и никој не може да ни даде сила, може само да ни ја земе. Тоа е системот што некој се обидува да го пушти, колегите да не сфатат дека се јаки толку колку што можат да бидат компактни и единствени во спроведувањето на идејата за која, всушност, е формирана Комората. Притоа многу се користи комформизмот кај тие колеги.
Во последно време на сцена е многу е интересна сентенца дека Комората, односно јас лично се обидувам да направам дуќан за себе во промените што ги нуди лиценцирањето, релиценцирањето, акредитацијата и реакредитацијата. Притоа сите тие забораваат дека со сите овие активности ќе раководат посебни тела составени од 8-10 колеги и секој сегмент ќе биде посебно регулиран со подзаконски акт којшто ќе го усвои Собранието на ЛКМ. На тој начин ниеден од поединците инволвирани во кој било од тие сегменти нема шанса да промени нешто што е запишано во подзаконскиот акт или да спроведе сопствена намера надвор од она што е запишано во подзаконскиот акт.
Вториот голем настан што на наше огромно задоволство се случи, е честа што ни ја дадоа колегите од централна и источна Европа да го организираме 9. Симпозиум на лекарските комори од централна и источна Европа. Симпозиумот се одржа во Скопје, во хотелот "Александар палас". Пред почетокот на состанокот добивме порака од Европската унија, од претседателот на Комората на Австрија кој е член на Комисијата при Европската унија која ги поздравуваат нашите напори и дека комплетно ќе не поддржат во сите наши барања за промените што ги предлагаме во нашиот здравствен систем. На Симпозиумот беа донесени 22 заклучоци кои беа прифатени од претставниците на коморите од централна и источна Европа. Во еден од разговорите оценето е дека Комората е единствена институција во здравствениот систем во Македонија која има континуиран тренд на градење на здравствена политика. Комората е оценета како единствена која перманентно го гради своето мислење, знае што сака, но знае и да го одбрани, да предложи примени и затоа и ја дадоа поддршката.
Главно тоа се настаните што во изминатиот период не преокупираа. За жал поради лошата финансиска состојба и тешкото наоѓање спонзори се лишивме од патувања во странство и од комуницирањето со другите сродни асоцијации во Европа.
На крајот, не би било во ред, ако не се осврнам и на најважниот проблем - критериумите за наградување на професионалниот труд на докторот. Ако ова не се стави во контекст на сето тоа што претходно го говорев ќе се направат дополнителни проблеми. Зашто не треба да заборавиме дека квалитетот е секогаш стимулиран со пари. Впрочем, сите ние работиме за пари. Квалитетот треба да биде соодветно награден. Прифаќајќи ги светските критериуми за професионално работење мора да има повратна спрега со финансиското компензирање на вложениот труд, знаењето и рационалноста.
Една од нашите основни задачи во наредниот период, од многуте што се пред нас, е да успееме да го детронираме Фондот за здравствено осигурување. Тој стана бастион, тело кои е надвор од законската регулатива и се обидува да спроведува политика во здравството, во која тој ќе има главна ролја како во кадровската политика, така и при решавањето на технолошките проблеми и во други механизми во здравството. Доколку не успееме да ја убедиме следната владејачка структура дека ФЗО во класична смисла на зборот не е буџетска институција, затоа што работи со пари од граѓаните за да можат докторите да им пружат квалитетна здравствена заштита, што значи дека тие треба да бидат инволвирани во нејзината работата, ние и понатаму ќе тапкаме во место. Се надевам дека тоа нема да се случи.
Збор - два за комуникацијата и воспоставувањето на квалитетно двострано информирање во рамките на Комората. Во овие изминати 10 години не најдовме начин и механизам за целосно и комплетно меѓусебно информирање. Членовите на Собранието на ЛКМ се претседатели на ОО на ЛКМ, членовите на Извршниот одбор се задолжени да комуницираат со одредени региони, "Vox medici" излегува 4 пати годишно, отворена е веб -страница која е достапна до сите колеги а пак зборуваме за недоволна информираност. На овој проблем ќе мора и натаму да се работи.