VOX Medici Интервју со проф. д-р Ирина Пановска - Ставридис, директор на Универзитетската клиника за хематологија - Скопје
Работата на хематологот е исклучително одговорна, затоа не е само работа, туку животна мисија
Проф. д-р Ирина Пановска - Ставридис е една од ретките која ги урива стереотипите за типичен македонски лекар, дисциплиниран професионалец, научник и директор на Универзитетската клиника за хематологија во Скопје. Нејзиното име е едно од најпочитуваните во круговите на хематологијата и трансплантација на матични хематопетски клетки. Важи за докторка која поместува чекор понапред во македонскиот здравствен систем, преку осовременување на терапискиот пристап во лекувањето на малигните хематолошки болести на крвта и унапредување на областа на трансплантацијата на матични клетки.
Како директор на Универзитетската клиника за хематологија, на што сте фокусирани во моментов?
Примарно, сум фокусирана кон соодветна грижа за пациентите. Инсистирам, како Клиника да обезбедиме висококвалитетен и персонализиран третман на пациентите со заболувања на крвта. Ова вклучува дијагностицирање и управување со различни хематолошки состојби, бенигни и малигни, како што се анемии, леукемии, лимфоми, мултипен миелом и сите останати хематолошки заболувања. Многу ми е важно да градам тим со кој ќе го следиме напредокот во дијагностиката, новите тераписки опции и најновите истражувања и клинички испитувања во областа на хематологијата. Пациентите заслужуваат и треба да имаат пристап до најефикасните иновативни тераписки можности. Покрај грижата за пациентите и обезбедување современа терапија, клучно е поттикнувањето на тимската работа и менторството во оваа област. Настојувам да обезбедам поддршка на младите колеги, соработници и други помлади хематолози, да го поттикнувам нивниот професионален развој и да им помагам да изградат успешна кариера, преку култура на континуирано учење и подобрување.
Каков е соодносот на бројот на пациенти кои се лекуваат на Клиниката во споредба со состојбата од пред пет години и на што се должи ваквиот тренд?
Искуствата и статистиките на Клиниката за хематологија потврдуваат дека стравот од вирусот на ковид-19 сериозно влијаел врз пациентите со малигни хематолошки заболувања кај нас. Според податоци од интерната статистика на Клиниката, забележан е невообичаен пад во инциденцата од околу 20 отсто кај хроничните малигни хематолошки болести, особено лимфомите, во однос на периодот пред пандемијата.
Во светот, и покрај пандемијата со ковид-19, глобалната инциденца на малигните хематолошки болести последните 30 години, освен на почетокот на 2020 година кога сè запре, е во пораст, а овој тренд го следат и државите од нашето тесно опкружување. Ваквата разлика кај нас, во однос на соседните држави, упатува кон три главни проблеми и тоа, свесноста за малигните лимфоми кај општата популација и, за жал, кај дел од нашите колеги, патот и чинителите во дијагностиката на малигните лимфоми и времетраењето на дијагностиката.
Поради тоа, Здружението за хематологија на Македонија во 2022 година, спроведе проект насловен „Унапредување на раната дијагностика и третман на пациентите со лимфом и мултипен миелом во Република Северна Македонија: Предизвици и можности”, со цел да се унапреди и подобри раната дијагностика и третманот на пациентите со лимфоми и миеломи.
Равенката е едноставна, што порано откриена малигна хематолошка болест, можност повеќе за излекување, помалку оптоварен здравствен систем, помалку трошоци за лекување.
Но, морам да напомнам дека бројот на пациенти третирани на Клиниката за хематологија во споредба со пред пет години варира и врз основа на неколку други фактори.
Прво, растот на населението, потоа стареење на населението. Ако се земе предвид дека кај дел од хематолошките нарушувања, особено хроничните малигни, инциденцата расте со возраста, со зголемување на процентот на постари лица во популацијата, ќе има поголем број пациенти кои бараат хематолошки третмани.
Важно е да се напомене дека специфичните трендови и соодноси може да варираат во зависност од различни локални и регионални фактори, како што се демографијата на населението, здравствената инфраструктура и специфичните достигнувања во областа на хематологијата.
Пред повеќе од две години Клиника доби донација од САД. Дали со донацијата се постигна целта - да се прошират капацитетите за хоспитализација и да се модернизира Клиниката?
