Објавена публикација “Насоки за превенција, препознавање и за лекување на недостиг на витамин Д меѓу возрасната популација во Р С Македонија“
Македонско здружение за ентерална и парентерална исхрана во соработка со други лекарски здруженија подготви научна публикација “Насоки за превенција, препознавање и за лекување на недостиг на витамин Д меѓу возрасната популација во Р С Македонија“, што беше промовирана денеска на Медицинскиот факултет во Скопје. Оваа публикација, наменета за здравствените работници, има цел да даде осврт за улогата на витаминот Д кај разни ендокринолошки, гастроентеролошки, ревматолошки, кардиолошки, белодробни, невролошки и психијатриски заболувања. Исто така, таа нуди одговори на прашањата за тоа која е улогата и до кој степен хиповитаминозата на витаминот Д ја влошува веќе развиената клиничка слика, дали хиповитаминозата е причина за заболувањето или последица на заболувањето, колкава доза, до која целна вредност и колку долго треба да се суплементира витамин Д кај разни заболувања, како и кои се докажаните придобивки од корекцијата на хиповитаминозата.
Во подготовката на публикацијата беа вклучени и Македонско здружение за медицинска биохемија и лабораториска медицина, Научното здружение на ендокринолози и дијабетолози на Македонија, Македонско невролошко здружение, Македонско психијатриско здружение, Македонска ревматолошка асоцијација и Македонско респираторно здружение.
„Интересот и популарноста на витаминот Д се во постојан пораст. Актуелноста и контроверзиите околу витаминот Д особено дојдоа до израз во текот на пандемијата со ковид - 19 кога се покажа дека ниското ниво на овој витамин е поврзано со зголемената смртност од инфекцијата од ковид - 19. Ниско ниво на серумската концентрација на витамин Д е најдено и кај многу други хронични болести, како на пример кардиоваскуларните болести, малигните болести, невролошките и психијатриските болести итн. Оваа асоцијација за одредени стручни кругови е доволен аргумент недостигот од витамин Д да го прогласат за главна причина за лошата здравствена состојба на населението. Разбирливо е дека ваквото гледиште разбуди голем интерес, но отвори и полемики. Интересот за витаминот Д е присутен кај општата популација, но и во стручните и научни кругови“, истакна уредникот на публикацијата, проф. д-р Калина Гривчева Старделова, која е еден од авторите и уредник на публикацијата.
Со поддршка на АД Алкалоид публикацијата е отпечатена во тираж од 1.400 примероци и ќе се дистрибуирана до лекарските здруженија и лекарите ширум земјата.
Предговорот за публикацијата го напиша проф. д-р Ѓорги Дерибан, а автори се и проф. д-р Катерина Тошеска-Трајковска, вонр. проф. д-р Ирена Костовска, проф. д-р Соња Топузовска, проф. д-р Магдалена Генадиева-Димитрова, проф. д-р Весна Гривчева-Пановска, проф. д-р Татјана Миленковиќ, вонр. проф. д-р Саша Јовановска-Мишевска, вонр. проф. д-р Искра Битоска, проф. д-р Драгана Петровска-Цветковска, асс. д-р Драган Цибрев, проф. д-р Антони Новотни, асс. д-р Васка Митова, доц. д-р Габриела Новотни, д-р Сања Васовиќ, м-р д-р Мимоза Николовска-Котевска, проф. д-р Љубинка Крстиќ-Дамјановска, проф. д-р Деска Димитриевска, проф. д-р Јордан Минов и науч. сор. д-р. Марија Здравеска.