Поддршка за повикот за медицинска помош за Р. Турција
Лекарска комора: Хуманоста се покажува на дело
Лекарска комора упатува апел до сите доктори на медицина и други здравствени работници кои се во можност да помогнат во справувањето со последиците од катастрофалниот земјотрес што ги погоди Турција и Сирија и да се пријавуваат на повикот кој вчера го објави Министерството за здравство. Комората изразува длабоко сочувство за жртвите од земјотресот, загуба која никогаш нема да може да се надомести.
Ја истакнуваме итната потреба да се помогне во укажување на помош и лекување на повредените. Хуманоста и солидарноста е основан предзнак на нашата професија, а сега е важен момент тоа да се покаже на дело. ЛКРСМ исто така испрати и писмо за поддршка до Лекарската комора во Р. Турција во кое искажа подготвеност за помош со ресурсите со кои располага.
Граѓаните и здравствените работници на нашата држава знаат што значи поддршката во вакви моменти, особено со фактот што многу наши семејства биле директно погодени од ваква природна катастрофа за време на земјотресот во 1963 година во Скопје. Во овој момент е најважно да се обединат сите ресурси за помош кои постојат и да се насочат во подрачјата каде е најпотребно. Комората е во постојана комуникација и со Министерството за здравство со кое заеднички ги планира наредните активности за поддршка.
Повеќе информации и формулар за пријавување интерес на следниот линк: