Лекарската комора и ФЗО ја зајакнуваат заедничката соработка
Унапредувањето на комуникацијата со стратешките институции е еден од приоритетите на новото раководство на Лекарската комора. Во таа насока, претседателот на Комората, проф. д-р Никола Јанкуловски, и потпретседателките за секундарно и за примарно здравство, д-р Ленче Нелоска и д-р Биљана Петковска-Огњанова, остварија работна средба со директорот на Фондот за здравствено осигурување Златко Перински.

На средбата се разговараше за можностите за продлабочување на меѓусебната координација, со цел создавање подобри услови за работа на лекарите и обезбедување поквалитетна и подостапна здравствена заштита за пациентите.
Претседателот на Лекарската комора, проф. д-р Никола Јанкуловски, ја нагласи важноста од континуирана соработка и активно вклучување на лекарската професија во процесите на унапредување на здравствената регулатива.

„За Лекарската комора е особено значајно што постои подготвеност за суштинска соработка и што ставовите на лекарската професија се земаат предвид при разгледувањето на прашањата што директно влијаат врз нашата работа. Лекарите треба активно да учествуваат во подготовката на решенијата што секојдневно ги применуваат. Очекувам преку заедничките работни групи да ги согледаме постојните недостатоци во регулативата и да предложиме конкретни подобрувања, засновани на стручни аргументи и искуства од практиката. Заеднички интерес е да имаме јасни и применливи правила, помалку непотребна администрација и услови во кои лекарот ќе може максимално да му се посвети на пациентот“, истакна Јанкуловски.
Од јануари 2027 година, со поддршка на Светската здравствена организација (СЗО), ќе започне со работа заедничка работна група, која ќе ја анализира постојната здравствена регулатива и ќе предлага конкретни подобрувања. Главните приоритети се: поедноставување на административните постапки, намалување на непотребните обврски за лекарите, поголема ефикасност, подобри услови за работа, како и поквалитетни и подостапни здравствени услуги за граѓаните.
„Имаме заедничка одговорност да создадеме услови во кои лекарите ќе можат непречено да ја вршат својата работа, а граѓаните навремено да ја добиваат потребната здравствена заштита. Убеден сум дека со отворена комуникација и почитување на ставовите можеме да постигнеме реален напредок во давањето квалитетни услуги за граѓаните“, порача директорот на ФЗО.






