VOX MEDICI Интервју со доц. д-р Викторија Јовановска, директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство
Успехот не е само крајниот резултат, туку и што ќе научите попат
Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во изминатите пет години инвестираше околу 2,2 милиони евра во медицинска опрема, успеа да го засили стручниот тим со искусни лекари и придонесе за намалување на стапката на смрност кај предвреме родените деца. За овие успеси разговараме со директорката на Клиниката, доц.д-р Викторија Јовановска.
Значително е намалена смртноста на предвреме родените бебиња, и тоа од 25% во 2016 година на 8,2% во 2022 година, што е голем успех и сатисфакција за стручњаците од ЈЗУ Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство. На што се должи оваа успешна работа во изминативе неколку години?
Како е да сте прв гинеколог на гинекологија? Што за вас претставува функцијата директор на Клиника за гинекологија и акушерство?
Како доктор, гинекологијата е љубов. Како директор, е одговорност без работно време, без право на целосно слободен годишен одмор, без право на исклучен мобилен. Да се биде менаџер, а истовремено и доктор, е предизвик, значи да имате увид за здравјето на пациентите, увид на случувањата на 12000 метри квадратни површина, исправност на сè, комуникација со голем број од персоналот, тековни работи за нормално функционирање на Клиниката, формула за сите инцидентни проблеми што можат да се појават, како од техничка природа, така и од аспект на влошувањето на здравјето на одредена пациентка. Директор значи одговорност пред системот, пред самиот себеси, пред целиот персонал, пред пациентите.
Кои се новините што се воведуваат на Клиниката за гинекологија и акушерство?
Во изминатите пет години на Клиниката се инвестирани околу 2,2 милиони евра во медицинска опрема (15 нови инкубатори, исто толку монитори, три нови апарати за механичка вентилација, нов дигитален РТГ апарат, апарат за скрининг на отоакустични емисии, перфузори, инфузиони пумпи, поголема инвестиција во инфраструктурата на самото одделение, како и континуираната едукација на персоналот). За оваа година е предвидена набавка на дополнителна современа медицинска опрема која навистина го следи светскиот тренд во третманот на пациентките. Во процедура сме за обезбедување на еден од најсовремените ултразвучни апарати за безбедна бременост. Деновиве, на Клиниката ѝ беше врачен меморандум за соработка помеѓу македонската и грчката Влада, како и Фондацијата за фетална медицина предводена од еминентниот проф. Николаидес, под чие менторство на нашата Клиника ќе биде отворен центар за дополнителна едукација на сите специјалисти гинеколози од целата држава. Странски предавачи ќе ги извршуваат обуките, при што за таа цел обезбедивме реконструкција на дел од просториите на Клиниката, обезбедивме донација за два, исто така најсовремени ултразвук апарати кои навистина ќе обезбедат високософистициран пристап во дијагностиката на феталните аномалии кај плодот.
Освен директната поврзаност со менаџирање на здравствениот кадар на Клиниката и секако, со потребите и барањата на граѓаните, какво е вашето искуство со едукација на младите кадри кои работат на оваа Клиника и успевате ли сè да постигнете?
ГАК претставува наставно-научна установа и својствено на тоа, во природата на нашата установа е да едуцираме кадри. Клиниката има востановена пракса за континуирана едукација како за младите кадри кои доаѓаат на специјализација и супспецијализација, така и за континуирана едукација на постојниот кадар кој работи во неа. Менторството и едукативниот дел се пракса, благородна цел, но и своевидна одговорност за тоа какви идни генерации ќе создадете и оставите.
Може ли да ни кажете кои се вашите цели во работата, лични, како доктор и целите што ги имате за Клиниката како директор?
Целите се секогаш исти, а тоа е да не бидете исти. Постојано да тежнеете кон лично унапредување, но истовремено тоа позитивно да се одрази и на колективното работење.
Чекор понапред, скала повисоко. Имајќи предвид дека мојата професионална определба и мисија е доктор, постојано да им помагаш на луѓето кога си им најпотребен, да се биде директор на институција која исто така им помага на луѓето е спој помеѓу личната и колективната цел. Успехот не е само крајниот резултат, туку и што ќе научите попат.
Скопје е една авангардна средина, социолошки и културолошки. Ја водите ли Клиниката за гинекологија на тој начин?
Постојат одредени кодекси како треба да функционира оваа, јасно дефинирана по Статут, институција. Природата на работата е таква што секојдневно се соочуваме со категорија на пациенти кои доаѓаат од социјална и културолошки различна средина, но за време на болка кога ви се обраќа пациентот буквално сите ви се исти и единствениот елемент кој тогаш ви помага и вам за полесно да го разберете и нему за да му помогнете, е емпатијата и професионалноста. Од друга страна, ние сме колектив со околу петстотини вработени, сите различни во карактерите, но сите заедно со иста цел. Во едни такви услови, на површина ви излегуваат сите вештини за успешно менаџирање со човечките ресурси. Важно е да ги воочите потребите на сите нив, а воедно да им овозможите и реализација на одредени нивни потреби коишто често не се зад светските текови на организирање на работното место, нови инвентивни пристапи кон пациентите, создавање на можности за примена на алатки кои се современ начин на комуникација, прифаќање на идеи и стилови кои понекогаш можеби се и авангарда во споредба со старите устоличени теркови на работа.
