Обраќање на проф. д-р Калина Гривчева Старделова, претседател на Комора
Почитувани колеги,
Останувајќи доследни на транспарентноста и отчетноста како основни начела во нашето работење, пред изборот на новото раководство сакам да се осврнам на патот што го изодивме заедно во изминатите два мандати. Кога ја презедов функцијата претседател на Комората, целта ми беше јасна, да ја отвориме Комората за докторите бидејќи тие се нејзините градбени клетки, да ја зајакнеме и етаблираме на домашен и меѓународен план и да обезбедиме континуирано унапредување и заштита на професијата. Денес можам да кажам дека сум горда на она што заеднички го постигнавме.
Со Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување бевме во постојана комуникација со цел креирање законски решенија кои ќе донесат придобивки за докторите и пациентите. Во таа насока, ги издвојувам следните клучни промени за нашиот еснаф:
- Можност за дополнителна заработувачка: Со измените на Законот за здравствена заштита се либерализираше дополнителната дејност, за докторите да се охрабрат да останат во јавното здравство со тоа што добиваат можност за дополнителна заработувачка.
- Сигурност за матичните лекари: Со измените на Законот за здравствено осигурување се обезбеди континуитет во функционирањето на ординациите на матичните лекари во случаите кога еден од докторите заминува во пензија или во друга здравствена установа.
- Поефикасен концепт на специјализации: Инициравме измени на концептот за специјализации со што се намали времетраењето на специјализациите по интерна медицина и општа хирурхија. Со тоа се создаваат подобри можности болниците на секундарно ниво да добијат специјалистички кадар подготвен да одговори на поголем број различни здравствени услуги што се потребни за пациентите.
- Намалување на обврзувачките услови за специјализантите: На почетокот на првиот мандат ги променивме обврските кои ги имаат докторите со добивањето државна специјализација, со што значително се намалија обврзувачките услови во договорите.
- Заштита и зголемена безбедност на работното место: Инициравме законски измени со кои нападот на здравствен работник на работното место се смета за крвично дело, напад на службено лице, што се гони по службена должност и за истото е предвидена затворска казна.
Континуирано ја водиме кампањата „Нула толеранција за насилството врз здравствените работници“ и секоја година го одбележуваме 12 март, Европскиот ден за подигнување на свеста за насилството врз здравствените работници, со што испраќаме порака дека докторите мора да се чувствуваат безбедни во здравствените установи за да можат да дадат најефикасен и најквалитетен учинок во лекувањето на пациентите.
Комората бележеше многу успеси и на меѓународен план. Ја добивме довербата и успешно организиравме три ЗЕВА Симпозиуми, со што покажавме дека можеме да бидеме центар за размена на врвни медицински искуства и здравствени политики. Станавме полноправен член на Постојаниот комитет на европски лекари (CPME), како и на Европскиот совет на лекарски комори (CEOM). Овие активности покажуваат дека Лекарската комора е кредибилен партнер на еснафските здруженија од регионот и пошироко и македонските лекари добија директен пристап до највисоките европски стандарди во медицинската етика, професионалната регулатива и континуираната едукација.
Ја унапредивме соработката и потпишавме меморандуми за соработка со Фармацевтската и со Стоматолошката комора со цел заедничко дејствување кон унапредување на здравствениот систем. Потпишавме Меморандум за соработка со Здружението на новинари и работевме на промоција на потребата за објективно и информирано известување во кое ќе биде слушнат и промовиран ставот на докторите. Меморандуми за соработка потпишавме и со здруженијата на пациенти, бидејќи токму тие, пациентите, се причината за нашето постоење и со нив ја делиме заедничката цел за излекување.
Заедно се соочивме со најголемиот предизвик на нашата генерација – пандемијата на ковид-19. Во тие тешки моменти, Комората дејствуваше проактивно, обезбеди заштитна опрема за докторите, организираше онлајн дискусии за размена на информации и искуства и го промовираше придонесот на лекарите во справувањето со пандемијата и намалувањето на штетните последици.
Со особена гордост ја негуваме и нашата историја, оддавајќи им почит на великаните на медицината преку настани по повод одбележувањето на 90-годишнината од раѓањето на нобеловецот проф. д-р Ферид Мурад, кој во 2018 година имавме чест лично да ја посети Комората и да стане нејзин почесен член. Годинава во просториите на Комората отворивме и историско катче на медицината преку кое оддаваме почит на сите генерации лекари кои дале свој придонес за развојот на македонското здравство.
Комората секогаш беше отворена за комуникација со сите лекари кои се соочуваат со некој проблем и се трудевме колку што е возможно да помогнеме во неговото надминување. Преку моето присуство на настаните од континуираната едукација го негувавме духот на колегијалност и соработка, истакнувајќи ја едукацијата како најсилно оружје на лекарите.
Изминатите два мандати беа обележани со големи предизвици, но и со значајни успеси. На мојот наследник и на новото раководство предаваме финансиски консолидирана и стабилна Комора - состојба каква што ние не наследивме на почетокот - која е целосно подготвена да ја продолжи заложбата за достоинствен статус на секој лекар во државата.
Ви благодарам за довербата, поддршката и заедничката посветеност.






