Ќе се формира етички комитет
Врз основа на искуствата во врска со вакви тела и дискусијата на седницата на Извршниот одбор на Комората, Комитетот треба да има повеќе задачи и обврски.
Меѓу другото формирањето на Етичкиот комитет има за цел создавање на дистинкција меѓу прашањата од доменот на етичкото однесување на докторите во сите домени на работењето како генерално поддржување на Хипократовите постулати, разрешување на одделни случаи од секојдневната практика- биоетички пристап, а во однос на чисто правните прашања каде најголема улога би имал Судот на честа. Со тоа индиректно се одговара на “барањата” на пациентите како и на колегите кои во изминатите десет години со своите желби, тужби, барања за етички толкувања на конкретни проблеми и слично, едноставно го “изнудија” формирањето на Комитетот.
Концепциски Комитетот ќе се занимава и со теоретски расправи и донесување ставови во однос на глобалните прашања што го оптоваруваат современиот свет: заштита на правата на пациентот, односот кон неизлечивите болни, клонирањето, заштитата на фетусот, трансплантациите, еутаназијата, јавноста и докторот и слично.
За таа цел во работата на Комитетот ќе бидат вклучени и филозофи, социолози, антрополози, правници со можност од ad hoc вклучување и други експерти во зависност од конкретните прашања за расправа.