23.04.2026
23.04.2026
ЛК со поддршка на Европската недела на имунизација: Вакцините се ефикасни за секоја генерација
Лекарската комора на РСМ, како член на европската Коалиција за вакцинација ја поддржува и промовира темата на годишната Европска недела на имунизација „Вакцините се ефикасни за секоја генерација“. Комората и другите членови на Коалицијата, кои ги претставуваат европските здруженија на здравствени работници и студенти изразуваат загриженост дека успехот на заштитата што го дава вакцинацијата може да биде загрозен поради колебањето за вакцинирање, недостигот на вакцини, дезинформациите и лажните вести, како и структурните бариери за пристап во здравствените системи. Губењето на оваа заштита би можело да има опасни последици за поединци и за населението во целина.
Членовите на Коалицијата, ги афирмираат следните пораки:
• Вакцините безбедно ги заштитуваат луѓето, семејствата и заедниците и продолжуваат да ја чуваат нашата иднина,
• Здравствените работници треба да се обучени за јасна и сочувствителна комуникација за вакцините, помагајќи им на семејствата кои се колебливи или имаат прашања да се чувствуваат информирани, сослушани и сигурни во нивните одлуки за имунизација,
• Да се зајакне разбирањето на јавноста за науката која стои зад безбедноста и ефикасноста на вакцините, овозможувајќи им на поединците, семејствата и заедниците да носат информирани одлуки за вакцинација,
• Да се зацврсти довербата во вакцинацијата преку истакнување на транспарентноста, одговорноста и тековните иновации во имунизацијата, како и да се нагласи заедничката одговорност за заштита на идните генерации преку континуирани инвестиции, истражувања и правичен пристап до вакцините.
Лекарската комора ја поддржува континуираната активност на европските и домашните надлежни институции со цел:
• Обезбедување јасни и достапни информации базирани на докази,
• Активно спротивставување на дезинформациите и лажните вести,
• Поддршка на националните стратегии за вакцинација базирани на научни докази,
• Обезбедување соодветна едукација и континуиран професионален развој за здравствените работници,
• Следење на успешноста на програмите за имунизација,
• Подобрување на транспарентноста во процесите на одобрување вакцини,
• Зајакнување на независниот надзор над безбедноста на вакцините на национално ниво и на ниво на ЕУ.
Коалицијата за вакцинација е формирана во 2019 година од Европската комисија и ги поврзува сите европски асоцијации на здравствени професионалци и релеватни студентски организации. Коалицијата за вакцинација ја водат Постојаниот комитет на европски лекари (CPME), Европската федерација на медицински техничари (EFN) и Фармацевтската група на Европската Унија (PGEU) и има главна цел да обезбеди точни информации за вакцинирањето во јавноста, побивање на митовите и размена на искуства за најдобрата пракса за вакцинирање.





