Став на ЛК за случувањата на Клиниката за онкологија и радиотерапија
Лекарската комора на Република Северна Македонија изразува голема загриженост во однос на вознемирувачките информации изнесени во медиумите за наводни злоупотреби со цитостатици на Клиниката за онкологија и радиотерапија, што доколку се покажат како вистинити ќе значат голема повреда на правата на пациентите, но и непочитување на основните етички принципи во вршење на здравствената дејност, што треба да бидат приоритет во работата на секој лекар и секој здравствен работник воопшто.
Ниту еден пациент во нашата земја, особено онколошки пациенти кои се наоѓаат во животно-загрозувачка состојба не смеат во ниту еден момент да бидат доведени во ситуација да не им биде достапна во целост терапијата која се обезбедува од пари од буџетот на Фондот за здравствено осигурување или од Министерството за здравство, а уште помалку таа терапија да биде злоупотребена за лична корист на поединци.
Лекарската комора дава поддршка на јавно-обвинителскиот систем и органите на истрагата кои очекуваме час поскоро да ги расчистат поставените сомневања и да споделат со јавноста точни информации за тоа што точно се случувало на оваа Kлиника, која е единствена здравствена установа од ваков тип во нашата земја и каде се лекуваат најголем број од пациентите кои имаат малигни заболувања. Исто така, цврсто сме убедени дека на Клиниката за онкологија и радиотерапија има чесни здравствени работници кои совесно, одговорно и професионално ги лекуваат пациентите и овие успешни приказни исто така треба да добијат простор во јавноста, поради што и истакнуваме дека не треба да се даваат колективни осуди, туку точно треба да бидат посочени и санкционирани виновниците врз основа на релевантни докази.
Лекарската комора будно ќе ги следи сите случувања и навремено соодветно ќе реагира во рамките на своите надлежности доколку се докаже дека одредени лекари од оваа клиника сториле злоупотреби со кои ги повредиле етичките принципи и кодексот на медицинската деонтологија или нанеле директна штета на пациенти во процесот на лекување.