Vox Medici Интервју со проф. д-р Светозар Антовиќ, декан на Медицински факултет Скопје (УКИМ)
Нашата професија треба да е движена од инспирација и од одговорност, а не од прагматизам и од краткорочни интереси
Разговараме со новоизбраниот декан на Медицинскиот факултет Скопје, проф. д‐р Светозар Антовиќ, специјалист на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија, со богато професионално досие.
Која е Вашата оценка за состојбата на Медицинскиот факултетот во контекст што рејтингот на Универзитетот е во пад?
Потребно е да се направи системска анализа за причината на падот на рејтингот на определени листи на рангирање. Имам впечаток дека прелесно се носат заклучоци за причините за падот или подемот на кој било универзитет. Треба да се има на ум дека одливот на мозоци од земјава е еден од важните фактори, како и способноста да се привлечат странски студенти. На пример, Германија ги менува политиките на имиграција само за да стане попривлечна дестинација за студентите од странство и особено од Азија. Условите, и за едното и за другото се надвор од моќта на самиот универзитет и ова прашање е навистина комлексно. Исто, треба да се земе предвид дека расте бројот на сериозни алтернативни форми на рангирање, базирани на вештачка интелигенција, кои не се оптоварени со човечки фактор и лукративни мотиви, како Academic Influence - статусот на УКИМ кој таму е релативно стабилен и солиден, а параметрите се квалитативни.
Дали во просторно - организациска смисла и стручно-научен кадар Факултетот ги задоволува сите потреби за додипломската и постдипломската настава или има уште да се направи за поквалитетна едукација?
Секако, потребно е технолошко унапредување на условите на настава, повеќе визуелни и експериментални методи во процесот кои ја поттикнуваат иновативната и критичка мисла на студентите. Треба да се има предвид дека Медицинскиот факултет во Скопје е огромна организациона единица која секогаш ќе има потреба од унапредување на сите просторни и кадровски ресурси и како декан одредени области ми се зацртани како приоритети.
Постои ли дефицит од одредени специјалности и како планирате да го надминете проблемот?
Медицинскиот факултет е клучен носител на постдипломската стручна (професионална) едукација во специјалистичката и супспецијалистичка дејност. Наставниците од нашиот Факултет во континуитет работат на креирање и ажурирање на програмите за специјализација и супспецијализација, а истовремено се и реализатори на наставата на најголемиот број од специјализантите во земјава. Ние имаме сознанија за дефицитот на одредени специјалности, особено анестезиолози, педијатри, специјалисти по ургентна медицина. Свесен сум и дека на ниво на болниците, надвор од комплексот “Мајка Тереза” и надвор од Скопје, тој дефицит е многу понагласен за речиси сите специјалности. Свесен сум и за потребата од развој на одредени супспецијалности како што се интензивно лекување, геронтологија и сл., бидејќи тоа го диктираат од една страна демографските карактеристики на популацијата во Македонија, а од друга, развојот на современата медицина. Но, за жал, вклученоста на Медицинскиот факултет во креирањето на здравствената политика во земјава е лимитирана и следствено има мало влијание врз истата. Мојата интенција, како декан на најголемиот Медицински факултет во државава, е да водам проактивна политика и зголемена соработка со Министерството за здравство и останатите чинители во здравствениот систем, со цел - поголемо учество на медицинската академска заедница во креирање на кадровската политика, од што крајно бенифитот ќе го имаат граѓаните.
Дали сметате дека на Медицинскиот факултет научно - истражувачката работа е на задоволително ниво и доколку недостасуваат вакви проекти, што ќе преземете на ова поле?
Кога говориме за научно-истражувачката работа треба да ги земеме предвид внатрешните и надворешните ресурси. Внатрешните ресурси во суштина се наставниците на факултетот. Согласно анализата на Универзитетот, Медицинскиот факултет е еден од трите најпродуктивни јадра од факултетите на УКИМ. Значи, научен кадар не недостасува, и во услови на ограничени ресурси истиот е продуктивен во смисла на научно-истражувачка и публицистичка дејност. Но, за жал надворешните ресурси се ограничени, средствата за поддршка на проекти од страна на МОН изостануваат веќе неколку години. Искуството од развиените држави укажува дека државното инвестирање во наука и развој мора да биде доминантно во споредба со други извори на финансирање. Државата мора да почне да издвојува средства за оваа ставка во граници кои се на ниво на европските. Последните проекти поддржани од МОН главно беа насочени кон институтите на факултетот и фокусирани кон опремување на лаборатории и во тој контекст, токму минатата недела завршните извештаи беа презентирани од страна на главните истражувачи, а ќе бидат публикувани во списанието на МФ - Academic Medical Journal. УКИМ, на годишно ниво поддржува по еден научно-истражувачки проект од секоја единица на Универзитетот, додека Медицинскиот факултет ја продолжува традицијата на поддршка на тригодишни научно-истражувачки проекти од катедрите во рамките на Факултетот. Притоа, силно ја охрабруваме соработката меѓу клиниките во рамките на катедрите, како и меѓу клиниките и институтите.