Надградувањето на инфраструктурата на Клиниката за хематологија за нас и за нашите пациенти значи многу. Токму со оваа донација се заокружува процесот на реновирање на Клиниката каде веќе се воведени нови и современи методи за лекување и тоа овозможува хематологија да прерасне во регионален центар за лекување на пациентите со малигни хематолошки заболувања. Досега, Клиниката имаше капацитет да спроведува 50 - 60 трансплантации годишно и притоа пациентите од регионот кои бараа здравствена помош кај нас, многу често не можевме да ги прифатиме бидејќи немавме просторни услови. Сега, со новоизградениот Оддел ние прераснуваме во регионален центар и директна придобивка од оваа донација ќе имаат околу 100 македонски здравствени корисници на годишно ниво и 20 пациенти од регионот. Благодарни сме што САД, ги препозна нашите резултати и залагања за осовременување на експертизите во областа на современата хематологија и ни доделија грант во висина од еден милион долари за подигнување на просторните услови.
Недостасува ли кадар?
Недостиг од медицински персонал е значајно прашање што влијае на здравствените системи на глобално ниво. Нема доволно здравствени работници, вклучувајќи лекари, медицински сестри и друг кадар поврзан со здравствената дејност, за да ги задоволат здравствените потреби на населението.
Примарен фактор е зголемената побарувачка за здравствени услуги поради растот на населението, стареењето на населението и преваленцата на хронични болести. Како што населението продолжува да расте и старее, потребата за здравствени услуги се зголемува, со што дополнително се оптоварува постојната работна сила во здравството.
Друг фактор е погрешната распределба на здравствените работници. Во многу региони, постои нерамнотежа во распределбата на медицинскиот персонал, со концентрација на даватели на здравствени услуги во урбаните области, додека руралните и одалечените области често се соочуваат со недостиг на професионалци. Овој диспаритет го ограничува пристапот до здравствена заштита за поединци кои живеат во недоволно опслужени области и го влошува севкупниот недостиг.
Дополнително, времето и трошоците потребни за обука на здравствените работници придонесуваат за недостигот. Медицинското образование и обука се долги и тешки процеси, кои бараат значителни инвестиции на време и финансиски ресурси. Ова може да ги одврати поединците да продолжат со кариерата во медицината, што дополнително го влошува недостигот.
Недостигот од медицински персонал има неколку импликации за здравствените системи, зголемено време на чекање за пациентите, ограничен пристап до специјализирана нега и компромитиран квалитет на здравствените услуги. Преоптоварените здравствени работници се исцрпени, што секако влијае на квалитетот на грижата за пациентот и на севкупните резултати од здравствената заштита.
Пред ковид-19 пандемијата почна работите да се движат во позитивен правец, се зголемија платите, се подобрија условите за работа, вработија првенци на генерација, надлежните го препознава значењето на силниот здравствен систем за стабилност на државата и почна да се подобрува системот на вреднување на нашиот труд.
Но, решавањето на недостигот на медицински персонал бара сеопфатни стратегии. За да се обезбеди соодветна и добро распределена работна сила во здравството, способна да ги задоволи потребите за здравствена заштита на населението кои се развиваат, потребни се заеднички напори од креаторите на политиките, здравствените организации и образовните институции. Министерството за здравство својата работа ја насочи кон решавање на одредени неодложни проблеми.
Она што го очекувам е донесување на нова здравствена политика која ќе ги реши причините за овој проблем.
Постои ли интерес кај младите доктори за стручно постдипломско усовршување како хематолози?
Количината на информации што треба да ги има просечниот лекар за да знае да практикува медицина ефективно се зголемува од година во година. Не е лесен патот да се достигнат значајни истражувања, како и клинички изложувања. Секој кој се занимава со клиничка или лабораториска истражувачка кариера мора да размислува проактивно за интегрирање на пресвртниците во важните фази на обука и кариера и во личниот живот.
Има интерес, се разбира, но прашањето е глобално и важи и кај нас - Дали е доволно ?
Мојот совет е студентите да не стравуваат да прифатат предизвик. Животот не го нуди истиот предизвик за сите. Треба да се биде отворен за учење, зборувам од искуство. Хематологијата е поле на кое постојано се откриваат нови начини и пристапи на лекување. Споделете ги своите вештини и обликувајте подобар живот за оние на кои им е потребна.
Нешто повеќе за Проект на Клиниката за хематологија што беше одобрен од Меѓународниот центар за генетски инженеринг и биотехнологија (ICGEB) - Италија во областа - ковид 19?
Проект на Клиниката за хематологија – Скопје, за научно - истражувачки проекти во областа на ковид-19, е избран во конкуренција од 38 меѓународни поднесоци до Меѓународниот центар за генетски инженеринг и биотехнологија (ICGEB) во Трст, Италија.
Станува збор за заеднички проект, подготвен во соработка со еминентните експерти и академици, вклучени се и повеќе клиники и Центарот за генетски инженеринг и биотехнологија од Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Целите на ова истражување беа да се утврди зошто кај некои пациенти имуниот систем не успева да се справи со ковид-19 инфекцијата во почетните фази, дали може да се предвиди текот на болеста и дали, евентуално, би можело да се интервенира за да се превенира тежок облик или несакан исход.
