Лекарска комора на Генералното собрание на CPME
Двајца претставници на Лекарска комора, д-р Љубомир Стефановски, потпретседател за примарна здравствена заштита и доц. д-р Илбер Бесими, член на Извршниот одбор, учествуваат на Генералното собрание на Постојаниот комитет на Европските лекари (CPME) што се одржува во Атина од 24 до 25 октомври 2025 година, во организација на Панхеленската медицинска асоцијација, која одбележува 100 години од постоењето.
„Лекарската комора на Северна Македонија стои цврсто зад заедничката мисија на CPME – унапредување на здравјето на граѓаните, зајакнување на професионалната етика и поддршка на независноста на лекарската професија. Во време на брзи промени, предизвикани од нови технологии, демографски и социјални притисоци, потребно е заедничко делување и размена на искуства. Северна Македонија активно работи на подобрување на условите за лекарите и на квалитетот на здравствените услуги, со посебен фокус на едукацијата и безбедноста на пациентите. Убедени сме дека преку соработката со CPME, ќе продолжиме да градиме професионално, посилно, пофер и похумано европско здравство“, истакна д-р Бесими во своето обраќање.

Претседателот на Панхеленската медицинска асоцијација, д-р Атанасиос Ексадактилос, истакна дека во Грција, како и во многу делови од Европа, лекари и здравствени професионалци продолжуваат да работат професионално и посветено и покрај ограничените ресурси и зголемените побарувања.
Претседателот на CPME, д-р Оле Јохан Баке изјави дека предизвиците со кои се соочуваат грчките доктори ги доживуваат здравствените професионалци низ цела Европа.
„Нивните приказни се симптоми на криза која може да се реши само во солидарност преку координирана стратегија за здравствена работна сила во Европа. Ние ги повикуваме европските донесувачи на одлуки да ги слушаат гласовите на лекарите“, рече д-р Баке.
.jpg)
На сесиите претставниците на лекарските комори од европските држави, дискутираат на различни теми меѓу кои професионалните практики и правата на пациентите, дигитализацијата во здравството, јавното здравје и превенцијата на болести.





