Претставници на Лекарска комора реализираа средба со министерот за здравство Алиу

Претседателката на Лекарска комора проф. д-р Калина Гривчева Старделова, заменик претседателот доц. д-р Беким Исмаили, потпретседателката за секундарно здравство доц. д-р Маја Манолева, претседателот на Собранието на Комората, д-р Висар Муча и членовите на Извршниот одбор проф. д-р Илбер Бесими и д-р Лилија Чолакова Дервишова, остварија средба со новиот министер за здравство Азир Алиу на која ги претставија активностите на Комората и разговараа за приоритетните промени што треба да бидат направени со цел унапредување на здравствениот систем.
Во дискусијата стана збор за подигнување на квалитетот на едукацијата на лекарите и потребата од усвојување на нови вештини што ќе им овозможат подобро да ги извршуваат секојдневните работни обврски. Во фокусот беше ставена и потребата од промена на системот на организација на специјализациите, со цел да се создава лекарски кадар кој ќе може да одговори на потребите од стручен кадар што постоjат во секундарното ниво на здравствена заштита. Се дискутираше и за можностите за регионализација на здравствените услуги и насочување на докторскиот кадар кон болниците во внатрешноста. Се потврди и потребата за целосна замена на хартиените документи во здравството со електронски, симнување на дел од услугите од секундарно на примарно ниво, пропишување на Позитивната листа на лекови, олеснување на процедурите за вработување на здравствениот кадар во болниците на непополнети работни позиции предвидени во организацијата и систематизацијата на работните места.
Министерот за здравство ги запозна докторите со проектите што планира да ги реализира и најави вклучување на Комората во телата кои ќе ги водат овие процеси.