Овој меѓународно поддржан проект ни даде шанса да се вклучиме во глобалната научна борба за справување со пандемијата ковид-19 и покажа дека во мала земја како нашата е препознаен потенцијал за научно – истражувачка работа.
Колку на Клиниката стручно - научниот тим, покрај секојдневните обврски, успева да издвојува време и за истражувачка дејност?
Сè уште учам секој ден. Потребна е јасна визија и насока кога ни се дадени такви одговорности.
Ниту еден од моите предизвици не се споредува со она со што се справуваат моите пациенти секој ден. Многу од нив се справуваат со ситуации опасни по живот. Нивното бодрење и упорност секогаш ме мотивираат да продолжам да се трудам повеќе. Неверојатно е предизвикувачки да се работи на истражувачката дејност, ако се земе предвид дека една од најголемите промени е обемот и брзината со која може да се генерираат податоците.
На што се должат успесите на Клиниката?
Да се биде член на Европската асоцијација за трансплантација на коскена срцевина (EBMT) значи посветеност до извонредност во трансплантацијата на матични клетки. Соработката со тимови за трансплантација и учеството во меѓународни мрежи може да придонесе за размена на знаења, истражувачки соработки и пристап до напредни терапии за трансплантација.
Но, успесите се должат и на експертизата и знаењето бидејќи хематологијата е сложена област која брзо се развива. Постојаното учење и постојаното ажурирање со најновите истражувања и упатства се од витално значење. Многу е важна тимската работа и соработка за успех. Хематологија често се потпира на ефективна тимска работа и соработка меѓу лекарите, медицинските сестри, лабораториски техничари и помошен персонал. Грижата насочена кон пациентот е клучна за успехот, емпатична комуникација и вклучување на пациентите во одлуките за третман. Активното учествуваме во истражувачките активности, клиничките испитувања и иновациите кои се од витално значење за унапредување на полето на хематологијата. Ангажирањето во истражувачки проекти, придонесот за научни публикации и усвојувањето иновативни пристапи за третман го подобри угледот на Клиниката. Подобрување на инфраструктурата и ресурсите, напредна дијагностичка опрема и пристап до разновиден опсег на терапии и соодветното екипирање, вклучувајќи млади квалификувани лекари, медицински сестри и помошен персонал, кои се од суштинско значење за сеопфатна нега.
Една од многу важните цели, на која бевме фокусирани, е едукација и поддршка на пациентите за нивните состојби и опции за третман. Ова се клучните фактори коишто придонесуваат за успех на Клиниката за хематологија.
Делувате за лидер кој секогаш е во акција. Кои се следните планови?
Чест ми е што сум дел од континуираниот напредок и развој на Клиниката за хематологија и што заедно како тим служиме за пример во македонскиот здравствен систем. Добрата волја и оригиналноста на колегите ме воодушевува.
Посакувам да има ден кога на ниту еден пациент во Македонија со рак или други болести на крвта нема да му е проблем лекувањето поради недостапност, пристапност или достапност.
Се трудам да ја надоградам посебната специјалност на клиничката хематологија и трансплантација на коскена срцевина што досега беше пречка за голем дел на пациентите во нашата земја, во однос на трошоците и експертизата. Со текот на времето, се надевам дека ќе можеме да ги зголемиме бројките на трансплантации, ќе станат рутина и детските трансплантации во кои сè уште ги правиме пионерските чекори, ќе добиеме меѓународна JACIE акредитација за трансплантација и како регионален центар ќе третираме голем број пациенти што значително ќе ни помогне да ги намалиме трошоците и да го направиме лекувањето подостапно за оние на кои им е потребно. Исто така, се надевам дека ќе прераснеме во Центар за обука, кој ќе им овозможи на повеќе студенти да се вратат во јавното здравство, да се отворат нови работни места и да се формираат повеќе единици за трансплантација за да ги задоволат растечките потреби на нашата земја. Следен најголем предизвик пред мене и нашите хематолозите е да создадеме услови за воведување на најновите современи клеточни, CART-T клеточни терапии кои се сега најактуелни и најветувачки третмани за тешко болните, досега неизлечиви пациенти со хематолошки малигнидитети и оние со солидни тумори. Ова ќе преставува можност повеќе за продолжување на животот на македонските осигуреници.
Извонредно е чувството бидејќи ги остварувам моите планови, посакувања не само во медицината, на работа, туку и како и мајка. Работата како лекар, хематолог е исклучително тешка, затоа не е само работа, туку животна мисија.