Одбележан јубилејот на ЛКМ
Пред околу триста доктори и гости на присутните им се обрати претседателот на Република Македонија, Борис Трајковски. Во оваа прилика Трајковски истакна дека возобновувањето на Комората не било случајно. Тоа настана, рече тој, во периодот кога Македонија го заокружуваше процесот на осамостојувањето и го отвори патот на процесот на транзиција во сите сфери, вклучувајќи ја и здравствената. Потребата од приближувањето на здравствените стандарди со земјите на Европската унија поттикна многу идеи и процеси кои се уште не се довршени.
Во обраќањето претседателот на Лекарската комора на Македонија проф. д-р Алексеј Дума подвлече дека Комората го оправда своето постоење. Уште повеќе, рече тој, од неа произлегоа многу идеи кои не секогаш беа прифаќани од надлежните институции. Сатисфакција за тоа се констатациите на меѓународните експерти ангажирани од Светската банка за реализирањето на реформите во здравството на државата дека е вистинска штета што сите тие идеи не биле реализирани кога биле предлагани. Со нив Македонија сега ќе беше вистински лидер во реализацијата на реформите меѓу земјите во танзиција.