Годинава 440 лекари положија стручен испит
Во 10 испитни сесии кои беа организирани во текот на 2023 година стручен испит положија вкупно 440 доктори на медицина кои ги исполнуваат условите за добивање на лиценца за работа. Најголем интерес за полагање на стручен испит и оваа година имаше во декемвриската испитна сесија кога положија 232 доктори на медицина.
Докторите на медицина по завршување на медицинскиот факултет и приправничкиот стаж, најдоцна во рок од една година треба да полагаат стручен испит за да може да се стекнат со лиценца за работа. Организацијата на полагањето на стручниот испит е една од надлежностите на Комората, покрај издавањето на лиценци, водење на Регистар на лиценци, акредитација за континуираната медицинска едукација и спроведување на стручен надзор.
Минатата 2022 година стручен испит положиле 435 доктори на медицина, во 2021 уверенија за положен стручен испит добиле 350, а во 2019 година оваа бројка била 420.
Во 2024 година Комората ќе го модернизира процесот на полагање на стручен испит, по примерот на останатите коморски асоцијации од западно-европските држави со кои се остварува блиска соработка. Базата на испитни прашања е обновена и дополнета и веќе е објавена на интернет страницата на Комората. Новина ќе биде тоа што писмениот дел од испитот ќе се полага на компјутер, каде посебен програм ќе генерира тест со испитни прашања и понудени одговори од кои само еден ќе биде точен. Откако ќе бидат одговорени сите прашања, компјутерскиот програм автоматски ќе го дава и бројот на точни одговори. Докторите кои точно ќе одговорат 60 проценти од прашањата ќе се упатуваат на полагање на практичен и устен дел од испитот. Во практичниот дел докторите ќе добиваат студија на случај на пациент и тие треба да објаснат како ќе го лекуваат. Во последниот устен дел, како и досега, акцентот се става на познавањето на етичните норми и правила кои лекарот треба да ги почитува во практикувањето на докторската дејност.