Мислам дека квантитативниот аспект на биометриски успех (број на статии во журнали индексирани во некои од поугледните бази) е солиден, но за повисок академски рејтинг на која било од листите е потребно и учество во меѓународни проекти не само од типот на “Хоризонт Европа” туку и одредени УН проекти - кај нас ова ниту е препознаен фактор, ниту пак државните политики засега наградуваат напори од овој вид. Очигледно е какви политики на поттик се нужни за подобрување во оваа насока.
Има ли Медицинскиот факултет меѓународни проекти?
Како продолжение на одговорот на претходното прашање, нашите заложби одат во правец на вклучување на Медицинскиот факултет во меѓународните проекти финансирани од европските фондови. Во моментов, таа вклученост е преку наши наставници и соработници во неколку ЕРАЗМУС проекти и неколку COST action проекти. Наш кадар е вклучен како поднесувачи на проектите или како членови на Комитетите за менаџмент. На овој начин верувам дека ќе се стекнеме со искуство и вештина за да може, во периодов што следи, Медицинскиот факултет да се јави како активен подносител на проект од “Хоризонт програмата” или билатерални проекти со медицинските факултети од земјите од регионот и пошироко и тоа не само во позиција на партнерска организација.
Каква е соработката на Медицинскиот факултет Скопје со медицинските факултети во регионот и пошироко (размена на искуства, на наставно-научен кадар, размена на студенти)?
Една од моите програмски цели е ефективно и континуирано градење на партнерски односи и соработка преку имлементација на проектни активности со факултети и со сродни асоцијации и токму заради тоа за прв пат на Медицинскиот факултет именуван е Продекан за меѓународна соработка, со што јасно се гледа каков е фокусот на ова поле. Медицинскиот факултет веќе неколку години е член на European Credit Transfer System - Medical Association (ECTS-MA), каде што членуваат уште 60 други европски медицински факултети. Медицинскиот факултет има билатерални договори за мобилност на студенти и наставен кадар во состав на ЕРАЗМУС+ програмата со повеќе странски факултети, вклучувајќи ги Медицинскиот факултет во Каен, Безансон и Лион во Р Франција, Медицинските факултети во Л`Аквила и Фоџа во Р Италија, Љубљана и Марибор во Р Словенија, медицинските факултети во Риека, Сплит и Осиек во Р Хрватска, факултетите во Белград и Ниш, Р Србија, факултетите во Софија и Пловдив, Медицинскиот факултет во Јанина, Р Грција, Медицинскиот факултет на државниот Универзитет во Истанбул, Универзитетот Меденијет исто во Истанбул и Медицинскиот факултет во Едрене, Р Турција. Во тек е административната постапка за продолжување на билатералниот договор за соработка со Медицинскиот факултет на Универзитетот во Мичиген, САД. Во тек се и преговори со Медицинскиот факултет на Универзитетот во Хамбург. Секоја едукација, размена на искуство и експертиза е од особена важност за секој професор и студент, без разлика дали е тоа во институција со која споделуваме понапредни или слични здраствени или економски особености. Соработката со медицинските факултети е уште една фундаментална мерка во насока на унапредување на областа, односно,, прозорец,, преку кои добиваме или разменуваме корисни знаења и идеи и вмрежување. Такво искуство имав неодамна во Бостон на Американскиот Колеџ на хирурзи и како член од Македонија во оваа угледна асоцијација ќе ги направам сите напори за да воспоставиме поблиска соработка со Американскиот Колеџ на хирурзи како Медицински факултет. Сите вакви можности, ќе ги користиме за да иницираме поголема академска мобилност со што ќе инвестираме во квалитетот на наставно-научниот кадар и во надградување на капацитетите за квалификација на студентите.
Како декан и како доктор кој во професионална смисла е реализиран и докажан во областа на медицината, што би им препорачале на младите колегите кои сега започнуваат студии на Медицинскиот факултет Скопје (УКИМ)?
Станувате лекари поради вистинска и искрена страст кон оваа професија и нејзините предизвици. Како и секоја професија, и лекарската треба да е движена од инспирација и од одговорност, а не од прагматизам и од краткорочни интереси. Медицината е тешка, но и благодарна професија. Треба да ја сакате медицината и да бидете восхитени од чудесната значајност што ја имал нејзиниот развој за доброто на човештвото, во спротивно не вреди ни да започнете со изучување на оваа област.