До пред две години имавме само „мирнодопски“ грижи. Може ли да ни направите една паралела за функционирањето на Клиниката пред и по ковид-19?
Секако дека и во „мирнодопски“ услови, условите не се извонредни, но за време на пандемијата видовме како се работи и во вонредни услови. Пред пандемијата установата си работеше како часовник. Точно се знаеше кога, што, во колку. За време на пандемијата тој часовник се претвори во аларм. Иако медицинскиот персонал генерално е научен да работи под притисок, оти никогаш не знаете колку возила на брзата помош ќе ви дојдат во текот на ноќта, колку крв ќе изгуби пациентот во текот да денот, чука ли правилно срцето на некое бебе, пандемијата бараше инфраструктурни промени, регрутирање на одреден број од персоналот, посебни правила и прописи на однесување и големи материјални трошоци. Во услови кога и персоналот ви се заразува, во услови кога секој пациент потенцијално е заразен, во услови на психолошки притисок од пандемијата, вработените на клиниката која беше единствен центар за ковид - позитивни бремени жени во државата, пандемијата ја прифатија како еден од најголемите предизвици. Од самиот почеток нè следеше паролата: „кога ако не сега, за кого ако не за пациентите“, и тоа навистина даде резултати. Не дозволивме ширење на болеста таму каде што ја нема, успеавме да обезбедиме доволно потрошен материјал за сите, дури и смртноста на бебињата за време на најголемите бранови на ковидот беше во опаѓање. Како одминува пандемијата, нештата се враќаат во својот тек.
Како и колку успеавте да го смените секојдневното функционирање што го наметнаа новите прилики? Дали докторите се подготвени за вакви предизвици?
Да, персоналот на Клиниката веќе докажа дека е подготвен за предизвици. За време на поновата историја видовме дека нашиот персонал е исправен пред сите предизвици. И тогаш, кога имаше конфликт во државата, истиот беше на повик 24 часа за да пружи помош во која било здравствена установа доколку биде повикан, и тогаш кога ги има најтешките случаи на справување со смртта и тогаш кога недостасуваше опрема. Сега, кога недостасуваат гинеколози низ државата, нашиот персонал со мобилна амбуланта по не знам кој пат го посетува секое село и град, па дури и најнедостапните места, за да извршува редовни гинеколошки прегледи, за време на епидемиите во државата, но и сега, за време на пандемијата. Се надеваме на што помалку вакви искушенија, но подготвени сме за тоа.
Колку вие, како директор на една важна и голема јавна здравствена установа, успевате да одговорите на секојдневните барањата и потреби на своите колеги?
Успешниот менаџер е добар планер, организиран и најчесто без мотивациски вештини на лидер, додека успешните лидери се способни да стимулираат расположение и посветеност, но немаат менаџерски вештини. Лидерите преземаат ризик, додека менаџерите го контролираат ризикот. Како директор на здравствена установа мора да ја пронајдете средината и да дејствувате во согласност со потребите на вашите колеги и со потребите на пациентите.
Имате ли доволно медицински персонал? Колку сте мобилни и колку од колегите заминуваат само во една насока?
Имаме доволен број доктори специјалисти. Средниот и високообразован медицински персонал секогаш е добредојден. Она што е важно, дека во моментов немаме одлив на персонал, освен поради пензионирање. На Клиниката владее убава работна атмосфера со луѓе кои со причина се одлучиле за оваа професија, со љубов ја работат, имаат можност за кариерен развој и тоа е веројатно императив да го задржите персоналот. Во последните години имаме дури и тенденција за враќање на персоналот од приватните болници во ГАК.
Која е стратегијата што ја користете за да го подобрите задоволството на пациентите од услугите на ЈЗУ Клиника за гинекологија и акушерство?
Јас и мојот тим имаме една наша интерна филозофија, а тое е: „работи на имиџот, да ти се покаже на рејтингот“, а тоа значи дека преку континуирано следење на работата во сите сегменти, преку идентификување на проблемите, преку постојано следење на задоволството на пациентите преку редовни анкети, преку градење на стратегија за подобрување на условите за работа на персоналот, постојано инвестирање во опремата, преку континуирано вложување во персоналот во едукации и обуки, преку подигнување на нивото на хоспиталната култура, расте мотивацијата кај вработените, а тоа се одразува и на се поголемото задоволство кај пациентките. Доказ за тоа се и бројот на извршени прегледи на годишно ниво, бројот на хируршки интервенции, бројот на породувања, тежината на дијагнозите поради кои ни се обраќаат пациентите и др.