ЛК: Потребна е итна реакција на институциите за заштита на лекарите од лажното рекламирање
Лекарска комора, како професионално здружение на сите доктори по медицина, најостро ги осудува сите обиди за злоупотреба на професионалниот интегритет и авторитет на лекарите преку различни форми на реклами за лекови, помошни средства за лекување, додатоци во исхраната и постапки за лекување во кои се злоупотребува нивниот идентитет и професионален интегритет.
Во последно време стана зачестена појавата на лажни и манипулативни реклами за т.н. медицински производи, препарати и методи кои се пласираат на интернет. Во вакви огласи и текстови често се појавуваат измислени изјави или интервјуа на вистински лекари и се објавуваат нивни фотографии што е целосно незаконски. Лекарите не даваат дозвола за користење на нивното име и професионален интегритет за рекламирање на овие препарати поради што ова може да се смета за кражба на идентитет, лажно рекламирање и злоупотреба на лични податоци за остварување на материјална корист.
Лекарската комора, од надлежните институции, бара навремено и ажурно да постапат по поднесените кривични пријави и да ги санкционираат овие случаи, со што би се заштитиле докторите и би се спречило повторување на овие случаи. Надлежните институции треба да ја интензивираат динамиката со која испитуваат кој, како и за која цел ги поставува овие сомнителни содржини и, согласно утврдената состојба, да ги санкционираат сторителите. Недозволиво е овие случаи да се игнорираат и остануваат без правна разрешница.
Апелираме лекарите овие случаи да продолжат да ги пријавуваат и јавно да информираат за ситуации во кои без нивна согласност и одобрение, некој се претставува во нивно име или го користи нивниот професионален интегритет.
Дополнително ги предупредуваме граѓаните дека ваквите производи може да содржат материи кои сериозно би наштетиле на нивното здравје. Дури и во случај кога препаратите не содржат штетни материи, со самото тоа што им се препишуваат лековити својства кои реално не ги поседуваат, граѓаните намерно се доведени во заблуда и со тоа се загрозува нивното здравје. Поради тоа, би ги посоветувале пациентите, кога одлучуваат да ја променат терапијата, да почнат нова или во постоечката да вклучат нов препарат, задолжително да се консултираат со својот матичен лекар или специјалист, бидејќи само тие можат да им помогнат да донесат правилна одлука за нивното здравје и во никој случај не смеат да се поведуваат по реклами на интернет и по туѓи искуства.