Средба на Лекарска комора и Јавно обвинителство: Стручниот надзор не го заменува судско-медицинското вештачење
Унапредување на соработката и зголемување на ефикасноста во водењето на постапките беше во фокусот на средбата на претседателката на Лекарска комора проф. д-р Калина Гривчева Старделова и Јавниот обвинител на РСМ, Љубомир Јовески. Средбата се реализираше на иницијатива на Лекарската комора, со цел да се разгледаат барањата за вршење стручен надзор како дел од постапката во конкретни предмети кои надлежни јавни обвинители ги доставуваат до Комората.
Проф. д-р Гривчева Старделова појасни дека вршењето на стручен надзор врз работата на здравствените установи и здравствените работници е една од надлежностите на Лекарската комора дефинирана со Законот за здравствена заштита. Надзорот се врши на барање на пациент, член на негово семејство и државен орган. Комисијата која го врши надзорот се формира за секој случај посебно во зависност од медицинската специјалност со која е поврзан случајот, а докторите кои го вршат се вработени во здравствените установи. Стручниот надзор има за цел да го подигне квалитетот на здравствената дејност и тој не содржи елементи на судско-медицинско вештачење.
„Евидентирана е потреба да се направи дистинкција меѓу стручниот надзор кој го прави Комората заради контрола и оцена на стручната работа, спроведување на стручните упатства како и процена на условите и начинот на укажување на здравствената заштита и она што му е потребно на Обвинителството во истрагите кои ги води “, истакна Гривчева-Старделова.
Таа појасни и дека Лекарската комора како и лекарите кои ги ангажира за извршување на стручниот надзор ја разбираат потребата на пациентите и интересот на јавноста, поради што вложуваат максимални напори да одговорат што побрзо на доставените барања за вршење на стручен надзор. Поради короната имаше поголем број на барања, поради што динамиката беше забавена, но овој проблем е во фаза на надминување. Во време на пандемија приоритетот на дејствување на лекарите беше насочен кон лекување на пациентите, а имајќи предвид дека истите тие се ангажираат и за стручен надзор не можеше да се одговори на барањата за стручен надзор со очекувана динамика.
Од страна на Јавниот обвинител на РСМ Јовески, пак, беше нагласено дека стручниот надзор на Лекарската комора секако не го заменува судско-медицинското вештачење, а со увид во конкретните предмети ќе се провери потребата од барање на надзор од Комората за разјаснување на фактичката состојба.
Јавното обвинителство и Комората се договорија во наредниот период да преземат заеднички активности за да се дефинира и прецизира формата на соработката со цел подигнување на ефикасноста во работењето.
Согласно Законот за здравствена заштита, за да се изврши надзор од страна на Лекарската комора потребно е подносителот на барањето до Комората да достави писмена пријава и комплетна документација за случајот, која често се доставува некомплетна или со задоцнување, што може да биде една од причините за доцнење на надзорот. Комисијата ја разгледува целокупната медицинска документација по потреба прибира и изјави од засегнатите страни и врз основа на тоа дава стручниот извештај за констатираната состојба кое го доставува до министерот за здравство и установата во која е извршен надзорот. Согласно Законот за здравствена заштита министерот може да предложи Комората да поведе постапка за одземање на лиценцата за работа на здравствен работник; да предложи до здравствената установа да спроведе постапка за преместување на друго работно место и/или за упатување на дополнително стручно усовршување и да иницира вршење на инспекциски надзор од надлежен орган.