Претставници на ЛК на состанок на CEOM: Во фокус препораки за телемедицина

Потпретседателот за терцијарно здравство д-р Алберт Леши и членот на Извршниот одбор, д-р Кадри Хаџихамза, на покана на Лекарската комора на Албанија присуствуваа на пленарен состанок на Европскиот совет на лекарски комори ( European Council of Medical Orders - CEOM) што се одржа од 10-12 април 2025 година во Драч, Албанија.
Во рамките на настанот, претставниците на Комората учествуваа на работни сесии на кои беа презентирани извештаи и се дискутираше на различни актуелни теми, како што се зголемените потреби за лекување на постари луѓе, насилството врз здравствените работници, дигитализација во здравството и употребата на вештачката интелигенција. Посебен акцент беше ставен на презентацијата на препораки за телемедицина подготвени од Европскиот совет на лекарски комори.
Претставниците на нашата Лекарска комора во рамките на состаноците ја претставија Комората и нејзините активности и дискутираа за можностите и процедурите за нејзино зачленување во CEOM. Беа реализирани и повеќе билатерални состаноци, со претседателот на CEOM, д-р Jose Santos и потпретседателот на CEOM д-р Roland Kerzman, како и со претставник на European Federation of Salaried Doctors, д-р Damjan Polh, кој најави и посета на Македонија во октомври годинава. Исто така, се реализираше заедничка средба со претставник на организацијата на младите доктори Europian Junior doctors - ЕЈD, д-р Anna Klesmite, со цел вклучување на нашите доктори во европските проекти.
„Учеството на овој настан може да го оцениме како исклучително важно бидејќи имавме можност да се запознаеме со актуелни податоци и состојби од другите држави кои отвораат нови перспективи на нашите активности. Исто така соработката со европските организации на лекари е многу важна и во насока на полесно усогласување со европските процедури и стандарди во нашата дејност и споделување на меѓусебна поддршка за најважните предизвици кои имаат и глобална димензија“, изјави д-р Леши.
CEOM е формирана во 1971 година во Париз и како влијателна меѓународна организација ги обединува медицинските здруженија и независните медицински регулаторни органи на земјите - членки на Европската Унија и Европската асоцијација за слободна трговија (ЕФТА), одговорни за етика и деонтологија, акредитација на лекарската дејност, признавање на дипломи и нивоа на специјализација, поставување професионални стандарди. Во CEOМ членуваат реномирани лекарски организации од Франција, Белгија, Португалија. Шпанија, Холандија, Германија, Италија, Словенија, Хрватска, Грција, Албанија, Романија, Полска и др.