Светски ден на здравјето: Доктор еднаш – доктор секогаш … и секаде

Денес го одбележуваме 7 април, Светскиот ден на здравјето, по чиј повод Светската здравствена организација започнува кампања за промоција на важноста на здравјето на мајките, новороденчињата и децата под мотото „Здрави почетоци, надежна иднина“, повикувајќи ги владите, заедниците и сите останати, да преземат конкретни чекори во поддршката на мајките, новороденчињата и децата уште од најраните моменти во животот.
Лекарската комора ја поддржува оваа кампања потенцирајќи дека секој здрав живот започнува со стабилна бременост, безбедно породување и поддршка за мајките и новороденчињата во постнаталниот период.
По повод одбележување на Светскиот ден на здравјето, споделуваме и колумна од д-р Љупчо Ѓоргиевски, специјалист невролог во „Неуромедика Хоспитал“ – Скопје, под наслов „Доктор еднаш – доктор секогаш … и секаде“, во која, тој, од свој агол и на автентичен начин го објаснува предизвикот на лекарската професија, како една од најважните професии за обезбедување на квалитетна здравствена заштита.
Колумната ја пренесуваме во продолжение:
„ Не верував дека на мои 63 години „ќе полагам“ уште еден докторски испит, буквално во небесата. Целиот мој живот е исполнет со постојана докторска приправност, со деноноќни повици, будење од сон, станување од маса за јадење, од забави, шетање и што сè не, „сè во рок на служба“ – како што би рекле во армијата, нели? Сè во служба на хуманоста.
„Зошто секогаш мене ме викате на повик?“ – беше прашањето што пред триесетина години го упатив до мојата колешка од дежурната медицинска служба. „Па затоа што секогаш се јавуваш и никогаш не знаеш да кажеш НЕ!“, беше нејзиниот одговор што не можам да го заборавам.
Но, никогаш нема да го заборавам и последниот повик за помош, од пред една недела, на 24.03.2025 година, на 12.000 метри надморска височина, при брзина околу 900 км на час, некаде над Индија, а кој беше упатен од стјуардеса во авион на Turkish Airlines на интерконтиненталниот лет од Виетнам (Хо Ши Мин/Саигон) до Турција (Истанбул), на враќање на моето семејство од свадба на помалиот син. Околу еден часот по полноќ, додека сите 300 патници спиеја, почна да се одвива драма за која никој не беше свесен и никој ништо не знаеше. Стјуардесата ненадејно, на англиски јазик, упати апел за помош доколку има медицинско лице во авионот да се јави. Постариот син го слушна и го разбрал тоа и ме разбуди. Сопругата само рече со полунасмевка: „Еее, и тука те најдоа“. Се претставив како доктор невролог, по пат се легитимирав со валидната службена легитимација, дека поседувам лиценца за докторска дејност, упатувајќи се брзо со синот како помошник преведувач на самото место, затоа што времето беше битно.
Се работеше за млад патник од Индија кој пред две недели правел операција на лице а кој имаше отежнато дишење, со глад за воздух, отежнат инспириум, вознемирен, исплашен, неодредени болки во градите, чувство на треска и топлина во телото … Во меѓувреме се придружи и болничар по потекло од Северна Ирска. Крвниот притисок му беше понизок од нормален, на аускултација (која беше отежната поради буката од авионот) на бели дробови немаше наод, телесната температура околу 35.7°C, сатурација на крв со кислород – добра … Се трудев да делувам смирувачки на пациентот и на персоналот кај кој се бележеше страв што во секој момент можеше да прејде во паника којашто ќе ми ја отежнеше работата бидејќи бев свесен дека од мене, како доктор, се очекува да поставам дијагноза и да ординирам соодветна терапија. Очите на сите беа вперени во мене. Ставив маска за лице и ракавици. Првично побарав да видам со што располагам во пакетите за медицинска помош кои ги имаше. Пациентот беше соблечен, раскомотен, му беше дадено оксигена и таблетарна терапија. Сметав дека нема потреба од дополнителна инфузиска терапија. Делував позитивно - сугестивно кон него, а во мојот мозок летаа сите можни мозочни состојби што можеле да бидат причина за неговата состојба, па затоа постојано беше под опсервација.
Но, тоа не е сè … Како што велат, едно зло никогаш не оди само. Во исто време беше најдена една патничка падната пред тоалет. Кај пациентот оставивме лице за негов надзор и брзо, со комплетна опрема, се упативме кон другиот крај на авионот. Пациентката беше испружена на подот, отежнато контактибилна, не разбираше англиски, ниту таа ниту сопругот, психички вознемирена и исплашена, досега имала нормален крвен притисок, а во моментот на прегледот имаше зголемен на околу 160/90 ммHg. Цела медицина и неврологија ми поминаа низ главата. Губитокот на свест е само знак, а причините можат да бидат многубројни! Дали се работи за мозочен удар, срцев инфаркт, епилептичен напад или нешто друго? Летот ќе трае уште многу саати. Што ако треба да барам да се приземји авионот некаде по пат, ако се работи за животозагрозувачка состојба или ако нагло се влоши состојбата? Такво барање би требало да потекнува од мене, доколку е во интерес на пациентите. Се работеше за два човечки животи, во услови каде што ресурсите се ограничени, каде што немаш со кого да ја споделиш работата, каде што немаш начин со возило пациентот веднаш да го упатиш во здравствена установа на повисоко ниво! Леташ над облаците и сè зависи од тебе. Сè се одвиваше како на филм, а во реалност во траење од околу два часа.
Од прегледот заклучив дека пациентката во моментот нема знаци за мозочен удар, за срцев удар немав потврда од ЕКГ, но пулсот беше ритмичен и полн, иако лесно забрзан, немаше градна болка и диспнеја, сè одеше во прилог на колапс настанат поради хипертензивна криза. Пациентката ја оставив во лежечка состојба уште извесно време, со ординирана таблетарна терапија, сугестивно делував смирувачки, за по извесно време да ја седнам на блиското седиште и откако заклучив дека состојбата е стабилна, ја оставив под опсервација. Се вратив кај првиот пациент. Тој веќе беше целосно смирен, стабилизиран, без тегоби. Повторно се вратив кај пациентката кај која притисокот се спушти кон нормала. Таа се чувствуваше добро и ја упатив да си седне на своето седиште. Во себе се заблагодарив на Господ што сè е како што треба, а персоналот го упатив да ја следи состојбата и доколку има потреба да ме повикаат. Потпишав некои службени записници за извршените интервенции. Но, веќе не можев да спијам во наредните саати до слетувањето на аеродромот, мислејќи и посакувајќи сѐ да биде во ред со пациентите, што и така беше. Од авионот излегов уморен, но среќен и задоволен што направив уште едно добро дело.
И денес, сè уште сум под импресии од сето тоа што се случи. Дали е тоа само обично дело што го направив, дали е само едноставно извршување на професионалната докторска должност со мојата доживотна приправност секогаш и секаде, дали е само извршување на нормална хумана должност за пружање помош или сето тоа заедно? Но, очигледно е дека Господ ме тестираше уште еднаш. Овојпат многу поблизу до него. Му благодарам пред сè нему за помошта. Благодарам на синот за преведувањето, на болничарот за соработката, како и на стјуардесите. Благодарам на компанијата Turkish Airlines за медицинската опременост на авионот, на државите Турција и Виетнам каде што патував, како и на мојата држава Македонија, во која се реализирам со најхуманата професија – доктор, спасувач на животи.
Им благодарам на мојата сопруга и на двата сина на кои сум им одзел многу време коешто сум го посветил на животите и здравјето на другите луѓе.“